Децата не треба да бидат бројки за спроведување експеримент

Добивај вести на Viber

  Зошто сите ние сакаме деца? Заради пораст на наталитетот или заради љубов и лична желба да имаме семејство? Порано, браковите се склучувале по договор. Но, за среќа, сега, не е така. Сега љубовта е една од клучните препораки за градење на брачното стебло. Изборот на неговото разградување би требало да биде лично, но не секогаш е така. Економската стабилност е една од клучните гранки која може да го попречува целиот тој развој. Динамиката на времето секако става пранги и на брачната заедница. Многу од младите се чувствуваат несреќно, затоа што и покрај сите свои предиспозиции, не можат да најдат работа, па се зависни од своите родители, што ги става во една незавидна положба во 21 век…економски не можат да се одржат. Секое семејство е побогато со деца. Тоа е факт, непобитен. Но, дали знаете дека одгледувањето деца, денес и во минатото никако не се компарираат? Првенствено поради фактот „време“. Токму тоа е „виновно“ за многу промени, технолошки, технички, образовни и сл. Многумина сакаат да прават временска паралела, која најчесто е ваква: децата пред 100 години и децата сега. Во првиот случај постоеја семејства со по 8-9 деца. Трчаа заедно, се дружеа, јадеа што имаше. Но, имаа време на претек, бидејќи ретко кој во тоа време можеше да си дозволи образование на сите деца. Во најдобри случаи завршува едно до две, или 4 до 8 одделени. Проверете ја статистиката, ако не верувате. Лесно ќе најдете млади и амбициозни кои по втората светска војна завршиле ноќна школа. Ама тоа го правеле кога имале по 30тина години, а не на онаа стандардна возраст на која ние денес ги образуваме нашите деца. Во 21 век за да воспитате, образувате и изградите еден примерен детски нормален лик, како мајка, а и како татко, треба да вложите многу повеќе труд. Не само љубов, бидејќи тоа едноставно ќе биде малку, а вашето дете не ќе може да се вклопи во динамиката на денешницата. Од старт треба да бидете подготвени дека вашето дете треба да биде технолошки подготвено. Ако ние како деца се радувавме на Комодоре, ова дете ќе треба да знае совршено да ракува со таблет. Да чита книги од интернет, а не во библиотека, без разлика колкав ќе биде нашиот отпор. Тоа е подреденоста на новите вредности, кои ни како поеденци, ни како група не можеме да ги смениме. Може само да се приспособиме. Во наше време се учеше само англиски. Е сега тоа е малку. Тоа се знае уште од градинка. Значи за почеток, вашето дете треба да владее најмалку два странски јазика, ако посакувате на било каков начин во блиска иднина да може да се вклопи во системот најмалку, а ако пак сака успешна кариера, ќе требаат и други жртви. Каква иднина посакувате за своето дете? Сигурна сум дека одговорот е најдобра. Но, како да стасаме до неа? Едно дете за да стане личност, треба да се нахрани, напие, облече, да се образува и најважно од сè, да се воспитува и сака. За мајките ќе беше најлесно само да раѓаат и тука да заврши секоја нивна одговорност во врска со нивното дете. Но, не е баш така. Градинките мака мачат со групно чување на 30 деца со само две воспитувачки во една паралелка. Можат ли тие да се справат со толку деца, можат ли да ги воспитаат, можат ли воопшто да внимаваат на нив. Често децата знаат повеќе и од самите воспитувачки. Секоја чест на исклучоците, но поразително за секоја мајка е да го оставиш твоето дете на друг, притоа да не си сигурен колку ќе јаде, пие, дали некој ќе го провери кога ќе падне или сл. Секако, мора да посочиме дека има програми во градинките, но каква е нивната спроведливост при 30 деца? Има и фантастични воспитувачи, но дали тие може да работат со така големи групи. Секако и тие не се виновни. Можат ли децата да бидат само бројки за остварување статистички цели, па и за наталитет? Училишните програми кај нас, како да не се прилагодени да го извадат максимумот од децата. Да не го заборавиме фактот што пречесто се менуваа, без да се анализира убаво фактот на секоја промена, која е целта, каков е ефектот, посебно врз децата. Децата денес  се пренатрупани  со материјал. Мора да нагласиме дел од тој материјал,  е скоро и непотребен. Псебно во времето во кое постојано сме подложни на брзи промени, како резултат на брзиот развој и посебно, размената на податоци која е секогаш на дофат на децата. Децата се учат на работи кои можеби нема да бидат од суштинско значење за нив во иднина... Секако, ова не е се. Тука се уште и тешките економски состојби, кои многу семејства во земјава оставиле само на леб и вода, па не се ни осмелуваат да побараат повеќе. Да не зборувам дека просечните семејства во Македонија, одамна се далеку под просекот, слободно прашајте ја т.н. средна класа. Бројки не споменав од една едноставна причина, децата имаат непроценлива вредност за сите нас. Па, токму затоа ако навистина толку многу ни требаат, да не ги третираме како статистички бројки, туку како човечки големини. Впрочем и тие се луѓе, нели! Ако ги посакуваме толку многу, тогаш навистина да се потрудиме, да им покажеме дека го вреднуваме вистински сиот труд кој е вложен во нивното создавање. Токму и затоа ни треба нова и свежа стратегија со која ќе ја фокусираме најправилно иднината на нашите деца. Тие не смеат да бидат постојано бројки за експеримент. Тие треба да станат личност. А нашиот труд треба да биде двигателот, кој ќе го овозможи сето тоа. За Женски Магазин, Вики Чадиковска