ЖЕНСКИ МУАБЕТ СО АНДРИЈАНА ЈАНЕВСКА: Парите никогаш нема да не гушнат како семејството

Добивај вести на Viber

Сите имаме многу обврски, растрчани сме на сите страни, но да не забораваме една многу важна работа: колку и да ги гушкаме парите, тие никогаш нема да не гушнат нас! Затоа, кај мене на пиедесталот секогаш е семејството! Во неделите честопати Гино прави скара во двор, или одиме во викендичката во Бродец на Скопска Црна Гора. Сакам што почесто да поминуваме време во природа, затоа што единствено преку соединување со природата човекот станува смирен, спокоен и разумен.

Андријана со својот сопруг, гитаристот Драган Гиновски-Гино

Таа е виолинист во МОБ и доцент професор по солфеж и соло пеење на катедрата за популарни жанрови на Факултетот за музичка уметност. Дома е сопруга на Гино и мајка на Димитар и на Кристијан. Познатата пејачка, инструменталист и професор Андријана Јаневска е позната по тоа што успева да постигне се. И ангажманите на двете работни места, и обврските околу децата кои за неа се најголемо уживање, и средувањето на дворот во нивниот семеен дом во Бардовци кој вели дека не би го менувала за ниту една градска локација.


„Уживам во мојата населба. Доволно е блиску до центар, а истовремено доволно далеку за да живееме во природа. Местоположбата е извонредна. Вардар и Лепенец се блиску, а кон Шара и Водно имаме отворен поглед, па летно време температурата е за неколку степени пониска. Во нашето маало има многу дечиња, па моите два сина живеат маалски живот, каков што живеев и јас. А сега, гледајќи ги, повторно се чувствувам како дете“, ни раскажа Андријана. Таа додава дека ужива во се што е поврзано со дворот и неговото уредување.

Сите уживаме во уредувањето на дворот.- Димитар помага околу садењето на цвеќињата

„Имаме над 90 садници, плус голем број цвеќиња. Не поминува пролет и есен без да насадиме ново дрвце, или грмушка, цвеќе. Со децата одам во „Супер Гарден“ во Бардовци и таму набавуваме се што ни треба за во дворот“, вели Андријана. Во средувањето на нивната оаза, сите од семејството подеднакво учествуваат, а таа навистина ужива додека работи. Вели дека додека го уредува дворот едноставно се релаксира и не мисли на секојдневните обврски.

„На децата им давам некаква лесна „обврска“ околу садењето, на пример да држат некое гранче, или да стават земја. На тој начин се чувствуваат корисни, а истовремено учат да ги сакаат и негуваат растенијата и воопшто животната околина“, ни изјави Јаневска и раскажа за гурманските специјалитети во кои семејно уживаат.


“ Живееме со мајка му на Гино, па уште од самиот почеток таа готви. Секоја сабота, одиме на гости кај моите родители и кај брат ми кој има три деца. Сите имаме многу обврски, растрчани сме на сите страни, но да не забораваме една многу важна работа: колку и да ги гушкаме парите, тие никогаш нема да не гушнат нас! Затоа, кај мене на пиедесталот секогаш е семејството! Во неделите честопати Гино прави скара во двор, или одиме во викендичката во Бродец на Скопска Црна Гора. Сакам што почесто да поминуваме време во природа, затоа што единствено преку соединување со природата човекот станува смирен, спокоен и разумен“.

За Андријана, секој дел од денот си има некоја убавина, но омилено и е попладнето, кога е со децата. Со синовите, веќе си имаат развиено шема: „Со Димитар го земаме Кристијан од градинка околу 15 часот и задолжително одиме на лулашки, на сладолед, во парк. Потоа го носиме Димитар на музичко, па по музичко одиме дома и со велосипеди се возиме низ населба до вечер. Кога се стемнува се прибираме дома, но сè уште доигруваат во двор. Имаме приспособено дел од дворот на нивните потреби: лулашка и песок во којшто градат кули исто како на плажа. Вечерта откако ќе заспијат, имам време да изгледам филм или да читам, а летно време задолжително си седиме со Гино во двор и уживаме во благодатите на природата околу нас.“, раскажа музичарката.

На децата им давам некаква лесна „обврска“ околу садењето, на пример да држат некое гранче, или да стават земја. На тој начин се чувствуваат корисни.- Синовите Димитар и Кристијан

За себе си вели дека има добра ориентација во просторот и во времето, па затоа лесно го организира денот. Кога немала деца, знаела и по цел ден да работи, но сега дневниот ритам и е сосема различен.

„Се држам до правилото: 8 часа сон, 8 часа работа и 8 часа слободно време. Кога немав деца знаев по цел ден да работам, но откако се родија, ми се променија приоритетите. Вообичаените работни обврски во МОБ и на ФМУ ми завршуваат околу 14:30 часот, и потоа до заспивање сум со децата. Од неодамна го запишав Димитар на пливање, а во исто време и јас пливам. Секој човек мора да одвои време само за себе. На тој начин ќе биде исполнет и среќен“, вели Андријана за своите ритуали. За Женски магазин, таа ги откри и своите идни музички планови:


„Пред извесно време снимив песна на англиски јазик од англискиот композитор Richard James и моментално подготвувам видео запис кој го работи режисер од Пакистан. Ја продолжив соработката и со австрискиот продуцент M.M.Willy со кого снимив уште неколку песни на хрватски јазик кои периодов ќе ги пласираме на тој пазар. Како виолинист снимив неколку композиции аранжирани од чилеанецот Rodrigo G. Годинава прославувам 20 години кариера, па по тој повод планирам голем солистички концерт на кој ќе го промовирам новиот материјал“, е најавата на богатата музичка агенда на Јаневска.

Милица Џаровска