Животот ми се смени преку ноќ: Интервју со кралицата на севдалинките Амира Медуњанин
Амира Медуњанин е феномен за многу музички критичари од целиот свет, и за публиката која без да трепне ја следи на нејзините настапи. Кралицата на севдалинките, музичкиот новинар Гарт Картрајт ја нарекува босанската Били Холидеј, поради иновативниот начин на кој го пее севдахот. Од канцелариски работник во финансии во Европската комисија во Сараево, Амира преку ноќ решава да ја напушти работата и сосема да му се посвети на она што ѝ е во срцето, музиката. Откако во 2003 година гостуваше на албумот „A Secret Gate“ на составот „Mostar Sevdah Reunion“, во 2005 година го сними својот дебитантски албум „Rosa“, кој добива одлични критики во Велика Британија. Од тогаш, има снимено осум албуми и настапува насекаде низ светот пеејќи традиционална музика од Босна и Херцеговина, Србија и од Македонија. На нејзиниот репертоар секогаш и секаде и е „Ја излези Ѓурѓо“. Со оваа изведба Амира ја промовира и македонската традиционална музика во светски рамки. Амира за Женски магазин ја раскажа нејзината фасцинантна животна приказна, пред концертите кои „Авалон“ продукција ги организира, утре, во Хераклеа во Битола и во сабота, (9 август) во Античкиот театар во Охрид.
*Критичарите одлично го оценуваат вашиот нов албум „For Him and Her“, кој го посветивте на Тома Здравковиќ и на Силвана Арменулиќ. Како ги избравте тие 12 песни на албумот, дали ве водеа некои лични спомени?
- Токму така. Одамна се имам запознаено со нивната музика. На крајот на седумдесетите од минатиот век, како дете ја засакав. Главно слушав традиционални песни кои тогаш беа многу популарни меѓу народот. Морам да речам дека целосниот период беше многу интересен и пред сè инспиративен за нашата генерација. Музиката за нас беше многу важна. И не се работи овде само за традиционалното. Мислам дека сите уживавме во откривањето, во за нас, новата музика. Без оглед кој жанр е во прашање. Некако во тие години дознававме дека исклучителноста не може ништо добро да ни донесе. И јас верував дека размислувајќи на тој начин останав ускратена за за многу убави мигови во животот кои само музиката може да ги овозможи. А музиката на Тома и на Силвана на многумина им откри некој друг свет на народната музика, а тогаш ја дефинираа како новокомпнирана музика. На нас тоа суштински не ни беше важно, внимателно ја слушавме секоја воздишка и секој тон во песните. И да, емотивно бевме поврзани со нивните ненадминати интерпретации, и што е најважно, со пораките од песните, кои, морам да речам дека ги прифативме и ги сфативме на друг начин, затоа што повеќето од нас од таа генерација ја немале можноста да ги слушнат ниту да ги видат во живо. Ги слушавме на касетофон, на грамофон, а најмногу ги пеевме на дружењата. Ниту една забава не можеше да помине без нивната музика. А тие 12 песни се поврзани за различни ситуации во мојот живот. За секоја песна знам кога за прв пат сум ја слушнала, како сум ја доживеала и како сум ја преживувала.
Обработките на овие песни се всушност мое видување на нивниот музички опус. И знам дека секој од нас има омилена листа на нивните песни. Тоа е многу интересно кога зборуваме за нивната уметност. Од друга страна, не има многу на кои само една од нивните песни е доволно без збор да си објасниме на себеси, а потоа и на другите како се чувстуваме во одреден момент.
* И Силвана и Тима имаат холивудски приказни, и двајцата се од сиромашни семејства, патиштата им се вкрстуваат, и двајцата животот го завршиле релативно млади. Како на вас влијаат нивните животни приказни, како ги доживувавте како луѓе и како музичари?
