ДАЈТЕ НИ КРИЛЈА

Добивај вести на Viber

Во прекрасните предели обвиткани со раскошна вегетација, таму каде што сонцето се капе во бистрите води на потоците, во крошните на раззеленетите дрвја, како во лулка извезена од најубава цветна ткаенина, се слушна плачот на штотуку родените гулапчиња. Вознесена од емоции помешани со возбуда и среќа, гулабицата весело погледна кон своите малечки. Гледајќи ги како слатко спијат во нејзината прегратка, забележа дека на малите и тенки крилца имаат огромни рани, од кои непрекинато тече крв.Обидувајќи се да им ги залекува раните, како пчела иташе што поскоро да ги нахрани, сакајќи што побрзо да оздрават, за да можат заедно среќно да летаат над високите ридови. Нежни и меки како свила, со тажен поглед гледаа кон гулабицата, која се обидуваше да ја сокрие болката, пеејќи им весели мелодии на своите најмили. Насетувајќи ги оваа нивна вознемиреност и немоќ, безмилосниот орел лукаво ги демнеше од зад грмушките, чиниш секој момент ќе им скокне во гнездото и ќе ги распарталави нивните нежни крилја. Навидум овие грди пајчиња, како што обожаваа да ги нарекуваат некои немилосрдни грабливци, безуспешно се бореа со своите крилја да слетаат над бистрите поточиња, сакајќи да се напијат чиста изворска вода. Додека славејчињата ги пееја своите омилени рефрени, искачени на гранките, облечени во своите преубави облеки кои сјаеја како светилки на блескавото сонце, не можејќи да ја почувствуваат убавината на оваа прекрасна глетка, тажно се повлекоа во своето гнездо. Злобните натрапници, мислејќи дека овие мали и беспомошни суштества им се сигурен плен со кој на лесен начин ќе го заситат својот глад, всушност, не знаеја дека во нивните вени течи вжештена лава, која ќе го изгори секој што ќе ги растажи, а нивното срце е камен кој не може така лесно да се скрши, чекорејќи по шумите посеани со трнливи коприви. Со тивкиот црцор како да сакаа на безмилосните штетници да им порачаат веќе да не се задушуваат во гневот, и да ги срушат прозорците од презир и потсмев, за да може во нивните души да влезе свеж и чист воздух. Ивона Дамеска~ Ида, ("Душата на дланка")