Жената со Даунов синдром со златни раце: Приказната на Бети Петковска

Баба ѝ ја научила да плете уште како малечка и таа до ден денес создава прекрасни ракотворби - огрлици, украси за коса, миљенца, торби..

При една случајна средба со една моја драга пријателка, за око ми запна прекрасната плетена огрлица што ја носеше направена од црвено-бели цветови. Кога ја прашав откаде ѝ е, ми одговори-Бети ми ја подари. Тогаш првпат слушнав за Елизабета Петковска - жена со Даунов синдром чија умешност и пасија е плетењето. Посакав да ја запознаам.

Токму како што ја замислував, Бети е тивка и повлечена жена која живее заедно со својата мајка Мира во населбата Хиподром. Нејзините ракотворби се нешто од коешто запира здивот - прекрасни брошеви, огрлици, шноли со плетени рози, но и миљенца, плетени чаршафи со прекрасни орнаменти.

Родена во Скопје 1971 година, таа основното училиште го завршила во специјалното ООУ „Златен Сремац“. Откако починал татко ѝ, пред неколку години, таа живее само со својата мајка која ѝ е најголема поддршка.

- Бети е тивка, трудољубива, но со огромна страст кон она што го сака.Полна е со љубов и знае да дарува - вели мајка ѝ Мира.

Нејзината помлада ќерка Сашка е мажена и има свои деца, но како што вели Мира, таа е значаен дел од животот на Бети.

- Сестра ѝ Сашка е мошне значаен дел од помошта и грижата околу Бети. Особено нејзината помала ќерка - Драгана ѝ e најголема радост и поддршка.

Приказната со плетењето почнала да се одмотува сосема случајно. Дека Бети научила да плете отпрвин не знаела ни мајка ѝ Мира.

- Се сеќавам на деновите кога Бети веднаш по училиштето одеше кај мајка ми која ја чуваше додека ние со сопругот бевме на работа. Еден ден кога бевме да ја земеме, таа целата радосна извика:

- Мамо, видете што можам!

Тогаш мајка ми ми кажа дека цело време ја учела Бети да плете. Оттогаш плетењето ѝ е големата љубов која се' уште ја негува со ист жар и создава уникатни дела.

- Првите чекори во плетењето ѝ беа плетените срца кои се нејзин заштитен знак - се присетува Мира.

И покрај фантастичните изработки, како што вели и сестра ѝ Сашка, Бети речиси и не заработува од своите ракотворби. Едоставно, луѓето се' поретко посегаат по овој тип рачни изработки.

- Бети не успева да заработи од плетењето и покрај тоа што има месечни потреби од лекарства кои треба да ги намириме. Сепак, таа е среќна и животот ѝ е исполнет кога работи. Најсреќна е кога покрај неа е ќерка ми Драгана со која сака да го поминува времето и да се консултира околу изгледот на ракотворбите. Секако дека би била уште посреќна и поисполнета кога би имала подинамичен социјален живот, кога би имала каде да излезе со нејзините врсници со Даунов синдром - вели Сашка.

И Мира и Сашка се одногласни дека во иднина ја гледааат Бети во матичното семејство и се надеваат дека нема да ја напушти страста кон плетењето која ја направи малку поотворена и посигурна во себе. Искрено веруваат дека еден ден целиот нејзин труд ќе вроди со вистински плод.


СЕ РАДУВАМ КОГА НЕКОЈ ЌЕ МЕ ПОФАЛИ ЗА ПЛЕТЕЊЕТО 

* Јас сум...

- Јас сум Елизабета Петковска од Скопје и живеам со мајка ми Мирјана. Мојот дом не е многу голем. Имам своја соба, ама повеќе време минувам во кујната со мајка ми.

* Кога си најсреќна?

- Најсреќна сум кога ќе видам дека некој го носи накитот што сум го исплела. А најмногу сум горда на мојата внука Драгана со која се дружам и заедно гледаме на страниците на „Фејсбук“ идеи за плетење.

* Кои ти се најубавите спомени/сеќавња?

- Најубавите спомени ми се со татко ми.. па потоа кога растеше внука ми Драгана. Кога беше бебе ѝ исплетов украс за нејзината прва нишалка, a заедно со мајка ми и сестра ми ѝ ги купувавме првите бебешки чевлиња..

* Што сè си сплела досега? На што си најмногу горда?

- Прво почнав да плетам миљенциња, потоа срциња со миризливи сапунчиња, потоа футроли за телефони, паричници, велигденски јајца, корпи, накит за девојчиња, венчиња и друго. Многу сум горда бидејќи сите мои миљенциња изработени во разни бои го красат и мојот и домот на мојата сестра. Исто така, се радувам кога некој ќе ме пофали за мојата работа и кога сака да купи нешто.

Мимоза Петревска Георгиева