-Врзано за вашето прашање, мислам дека делумно објаснив во претходниот одговор. Сликата е кристално јасна. Слушајќи ја нивната музика, не можете да не забележите дека секоја песна ја пеат како потоа веќе ништо нема да постои. Својата душа и срце ги имаа вградено во секоја своја интерпретација и навистина не е можно тоа да не се почувствува. Никогаш не сум имала можност да го гледам Тома во живо, но и како деца не знаевме многу за нив и за нивниот живот генерално. Но, мислам дека сите се чувствувавме некако повластено што можевме да ја споделуваме нивната музика. Како поинако човек и може да ги доживее? Знаете, повеќето песни кои ги обработив на овој албум настанале пред да се родам, и сега, кога зборувам за тоа, за девојче кое во тоа време растело, песните звучеле вонвременски. И сега кога ќе ги слушам оригиналните снимки, како и тогаш, чувството е еднакво. Тоа покажува колку музиката е навистина важна во нашите животи.
*Која беше Амира Медуњанин пред да стане позната по севдахот кој го промовира низ светот?
-Порано никогаш не размислував сериозно да ѝ се посветам на музиката. А искрено, сметав дека тоа треба да биде и да остане мојот приватен свет во кој пронаоѓам сила кога ми е тешко, и секако среќа. Знаете, јас никогаш не сум била во некој бенд, ниту јавно сум настапувала. Ми беа поставени сосема други приоритети во животот. И живеев како сиот нормален свет. Ништо осбено. Работев во финансии во една канцеларија во Европската комисија. Стандардно работно време од осум до пет. Знам дека се трудев да ја работам работата најдобро што можам. И тоа ми одзимаше поголем дел од времето. А кога не работев, повеќето од времето бев со семејството и со пријателите.
*Ни доаѓате на концерт во Битола на 8 август и во Охрид на 9 август. Кој репертоар, освен оној од новиот албум ќе ни го понудите?
-Исклучително ми е драго што ќе бидам во можност повторно да настапувам во Охрид. А особено се радувам што за прв пат доаѓам во Битола. На сцената ќе ми се придружат моите постојани соработници Анте Гело на гитара и Звонимир Шестак на контрабас. Среќна сум, затоа што практично, ова ќе бидат први концерти по пет месеци кои ги поминав во излоација по доаѓањето од Австралија. Имаме многу нешта да ѝ претставиме на публиката. Не знам од кај да почнам. Минатиот настап во Охрид беше прекрасен и се сеќавам дека плеј листата која ја подготвивме сосема ја сменивме на концертот. Ќе биде интересно, затоа што мислам дека останавме покуси за некои песни кои ги изведовме таа ноќ. Така што, и тоа ќе биде дел од програмата. А, мислам дека сè ќе зависи од нас на сцената и од луѓето кои ќе дојдат на концертите. Ќе видиме како ситуацијата ќе се одвива. Јас искрено би сакала концертите да траат што подолго и да можеме заедно да се опуштиме неколку часа. А на мене никаде не ми се брза.
*Прекрасна е вашата изведба на песната „Ја излези Ѓурѓо“. Каде сè ја имате пеено, и како луѓето реагираат на неа? Уште кои други македонски традиционални песни лично ги сакате?
„Ја излези Ѓурѓо“ е прекрасна песна. Бев воодушевена кога за првпат ја слушнав. Како и сите други македонски нарорни песни. А кога веќе ме прашувате за изведбата, мислам дека ја имам пеено речиси на секој концерт. Обработката на таа песна е снимена во Норвешка со Trondheim Solistene и на сите ни беше изннадување како норвешките музичари ја доживејаа. Морам да кажам дека подоцна многу разговаравме за македонската музика. Сè им беше интересно, затоа што никогаш претходно немале можност да да ја слушаат. А мене особено ми остана во сеќавање гостувањето на фестивал во Финска минатата година. Имав вокална работилница и знам дека сите учесници беа воодушевени. Покрај „Ѓурѓо“, слушавме и оригинални снимки и пеевме други македонски песни. Листата на македонски песни кои ги сакам е доста долга. Знаете, се запознав со македонската музика пред многу, многу години. Бев практично дете и го слушав сето она до кое што можев да дојдам. Кога зборуваме за тоа, бев фасцинирана од песните кои ги изведуваа Александар Сариевски, Нина Спирова, Кевсер Селимова, Ѓорѓи Желчевски, Борис Ангеловски, Есма Реџепова, Васка Илиева, Кирил Манчевски и други.
