Жените не го сакаат фудбалот, ама ги сакаат фудбалерите: Мирослав Пендароски, психолог и психотерапевт појаснува од каде потекнува ова глобално размислување
Време е на фудбалот. Европското фудбалско првенство ги собра најголемите фанови на „црно-белата бубамара“ на трибините и покрај тв- екраните.
Иако на трибините е видлива присутноста на жените, сепак доминацијата на мажите е многу поголема. Ретки се и ситуациите да наидете само на женско друштво, во кафана или дома, кое со страст ги следат натпреварите од првенството. Се разбира, исклучок е само кога игра македонската репрезентација.
Проф. Д-р. Мирослав Пендароски, психолог и психотерапевт, појаснува дека социо-културолопшки, фудбалот се смета за претежно или доминантно машка игра, спорт. Фактот дека пред повеќе од 100 години започнале да го играат мажите, е едена основна појдовна точка која го втемелила начинот на перцепирање на фудбалот како машка игра.
-Згора на тоа, тој спаѓа во физички потечките спортови, во кои се бара голема сила, издржливост, кондиција. А знаеме дека физичката сила е поголема кај мажите. Фудбалот е игра на дуел, на голема непосредна интеракција што бил уште еден фактор зошто се сметал и се смета за “машка ” игра. Но, лично сметам дека тоа не се доволни причини за доживувањето на фудбалот како машка игра. Тоа повеќе се должи на социо-културните фактори какви што се перцепцијата на општествените улоги на мажот и жената, особено во поодамнешните времиња, кога мажот доминирал во сите општествени сфери, наспроти жената која се сметала за некој кој треба да се грижи за домаќинството, појаснува Пендароски и дополнува дека денес работите се видно изменети барем во одреден дел на светот.
-Некои перцепции се останати како доминантно неизменети. Постојат и други не помалку важни фактори како што е на пример фактот дека мажите фудбалери заработуваат многу повеќе пари, а со тоа и бизнисот во машкиот фудбал е поисплатлив. Секако и атрактивноста му е поголема. Исто така, медиумски тој е повеќе покриен од женскиот фудбал –посочува тој.
На глобално ниво постои размислување дека жените не го сакаат фудбалот, но ги сакаат фудбалерите. А, најубавите жени се мажат за фудбалерите. Пендароски дополнува дека многу од сопругите на некои фудбалери се атрактивни жени, но, прашање е што е тоа што го нарекуваме убаво.
-Како да се определи дека нешто е убаво, а нешто не? Тоа е прашање на лични преференции и перцепции. Но, ако бидам искрен би рекол дека две работи се пресудни, а ќе објаснам и зошто. Прво, колку тоа и да звучи површно, едната причина е тоа дека фудбалерите се најдобро платените спортисти, а со тоа некои од нивните партнерки си обезбедуваат удобен и сигурен статус и долгорочна корист од финансиски аспект. Се разбира дека не е така во сите случаи и дека некои луѓе влегле во такви односи заради љубов и взаемност како Лионел Меси кој целиот свој живот е со девојката од младоста. Второ, причината лежи во фактот дека фудбалерите уживаат невидена светска слава, иако не е објасниво зошто е тоа така, имајќи предвид дека многу други професии кои ја унапредуваат науката и квалитетот на живот се далеку понепопуларни. Таков е овој моментален свет на материјалното и популарното. Нивната популарност автоматски им помага на партнерките да излезат од светот на анонимноста и да постанат некакви икони за пошироката популација – вели професорот.
Според него прашањето е што е со сопствените вредности кај некој кој својата слава или популарност ја должи на својот партнер, па кој тој и да бил.
- Кога веќе сме во фаза на еманципирање на женските права треба да понудиме една перцепција за вистинските вредности и да поставиме прашање што е што и кој е кој? Мојот апел е секој човек, без разлика дали е маж или жена да создава свои вредности и добра по кои ќе остави индивидуален белег наспроти бивањето во нечија сенка и закрила. Дури тогаш ќе можеме да речеме дека се развиваат рамноправностите на вистинската основа. И уште нешто, можеби трендовската популарност и медиумски публицитет вреди нешто некое греме, трајните вредности никогаш не избледуваат – вели Пендароски и заклучува дека време е светот да стане холистичко место на еднаквост.
-Секако, со должна и правилна почит на меѓусебните разлики кои се природни. Ние сме многу повеќе слични како луѓе и како родови отколку што сме различни, особено во поглед на психолошката природа. Како што е шарен животот, нека бидат шарени и трибините - посочува тој.
Соња Алексоска Неделковска