Жени лавици кои го менуваат лицето на Македонија: Тие се поттик, инспирација и сила

Добивај вести на Viber

Денот на Жената, Women’s day, El dia de la Mujer… Многу јазици, но едно значење. Во целиот свет секоја година 8 -ми март се слави како посебен ден - Денот на жената. Денот кога жените застанаа и се спротивставија на системот, денот кога жените се бореа за еднаквост на жените и мажите. Денот кога жените почнаа да се борат за нашите и идните генерации жени да живеат подобро.

Првиот ден на жената е прославен во 1909 година во Соединетите Американски Држави, но самата идеја за овој ден дојде многу порано. Првите женски протести се одржаа во 1857 година во Њујорк. Жените вработени во текстилната индустрија излегоа на улиците и јавно демонстрираа поради лошите услови за работа и ниските плати. Демонстрациите набрзо беа задушени од полицијата, но овие храбри жени формираа синдикат само два месеци подоцна.

Еден од најпознатите и најнезаборавните протести беше во 1908 година кога 15.000 жени маршираа низ улиците на Њујорк барајќи подобри плати, пократко работно време и право на глас.

Интересно е што првиот празник на жената, во 1909 година, не се одржал на 8 март, туку на 28 февруари. Но, следната година, во Копенхаген се одржа првата меѓународна конференција на жените, каде беше одлучено да се организира Меѓународниот ден на жената, кој и денес се слави на 8-ми март.

Кога веќе сме крај храбрите жени...

Храбрите жени го живеат својот живот. Тие точно и јасно знаат кои се нивните потреби, желби, цели и не се двоумат да ги постигнат по секоја цена. Тоа не значи дека газат над трупови. Тоа значи дека имаат ентузијазам, волја и трпение. Затоа што трпението е клучот за искачување на врвот. И секако храброст. Ако не ти дозволуваат сам да донесеш одлука, се плашиш што ќе каже светот, денешното општество ќе те проголта. Во еден залак. Храбрите жени се свесни за својот изглед, маани и доблести. Не ги кријат своите недостатоци. Тие навистина не се грижат што мислат другите. Тие храбро чекорат напред, чекор по чекор, оставајќи ги другите во сенка и да им се восхитуваат. Дури и ако им завидуваат и мразат. Затоа што кој е рамнодушен кон нечиј успех? Воопшто никој!

Храбри жени има насекаде околу нас. Некои ги гледаме, а некои не. 

За такви храбри жени, сме пишувале и ќе пишуваме, а денес се потсетуваме на интервјуата кои ги имавме со ХРАБРИ ЖЕНИ.

Марија и Сања рушат предрасуди со професијата која ја имаат

Денес повеќе од секогаш, изгледа дека разликата помеѓу „женските“ и „машки“ професии не постои. Двете дами кои ги рушат сите предрасуди кај нас се Марија Цветковска и Сања Богдановска.

И двете се остварени сопруги, и мајки а денес го живеат сонот од детството. Возат автобуси во ЈСП. Ова не така вообичаено занимањe за жени Марија го избрала по примерот на машките членови од семејството. Возачи биле нејзиниот татко, чичковци, дедовци. Сања пак уште од мала мечтаела да вози автобус,а желбата пораснала и покрај нејзиниот татко кој бил вработен во ЈСП.


Иако не е ниту малку лесна работа, која бара голема концентрација и претпазливост, Марија и Сања велат дека е доста интересна.

За Женски магазин, тие ја раскажаа нивната автобуска приказна .

Марија Цветковска има 39 години. Мажена е во Драчево за Горанчо кој е нејзин колега, возач на автобус. Плод на нивната љубов се двете деца-ќерката Матеа (7) и синот Михаил (4).

Сања Богдановска има исто 39 години. Таа е сопруга на Јовица и мајка на три прекрасни деца: Марко 18 години, Петар 14 и Јана 2 ипол години. Живеат во Автокоманда.

Целото интервју со Марија и Сања прочитајте го тука.