Уште од првиот албум нагласувам колку навистина ми значи традиционалната музика од овие простори. И по правило, мислам дека мораме да останеме на истиот пат. Важно е да се сочува традицијата за генерациите кои доаѓаат.
*Го пропатувавте светот, каде освен во Сараево би можеле да живеете, некој град, место во кое сте се вљубиле на прв поглед?
- Видете, додека не влегов во светот на музиката, не патував многу. Еднаш бев на екскурзија и неколку пати на море и тоа беше сè. А, од моментот кога одлучив да се посветам исклучиво на музиката, од пред 15 години до денес, го поминав поголемиот дел од планетава. Како дете мечтаев да патувам, а многу ми се доапаѓеше идејата за куќа на тркала. Каде и да застанете, тука и живеете. Еве, сега сум постојано на пат. Немам куќа на тркала, но гледате како сè ќе се нареди во животот. Во текот на сите овие години, имам видено убави места, но мислам дека е тешко да се одлучам. Сигурно дека би одбрала некое помало место, каде што има повеќе слобода и животот се одвива побавно.
*Велите дека сакате да седите по аеродроми и не ви тешко чекањето додека ги набљудувате луѓето околу вас. Што најмногу ве фасцинира во таа приказна?
-Многу време поминувам на аеродромите и во авион. Првобитно бев нервозна додека ги чекав летовите, но научив да бидам трпелива. Сега не ми е проблем да чекам на конекција и по неколку часа. Времето брзо поминува кога имате што да правите. Обично ќе седнам во некое кафуле, ќе нарачам кафе и набљудувам. И одмарам. Баш ме опушта комплетната атмосфера. Нема никаков стрес. Некогаш некој од патниците ќе протрча, веројатно обидувајќи се да стаса на лет, но тоа е сè дел од возбудата на аеродромот. Наоѓам и време да го прочитам она што ме интересира и да завршам некои незавршени работи.
*Пеете традиционална нузика, а традиционален живот има сè помалку, особено во време на пандемијата кога нема близок контакт и сè се сведува на онлајн комуникација. Дали за себеси би текле дека сте повеќе „old school“ или ви годат социјалните мрежи и дигитализацијата воопшто?
- Пред ова новово време, често им пишував писма на пријателите. Има нешто во тоа кога ќе напишете неколку реда, ќе ја превиткате хартијата, ќе ја ставите во плик, ќе купите поштенска марка и ќе го однесете писмото до првото поштенско сандаче. Додуша, и сега тоа го практикувам, но многу поретко. Социјалните мрежи ги користам, затоа што сум главно на пат, а некогаш тоа е најлесен начин за комуникација. Неминовно е дека светот се смени и мораме да го прифатиме тој факт. Но, не смееме да станеме зависни. Сега, во времето на пандемијата на коронавирусот на сите тоа им помогна, затоа што можеме да сме во контакт константно. Мислам дека треба да се најде баланс, како и за многу други работи. Се работи всушност за алатки кои ни го олеснуваат животот.
*Постои ли некоја случка од вашиот приватен или професионален живот од која сте извлекле најголема поука?
-Кажав дека мојот живот се смени од корен, и тоа преку ноќ. Тоа беше првенствено одлука која нема многу врска со разумот. Кога срцето ќе го одреди патот, мислам дека треба само да се следи.
*Што ве прави среќна кога не работите, кои мали нешта ве исполнуваат?
- Главно поминувам време со семејството. Секако, одам со пријателите на кафе. Сакам цвеќе и кога садам и пресадувам разни билки, некако најдобро се одмарам. А најсреќна сум кога ќе го видам првиот цвет. Е, тогаш навистина срцето ми е полно.
Милица Џаровска