Македонската кралица на небото: Интервју со Ива Матиќ - од прва жена воен пилот, до пилотирање со комерцијален авион на Wizz Air

Храбрата Ива Матиќ испиша историја како првата жена пилот на хеликоптер и прва жена воен пилот во Армијата на Македонија, но, небото нема граници, па годинава се вивна уште повиско кон небесните височини, освојувајќи го кормилото на патнички авион, и стана цивилен пилот на комерцијални летови.

За младата Ива Матиќ небото отсекогаш било предизвик.
За авијацијата, инспирација добила кога татко ѝ ја однел на аеромитинг на Стенковец како многу мала. Но страста и желбите се едно, а можностите друго - вели Матиќ, која сепак имала среќа, бидејќи точно откако дипломирала на Факултетот за електротехника и информациски технологии на УКИМ, се отворил Центарот за обука на воени пилоти во АРМ, а со тоа и можноста за остварување на нејзините желби.
Тогаш Ива се пријавува на обуката, и по долг и тежок процес на селекција, станува првата жена воен пилот на хеликоптерот Ми-8/17 во нашата армија, за сега да се вивне уште повисоко на небото, како пилот на патнички авион Airbus A321 во Wizz Air.

Жените сѐ уште се реткост во оваа професија, но храбрата Ива која е дел од малиот процент на жени пилотки во светот, со нетрпение го очекува денот кога веќе нема да биде така.

Без двоумење ја нарековме „македонската кралица на небото“, а таа ни открива какво е чувството да се освојува истото.

- Желбата за напредок во оваа професија секогаш ме води скалило погоре - вели Матиќ која годинава стана дел од тимот на WizzAir како пилот на комерцијално летало, и истакнува дека постојат многу големи разлики во управување со воен хеликоптер и патнички авион, и во леталата, и во средината, и во патниците/товарот.
Единствена сличност е во аеродинамиката што ги држи во воздух - објаснува таа.

Но, исто така потенцира и дека нејзината одговорност, односно одговорноста на пилотот е секогаш иста, и не се мери со бројот на патници. Без разлика дали се два патника или двеста, или пак воздухопловот е празен, пилотот ја има одговорноста успешно да полета, да го изврши летот, и да слета.
А секој лет е технички различен, дури и да е на истата рута. 

Како цивилен пилот, Матиќ лета постојано во различни држави низ Европа: Германија, Англија, Италија, Франција, Норвешка, Шведска, Холандија, Белгија... 

Па, доколку сте летале на некоја од овие дестинации периодов, можеби веќе сте ја имале привилегијата, токму Ива Матиќ да управува со авионот од пилотската кабина.

Но, како што истакна и таа, патниците не знаат дали пилотот е маж или жена, освен ако не видат или чујат на разглас. Сепак, реакциите од патниците кои стигаат до неа, воглавно биле воодушевувања.
А што се однесува до аплаузот на крајот од секој лет, кога
 патниците му аплаудираат на пилотот како награда за успешното слетување, Ива низ насмевка ни откри дека симпатично е секако, но во пилотската кабина воопшто не се слуша аплаузот, па вели дека таа повеќе го сфаќа како олеснување од стресот што патниците го имаат при летот.

Поголемиот број вработени во оваа професија се мажи, па Матиќ ни опиша како е да се работи во таква средина, дали наидува на предрасуди и непријатни искуства.

- Во Wizz Air досега сум немала такво негативно искуство, бидејќи во комапнијата има високо професионална работна атмосфера и таа нуди еднакви можности за кариерен развој за сите. Иако сѐ уште жените се реткост во овој сектор, со нетрпение го очекувам денот кога веќе нема да биде така.


Морам да бидам нескромна и да кажам дека процесот на обука и тренинзи е тежок. Иако е главна водилка, сепак желбата не е сама по себе доволна – неопходни се јака психо-физичка издржливост, дисциплина и мотивација. Патот е долг и исполнет со многу предизвици - ни раскажа Ива која истакнува дека сѐ е работа на навика и добра организација па затоа успева да води избалансиран приватен и професионален живот и не крие дека секогаш тежнее кон нешто ново, над сите овие нејзини достигнувања, па вели дека никогаш не се знае што би било следно кога е воздухопловството во прашање.

„И жените можат подеднакво добро“ - Ива Матиќ има совет за сите млади девојки кои еден ден би сакале да станат пилотки:

- Секако од срце би ги охрабрила, и би им порачала дека не треба да се гледаат себеси како понемоќни затоа што се жени, бидејќи веќе е покажано дека и жените можат подеднакво добро. На крајот на краиштата, леталото не знае дали сте маж или жена.

И би ги поканила сите кои се заинтересирани да станат пилоти, да ја проверат академијата на Wizz Air, која нуди уникатна тренинг програма за пилоти со или без искуство и можност да ја продолжат својата кариера во компанијата. 


Љубица Иванова