АНА БУНТЕСКА: “те сакам до небото и назад”
Има ли мерка за љубов?
знае ли некој како љубовта се мери
еве, децата велат
“те сакам до небото и назад”
оти небото во детскиот ум е бескраен
и некогаш се прашувам
дали душата е поголема од небото
та ми се чини оти мора да е
оти во неа и небо збира
сосе облаци и ѕвезди
и сиот дожд
сосе грмотевици и молњи
а сепак поубаво ми звучи она
“до небото и назад”
оти тоа барем знам колку чисто е
и оти тоа, детското небо
е поголемо од душата на возрасните
и затоа никому не верувам
ама баш никому дека ме сака со кажана мерка
небаре љубовта штоф е
па од неа одело ќе скроиме
или свечен фустан за забава
небаре љубовта течност е
та од неа ќе ги наполниме чашите
за живели со непознати да правиме
небаре љубовта храна на трпеза е
та како на скап коктел
ќе боцкаме и пребираме
детската љубов
таа кај тебе сакам да ја видам
да ги рашириш рацете
па да се премислиш
и угоре да ги крениш
и со чист глас да кажеш
“те сакам Ано до небото и назад”
и да се смееме небаре шега е
а и обајцата да знаеме
колку вистина има во детското поимање на љубовта
колку вистинска љубов во неколку збора е збрано
оти ко ќе не’ нема
душата на истото тоа небо заминува
токму на она, детското небо
она небо до кое љубовта ми оди
и повеќе не се враќа
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска