„Женското здравје за секоја дама треба да е на прво место - Здрави поколенија, здрава нација“: Интервју со директорката на ГАК, Д-р Ирена Алексиоска Папестиев

Добивај вести на Viber

Потекува од докторска фамилија, а медицината за неа е пасија и спој на научно знаење и истражување со човечката интеракција. Се одлучила да биде гинеколог, бидејќи учела и гледала пример во најдобриот – нејзиниот татко.

Проф. Д-р Ирена Алексиоска Папестиев пред сè е сопруга и мајка на две ќерки, и гинеколог по професија, а од неодамна новата директорка на скопска Гинекологија.

Во нејзината биографија уште од најраните почетоци на школувањето запишани се успеси. Медицинскиот факултет на УКИМ во 2006 година го завршила како најдобар студент на генерација со просек 9,97, при што добила награда од УКИМ и Македонското лекарско Друштво.

Специјализацијата по гинекологија и акушерство ја завршила на Клиниката за гинекологија и акушерство на која има долгогодишно работно искуство од 2007 година. Во меѓувреме проф. Д-р Алексиоска Папестиев го надоградила своето образование со престој во големи реномирани центри секаде во светот.

Прегратката од сопругот и ќерките е нејзин неизбежен ритуал за нов почеток на денот, а утринското вежбање и чаша вода, кафе или час за енергија во текот на денот.

Од близу со директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, проф. Д-р Ирена Алексиоска Папестиев …

ЖМ: Ја имате новата функција, која е навистина одговорна работа директор на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, што за вас претставува оваа позиција?

- Голема одговорност и огромен предизвик. Но, улогата на стручен менаџер ја доживувам истовремено како водич и олеснувач, повеќе од што било друго. Особено задоволство ми причинува оваа дадена можност и доверба, бидејќи знам како улогата на менаџерот/директотот влијаела врз мојата кариера. Со нетрпение очекувам и се надевам дека ќе бидам ментор и мотиватор за вработените на мојата клиника.

ЖМ: Од каде љубовта кон медицината, дали можеби некој во вашето семејство ви бил пример?

- Потекнувам од докторска фамилија, која не само по вокацијата, туку и по посветеноста и љубовта кон професијата отсекогаш ми била пример. Но, медицината не е генетски наследна професија, а уште помалку пак љубовта кон овој можеби најспецифичен тип на професија. Медицината е мојот повик, моја пасија. За мене таа претставува спој на моите две љубови за научно знаење и истражување со човечката интеракција. Да се биде доктор за мене значи повеќе од помагање на луѓето. Тоа е живот со исполнет со сочувствителност, грижа не само за болеста, туку и за луѓето, одговорност и чест за укажаната доверба за грижа за здравјето на моите пациенти.

ЖМ: Сте завршиле со просек 9,97 на Медицинскиот факултет и сте биле најдобра студентка. Зошто конкретно се одлучивте за гинекологијата?

- Просекот е само бројка, но оваа моја бројка го отсликува мојот пат низ медицинските студии низ кој минував токму со посветеноста и љубовта кон медицината кои ги опишав погоре. За изборот да станам гинеколог пак, не можам да не го потенцирам мојот најголем пример, мојот постојан поттик, мојот критичар, но и најголема поддршка – мојот татко кој е гинеколог-акушер. Оттаму потекна најголемата мотивација, но оваа специјалност дава многу широк простор за мотивирање и љубов. Можам да кажам дека претставува единствена медицинска специјалност – од утроба до старост, грижа за пациентките за целиот нивен живот, вклучувајќи ги и нивните најдобри и најлоши денови. За доктор кој ужива во градењето на долгорочни, стабилни и чесни односи со пациентите, ова има силна привлечност.

ЖМ: Како ви започнува еден работен ден? Кои се вашите утрински, а кои дневни ритуали?