Сузана од Скопје - една од ретките жени таксисти

Разни патници, разни судбини и разговори слушнала и слуша со години, како таксистка во Скопје.

Сузана Арсовска е една од ретките жени таксисти, не само во Скопје, туку и пошироко низ земјава, а верувајте, храброст е да се биде таксистка во овој „машки свет“. 


Таа е една од оние, знаете, светски жени - со неа разговорите можат да траат со часови и часови, и нема да почувствувате кога летнало времето.
Не залудно велат „што знае таксист/ка ни Google не го знае“, така и Сузана, за сите овие години го научила секое ќоше во градов, ги слушнала најубавите, но и најтажните животни приказни, била сведок на убави, но и немили настани, видела сè и сешто, но никогаш не се откажала од професијата.

За себе вели дека е исполнета и реализирана жена. Има две возрасни деца – ќерка и син, веќе фамилијарни и зрели луѓе, со свои професии. Баба е на три машки внучиња – Борислав, Христијан и Марин и тие се целиот нејзин свет.

Целата приказна на Сузана може да ја погледнете тука.

Катерина Кајсторовска - единствената жена капетан пилот и инструктор на Боинг 737 во Македонија

Да се успее да се стане капетан пилот како жена на Балканов, било и повеке од тешко, а тоа го искусила 48-годишната Катерина Кајсторовска, која денес е прва и единствена жена капетан пилот и инструктор на Боинг 737 во Македонија, и една од ретките жени во светот, во оваа професија.

За неа небото е слобода, никогаш ограничување. Од мала кај неа се родила желбата да ја искуси слободата во постоењето, тежнеела кон активности кои ѝ го овозможувале тоа чувство, да ѝ пркоси на гравитацијата.
На само четири години имала луда идеја, да проба како изгледа да слета од првиот кат на нивната куќа - со чадор, па за среќа била спречена од баба ѝ.


Но таа никогаш не се откажала од идејата да „работи на небото“, ниту стереотипите, предрасудите и омаловажувањата во поглед на способноста една жена да опстане во оваа професија, и коментарите дека жената треба да седи дома да ги врши домашните работи, не ја спречиле да работи вредно на остварувањето на нејзиниот најголем сон, бидејќи од мала била воспитувана да биде борбена и независна, а пред сè да се вложува во образованието.

Родена е во Виена, Австрија, покрај тоа што е капетан пилот и инструктор за обука на тип Боинг 737, таа е и магистер по човечки ресурси и судски преведувач за англиски и српски јазик.

За животот на една жена пилотка, со сите подеми и падови Катерина Кајсторовска раскажа ТУКА.

Ива Матиќ - од прва жена воен пилот, до пилотирање со комерцијален авион на Wizz Air

Храбрата Ива Матиќ испиша историја како првата жена пилот на хеликоптер и прва жена воен пилот во Армијата на Македонија, но, небото нема граници, па годинава се вивна уште повиско кон небесните височини, освојувајќи го кормилото на патнички авион, и стана цивилен пилот на комерцијални летови.

За младата Ива Матиќ небото отсекогаш било предизвик.


За авијацијата, инспирација добила кога татко ѝ ја однел на аеромитинг на Стенковец како многу мала. Но страста и желбите се едно, а можностите друго - вели Матиќ, која сепак имала среќа, бидејќи точно откако дипломирала на Факултетот за електротехника и информациски технологии на УКИМ, се отворил Центарот за обука на воени пилоти во АРМ, а со тоа и можноста за остварување на нејзините желби.
Тогаш Ива се пријавува на обуката, и по долг и тежок процес на селекција, станува првата жена воен пилот на хеликоптерот Ми-8/17 во нашата армија, за сега да се вивне уште повисоко на небото, како пилот на патнички авион Airbus A321 во Wizz Air.

Жените сѐ уште се реткост во оваа професија, но храбрата Ива која е дел од малиот процент на жени пилотки во светот, со нетрпение го очекува денот кога веќе нема да биде така.


Нека овие дами погоре бидат ваш поттик, сила и инспирација да чекорите напред и да ги остварувате соништата.


Ирена Ставрова