Животот ќе ни биде полесен и сѐ ќе биде во ред само ако веруваме во тоа: Никола Поповиќ, стенд-ап комичар за Женски магазин
Никола Поповиќ има 31 година и е од Скопје. Тој е оженет и татко на прекрасно девојче. Вработен е во приватна компанија. Во слободното време се занимава со стенд-ап и снимање комични кратки видеа. Досега имал 2 соло стенд-ап настапи, а моментално се подготвува за третиот кој ќе го има во ноември.
Никола ни раскажа како му почнува денот, како се прави кафе по негов вкус, што го мотивира, и како му поминува еден ден исполнет со обврски.
- Првото утринско кафе секогаш кога ќе станам на време ми е со сопругата дома, таа задача е моја, бидејќи правам многу убаво кафе, не дека се фалам ама така се збори низ народот. Се подготвуваме за на работа, ќерката за во градинка и утрото ни поминува прилично брзо во сите тие обврски, додека да отидеме на работа и во градинка - го почнува разговорот нашиот соговорник.
Никола не може да замисли ден без кафе, и ни откри дека ако порано пиел по 5 кафиња во денот, здравјето го принудило да ги намали на три.
„Промена или некој бенефит од кафе не сум забележал, едноставно сметам дека без кафе во точно за мене определени периоди во текот на денот, не би можел да функционирам како што треба, дали дома, дали на работа, дали додека завршувам други обврски и слично“, вели Никола, откривајќи ни притоа како се прави кафе по негов вкус.
„Кафе, Македонско, по мој вкус изгледа отприлика вака ..
Голема шолја, скоро како за чај, две мали лажички кафе но полни, и на врв на
лажичето малку шеќер, ама ептен малце...
Чекам да почне малце да врие, и на неколку пати го мешам. Кога ќе видам дека ќе
биде готово за брзо, вадам 2 лажички од кајмакот и ги ставам во шолјата како
добра подлога. Потоа ставам малце од готовото кафе, и го враќам повторно на
шпорет да поврие уште 1 до 2 секунди.
Потоа го ставам целото кафе.
Нема поубаво. Дури додека го пишувам ова, ми мириса одговорот...(се смее) .“ - вели овој млад комичар од чии видеа со солзи се смеат многумина.
Никола, освен испиената шолја кафе, дополнителна енергија добива и од добриот појадок.
„Мислам дека најбитен оброкот од денот е појадокот, и нешто што за мене претставува гориво без кое не можам да функционирам ако не појадувам веднаш после кафето“.
А, најголем мотив во животот на Никола е неговата ќерка.
„Имам премногу замислени цели
кои сакам да ги остварам за да и обезбедам добра и сигурна иднина на неа, и на
моето семејство. Дополнително ме мотивира секоја мала победа која ќе ми се
случи, за што ми дава само потврда дека се движам по вистинскиот пат и дека
никогаш нема да се откажам од она кое го имам замислено“, додава нашиот соговорник.
А, што е со секојдневните обрвски, како функционираат со сопругата...
-После работното време секако се приватните обврски, зимање дете од градинка, сите обврски околу детето кои ги делиме со сопругата, некогаш знам и да зготвам ручек кога имам повеќе слободно време, и секако читам, истражувам теми за некое мое наредно видео, пишувам исто така и stand up материјал, бидејќи моментално го спремам мојот трет соло настап, па така прилично ми е исполнет денот, и некогаш се смеам дека треба уште барем 6 часа да трае еден ден.
Вечерта ми завршува обично со проверка на мејлови, дали приватни, дали од работа, тоа ми е една кратка обврска која ме спрема полесно за наредниот ден. А денот го завршуваме секако со сопругата, со добро мезе и убаво вино, и најбитното добра серија, или документарец.
Никола вели дека би читал и книга ама засега, нема навистина време .
„Секој ден го почнувам и завршувам со иста мисла: Сѐ ќе биде во ред.
Без разлика што и да се случува во моментов, колку и да ти е стресно и имаш
проблеми, мислиш дека немаш решение, на крајот секогаш ќе биде во ред, само
ако навистина веруваш во тоа. Можеме тоа да си го кажуваме или да го ставиме
како мисла на стори на Инстаграм, но ако навистина веруваме во тоа и работиме
секако да се случи, животот ќе ни биде полесен. Кај мене барем функционира
супер.
Ирена Ставрова