- Со ентузијазам за новиот ден, потрага по мал утрински мир кој го наоѓам во прегратките на мојот сопруг и двете ќерки. Станувам рано, па имам време за утринско вежбање, чаша вода/кафе /чај. Задолжителна е проверка на чеклистата за тековниот ден која обично ја подготвувам од претходната вечер, нешто кое го практикувам откако знам за себе. Потоа следат секојдневните утрински активности на секоја мајка, подготовка на децата за градинка и училиште, по што се упатувам кон моето работно место, најчесто заедно со мојот сопруг. Не појадувам и првиот оброк во денот вообичаено ми е во подоцнежните часови. Откако ја презедов директорската функција работниот ден ми започнува со редовниот утрински состанок со целиот стручен колегиум на клиниката, а дневните активности се различни, како менаџерски, така и докторски (амбулантска работа, работа во оперативна сала). Работниот ден не завршува порано од доцните попладневни часови. По секој завршен работен ден повторно се враќам онаму од каде ја црпам целата енергија и мотивација – мојот дом и моето семејство.

ЖМ: Што ви е најголем предизвик во вашата работа?

- За предизвиците во мојата професија како гинеколог акушер споменав и погоре. Тоа е мојата љубов, мојата животна одредба за која низ годините се уверив дека била вистински избор. Без да навлегувам во медицински подробности, она што можам да го потенцирам е дека тоа е професија која бара високо ниво на теоретско и практично знаење и вештини, капацитет за носење на промислени, навремени, прецизни, честопати и брзи одлуки поврзани со добросостојбата на пациентките. Истовремено предизвикувачка е и дихотомијата на емоциите што ја гледате во секој еден ден. Како директор верувам дека искуствата токму од оваа професија ќе ми помогнат во носењето на правилни одлуки и праведен менаџмент со клиниката и моите вработени. Мој најголем предизвик е унапредување на здравствените услуги кои ги пружа Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, мотивиран, задоволен и стручен здравствен персонал и најважното – задоволни пациентки.

ЖМ: Женското здравје е едно од најважните сегменти од животот на една жена. Редовната посета на гинеколог е навика која се наметнува на жената уште во помладите години и која треба да се негува до крајот на животот. Каква е културата кај нас, дали жените се посветени на женското здравје, колку често посетуваат гинеколог?

- Постоечките стандарди за физичко и ментално здравје се императив кој жените имаат потполно право да го уживаат. Културата за редовни гинеколошки прегледи може да биде афектирана од стигматизацијата која се повеќе се намалува како причина за нередовност, незаинтересираноста на пациентките и главно неинформираноста врз која најмногу можат да влијаат здравствените работници. Иако впечатокот е дека со современото живеење и достапноста на информациите жените се попосветени на своето здравје, сепак официјалните бројки и статистики од нашата држава укажуваат на сè уште субоптимално јавување на превентивните гинеколошки прегледи во рамките на скрининг програмите. Потребно е вложување на напори за креирање на квалитетна програма за популациски базирано организирање на оптимален скрининг систем. Здравствените работници преку организирање на квалитетен здравствен систем и интегриран пристап се стожерот за подигање на свесноста за женското здравје и одржување на истото во сите возрасни групи.

ЖМ: Која е идеалната возраст за една девојка прв пат да посети гинеколог?

- Веднаш штом се соочи со симптоми независно од возраста. Реномираните светски гинеколошки социјации даваат препорака првата посета кај гинеколог да биде направена во раните тинејџерски години 13-15 години, околу очекуваната менарха (прва менструација). Но, не треба да биде пречекорен периодот од 3 години по започнување на сексуалниот живот, и секако не подоцна од 21 година, кога треба да биде и направен првиот скрининг за рак на грлото на матката во склоп на гинеколошката евалуација.

ЖМ: Кои се најчестите гинеколошки заболувања кои се појавуваат кај жените?

