Животните искуства на Сања од Скопје: Сопругот ѝ е од Маурициус, сега заедно со ќеркичката Тиа живеат во Јапонија

Добивај вести на Viber

Сања Спиридоновска Bhoowabul од Скопје, веќе две години живее во Јапонија со сопругот кој е од Маурициус и нивната двегодишна ќеркичка.

Се запознале во Емиратите каде што работеле во иста компанија, а откако Сања забременила, се преселиле на Карибскиот остров, Туркс и Кајкос каде нејзиниот сопруг добил понуда за работа за Авио Компанија. 
Пред да се преселат во Јапонија, поминале неколку месеци и во родното место на сопругот, во Маурициус.

И во Јапонија се преселуваат поради работната понуда на сопругот, а таа ја чува двегодишната ќеркичка и води јутјуб канал под името Expat Mama Bird каде постира видеа од нивниот секојдневен живот во Јапонија,  на кои е достапен и превод на Македонски јазик.

  • Колку животот во Јапонија е поразличен од животот во Македонија, што е она што најмногу Ви недостасува, си доаѓате ли често?

-Животот во Јапонија е многу поразличен од Македонија гледано од многу аспекти. Јапонците се многу културни луѓе и водат многу дисциплиран живот, дури некогаш мислам дека и се премногу дисциплирани. Од невообичаени работи ќе спомнам неколку, едно од тие беше кога прв пат видов како вработени на железничка станица туркаат патници во воз за да можат да се затворат вратите од возот, тоа е многу нормална работа тука, наместо ракување со претпоставен или повозрасен човек тука се поклонуваат, децата сами си ги чистат училиштата и на тоа се учат од многу мали и сѐ овде е направено да изгледа слатко (на јапонски “кawaii”) од лепчиња во пекара па сѐ до знаци каде пишува дека се работи на патот.

-Последен пат имам дојдено во Македонија пред да се преселиме во Јапонија, и едвај чекам да се вратам пак на одмор, многу ми недостигаат пријателите, семејството, турското кафе и нашата храна, вели Сања. 

  • Колку ви беше тешко да го научите јапонскиот јазик и писмо? На кој јазик зборува Вашата ќеркичка, ја учите ли по некој македонски збор? Дали вашиот сопруг поднаучи македонски?

-Јапонскиот јазик е многу тежок, особено нивното писмо, имаат 3 различни азбуки хирагана, катакана и канџи. Поминаа скоро 7 месеци откако почнав да земам онлајн часови по јапонски и сега за сега можам да зборувам основен почетен Јапонски, тоа ми е доволно да можам да искомуницирам со соседите, во продавница итн… 


Ќеркичката Тиа посетува градинка каде што се зборува само на англиски, сите деца од нејзината градинка се Јапонци и забележав дека почнува да кажува неколку збора на јапонски, претпоставувам дека додека се во парк децата меѓусебно зборуваат јапонски па од таму може и таа учи. Кога ќе почне да посетува редовна настава планот ни е да ја префрлиме во група каде се зборува само на јапонски. Јас ѝ зборувам на македонски и Англиски, македонски разбира, но ми враќа на англиски, сопругот ѝ зборува на француски, но и на него му враќа само на англиски.

 Во 2017 година поминавме скоро 6 месеци во Скопје со сопругот, за кратко време ја научи азбуката на кирилица и знае да каже по неколку реченици.

  • Каква е ситуацијата со пандемијата сега во Јапонија?

Пред некоја недела премиерот на Јапонија ја стопираше вонредната состојба, тоа ни беше втората вонредна состојба откако почна пандемијата. Првата беше некаде од Април 2020 до Јуни 2020 година, а втората почна од Јануари 2021 до Март 2021. Токио и Хокаидо на почетокот на пандемијата имаа најголем број на случаи, исто и овојпат Токио беше со најголема бројка на заразени од Ковид-19, а по него следеше и Осака. Според мене Јапонците доста добро се справија со ситуацијата. Ниеднаш немавме полициски час како во другите држави и ни беше дозволено да се движиме. Овде народот носеше маски и пред пандемијата, маски носат кога некој има настинка или грип и од почит кон другите носат маски за да не им се пренесе настинката на други луѓе. Не сум многу запознаена во моментов како е ситуацијата со вакцини тука, но границите се сѐ уште затворени.

Сања има живеано на копното на Африка, Азија, Европа, но вели дека најмногу се пронаоѓа во животниот стил на Јапонија, таму секогаш би се вратила, „би сакала да дочекаме пензија овде, преубаво место за живеење е и многу безбедна држава“, додава таа. 

Покрај тоа тие живееле одреден период и во Емиратите и на два рајски острови, Маурициус и Туркс и Кајкос.

-Според мене во Емиратите е добро да се отиде додека си млад за да собереш искуство во различни компании, без разлика дали си жена или маж. Емиратите имаат многу добри компании каде има доста можности за работа.

 Маурициус е прекрасен остров со прекрасни луѓе, тој е најразвиениот остров на Афричкиот континент и имаат народ од Франција,Англија, Холандија, Кина, Индија и Јужна Африка, па и поради тоа се многу гостопримливи према луѓе од сите краеви на светот.

Во Маурициус, родното место на нејзиниот сопруг, направиле и венчавка.

Туркс и Кајкос е место со едни од најубавите плажи на светот, тоа е рај за одмор. Но само за одмор, не би можела да се видам себеси да живеам таму подолго од година или две. Како и да е, социјалниот живот таму е како на ниедно друго место во светот каде што сум била. Секој се знае со секого, и секој викенд за нив е за забава или собиранка со пријатели. Луѓето таму живеат многу успорен и лежерен живот, но во глобала не е многу безбеден животот.


Домот на Сања во Осака, Јапонија: 


За секојдневието во Јапонија, малата Тиа, забавни прошетки и патувања погледнете го јутјуб каналот на Сања.


*Љ.И