- Инциденцата на гинеколошките проблеми со кои се соочуваат жените зависи од возрасната група кон која припаѓаат. Најчести проблеми во пораната возраст се абнормалните менструални крварења односно нередовните менструации, дисменореата, полицистичниот оваријален синдром и други поретки гинеколошки состојби и заболувања. Во тек на репродуктивниот период тоа се проблеми поврзани со бременост и забременување, сексуално преносливите заболувања, ендометриозата и останатите бенигни промени на јајниците, преинвазивните интраепителијални промени на грлото на матката, утерините миоми и малигните болести на гениталниот систем. Иако последнава група е почеста кај жените во понапредна возраст границите на јавување на малигните заболувања за жал се повеќе се поместуваат. Абнормалните перименопаузални крварења, уринарната инконтиненција, гениталните пролапси и проблемите врзани со менопаузата и посменопаузалниот период се покарактеристични за повозрасната група на пациентки.

ЖМ: Најчесто се зборува за рак на јајници, рак на грлото на матката. Има ли оваа болест симптоми, и дали може да се лекува доколку се открие во многу рана фаза?

- Познато е дека раното детектирање преку скрининг програми е единствениот начин за навремено дијагностицирање и можност за излекување од сите малигни болести, бидејќи симптоматологијата најчесто е знак на понапредната болест. Иако се прават многубројни научни обиди, досега не е утврден начин за скриниг на ракот на јајниците. Но, скринингот за рак на грлото на матката е прецизно утврден и во многу земји од светот ефикасно спроведен, до степен на ерадикација на цервикалниот карцином. Ваква скрининг програма за рак на грлото на матката постои во нашата земја, но наша задача е нејзино подобрување како во однос на нејзината содржина, опфатноста на скринираните пациентки, така и во поглед на HPV вакцинирањето, со цел намалување на јавувањето на ова тешко, но веќе превентибилно малигно заболување.

ЖМ: Што вели статистиката кај нас за заболени од рак на гениталиите?

- Според последните податоци од Националниот регистар за рак од 2020 година, објавен од Институтот за јавно здравје, редоследот на јавување на гинеколошките малигнитети во нашата земја го следи оној на земјите од Европа и пошироко. На првото место по честота на јавување е ракот на телото на матката познат како рак на ендометриумот, на кој отпаѓаат половина од сите гинеколошки малигнитети, по кој следат ракот на грлото на матката и ракот на јајниците. Она што загрижува е инциденцата на потенцијално превентабилниот рак на грлото на матката од кој во за 2020 и 2021 година се регистрирани 211, односно 152 нови случаи соодветно, со стапки на смртност од 54 односно 41 пациентка на годишно ниво соодветно за 2020 и 2021 година.

ЖМ: Како до превенција, но и будење на свеста кај жените?

- Редовните гинеколошки посети се клучни за одржување на здравјето на жените во текот на нивниот живот. Годишната посета на гинеколог за време на репродуктивните години и продолжувањето со редовните контроли потоа е од суштинско значење за рано откривање и превенција на здравствени проблеми од гинеколошки карактер. Подигнувањето на свеста за овие превентивни мерки им помага на жените да ги оспособат да преземат контрола над своето здравје и да донесуваат информирани одлуки. Постојат повеќе ефективните начини за подигање на свеста од кои со докажан ефект се едукативни кампањи преку социјалните медиуми, работилници во заедницата, соработка со локални организации и дистрибуција на информативни материјали во клиниките и јавните простори.

ЖМ: Пристапот до гинеколози за жените во руралните средини е исто така горлив проблем во нашата земја. Колку се работи за поголема достапност на овие жени за редовни гинеколошки прегледи?

- Последните податоци на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) добиени преку спроведените анкети покажа дека 25 проценти од жените немаат избрано свој матичен гинеколог, само 33 проценти одат на редовни годишни гинеколошки контроли, а процентот на оние кои не се јавиле на преглед подолго од 3 години изнесува 30. Затоа во изминативе години Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, во организација на МАГО, а во партнерство со Македонското лекарско друштво (МЛД), Организацијата на Црвениот крст и УНФПА активно учествуваше во проектот мобилни гинеколошки амбуланти пружајќи превентивни гинеколошки услуги до сите оние места низ државата во кои жените немаат пристап до гинеколог. Ваквото мапирање и планирање вроди со значаен интерес, а анализите покажаа ветувачки резултати. Недостапноста до гинеколог и нерамномерната распределеност на гинеколозите беа едни од главните точки на моето залагање за подобрување на здравствената политика. Оттука ваквите мразови ќе се кршат и понатаму, а моето делување ќе биде насочено кон достапност на гинеколог до секоја жена од нашата држава.

ЖМ: Судејќи според коментарите на социјалните мрежи многу жени/девојки се жалат дека прегледот на гинеколог од државното здравство не е бесплатен, туку напротив се наплаќа за секој направен преглед, па дури и ПАП тестот кој беше бесплатен еднаш годишно. Може ли да ни објасните што покрива државното здравство на еден гинеколошки преглед?

- Организацијата на здравствениот систем опфаќа примарно здравство во кое се примарните гинеколози како прва линија на превенција и третман. Истите во соработка со специјалистите од секундарно и терцијарно здравство тимски успеваат да се справат со најкомплицираните случаи. За наплаќањето не би навлегувала, само би потенцирала дека постои систем кој верувам дека се справува со аномалиите доколку постојат соодветно.

ЖМ: Се почести се случаите на девојки кои се одлучуваат во доцните триесетти да станат мајки. Што е тука ризикот или недостатокот, а што е предност?

- Ваквиот тренд за одложување на мајчинството некаде и до четириесеттата година има растечки карактер и истиот е одраз на времето во кое живееме. Од немедицински аспект како жена можам да посведочам за непредвидливоста на животот, за различните животни сценарија и прилики со кои жените се соочуваат. Но, од позиција на доктор гинеколог, одложувањето на мајчинството до споменатата возраст може да го поврзам со зголемени ризици поврзани со фертилитет согласно т.н непопуларно познат биолошки часовник на жената, како и некои компликации на самиот тек на бременоста низ сите нејзини триместри кои покажуваат нешто повисока инциденца кај трудниците во оваа возрасна група. Тука би ги вброила ризикот од спонтани абортуси, хромозомски абнормалности на плодот, ризикот за развој на хипертензивни нарушувања во бременоста, гестациски дијабетес, предвремено породување и слично. Искуствата пак покажуваат повисок степен на зрелост, поголемо животно искуство и финансиска стабилност меѓу мајките во оваа возрасна група. Современата медицина располага со техники кои можат да премостат дел од горенаведените ризици, какви што се асистираните репродуктивни техники, пренаталните дијагностики и скрининзи.

ЖМ: Што е со оние девојки/жени кои имаат страв од бременост, но и од самиот чин на пораѓање, како се справувате во вакви случаи, каква помош им нудите?

- Подготовката за бременоста, породувањето и раниот постпартален период треба да се дел од планираната грижа за женското здравје. Најголем придонес во тоа имаат матичните гинеколози, како прв и најчест контакт со секоја пациентка. На нашата клиника постоеа советувалишта и вежби за подготовка на трудниците за текот на бременоста и процесот на породување, но истите прекинаа со својата работа во тек на COVID 19 пандемијата од очигледни причини. Истовремено и нашите специјалисти гинеколози перинатолози кои работат со трудници низ сите триместри од бременоста, во тек на своите прегледи даваат корисни совети за сите промени кои идната мајка може да ги очекува на тековната бременост. Ваквите активности на советување, подготовка и поддршка на идните мајки во блиска иднина ќе бидат сериозно ревидирани, реетаблирани, имплементирани и достапни за сите трудници и идни трудници кои грижата за својата бременост ќе ја доверат на нашата клиника.

ЖМ: Кој е вашиот совет до сите девојки, жени, дами кога станува збор за гинеколошка хигиена?

- На секоја девојка, жена, дама би им препорачала дека нивното здравје е пред сè и дека е неопходно да се грижат за себеси, да бидат отворени, љубопитни и спремни да научат нешто повеќе за женското здравје, кое е неопходно да го одржуваме на високо ниво-како за себеси, така и за здрави поколенија и сеопшто за здрава нација.

Габриела Додевска Глигоровска