Доминика Стојаноска “UN Woman”: Потребна е правична застапеност на жените и мажите во политиката и процесите на одлучување

Добивај вести на Viber

Учеството на жените во процесите на одлучување и креирање политики треба да биде пропорционално на учеството на жените во вкупната популација. Жените се 50% од населението и затоа треба да бидат и еднакво застапени во сите процеси коишто водат кон развојот на едно општество и држава. Но, за жал, реалноста е сосема поинаква - вели за Фактор, Доминика Стојаноска,  шефица на Канцеларијата на ОН во Скопје од  Телото  за родова рамноправност и зајакнување на жените (UN Women). Македонија како што вели  има 40% застапеност на жени во законодавниот дом и во локалните совети– што гледано во глобален просек е многу добро – но благодарение на воведувањето на изборните квоти. Без афирмативни мерки, според неа  застапеноста на жените е многу ниска, како што е случајот во извршната власт. Дополнително како што вели иако принципот на еднаквост и  недискриминација е утвреден во Уставот, регулиран во македонското законодавство, сепак жените се соочуваат со структурни бариери до пристапот до пазарот на труд. ФакторКакво треба да биде учеството на жените во процесите на одлучување и креирање политики? Дали во земјава се кројат политики сензитивни кон родовите прашања и колку буџетски процес е соодветен или отворен за родово буџетирање? СтојаноскаРеално, жените се соочуваат со многу бариери во целта да земат активно учество во процесите на одлучување, тргнувајќи од традиционалните норми и вредности за улогата на жената во приватната и јавната сфера, до препреките со коишто се соочуваат во политичкото делување во самите партии, до потешкотиите во напредувањето со кариерата. Поголемо вклучување на жените во процесите на одлучување не значи по автоматизам нови политики сензитивни кон родовите прашања, но дефинитивно значи воведување на една нова димензија на јавните политики, бидејки на политичката агенда се поставуваат прашања коишто до тогаш се непрепознаени, како на пример, разни форми на родово базираното насилство, препознавање, намалување и редистрибуција на неплатената работа на труд итн. Во Р.Македонија преземени се низа чекори за вклучување на принципот на родова еднаквост во неколку политики и стратегии, како на национално, така и локално ниво. Меѓутоа, овие напори се далеку од доволни за да се дефинираат генерално политиките како родово сензитивни. Најчесто, станува збор за родово неутрални политики, но постојат и примери на родово слепи политики. Со оглед на тоа што буџетот ги рефлектира приоритетите и политиките на една влада, претставува клучна можност за зголемување на родовата еднаквост, а родовото буџетирање како алатка придонесува кон таа цел. Родовото буџетирање всушност значи развивање на политики, програми и соодветна распределба на средства согласно различните потреби на жените и мажите. Моментално, Р. Македонија има т.н. линиско буџетирање со елементи на програмско буџетирање. Иако потешко, во ваквиот буџетски систем има простор да се воведе родовата перспектива преку родово буџетска анализа на постоечките програми, одредување на индикатори за мерење на влијанието на програмите врз жените и мажите и соодветна распределба на средства. ФакторКаква е моменталната состојба со економските права на жените во однос на платата, условите за работа, вреднување на трудот на жените за извршена работа од иста вредност, учество на пазарот на трудот? СтојаноскаОстварувањето на економските права, економското јакнење и економската независност на жените е клучен услов за живеење живот ослободен од насилство и дискриминација. Иако принципот на еднаквост и  недискриминација е утвреден во Уставот, регулиран во македонското законодавство, сепак жените се соочуваат со структурни бариери до пристапот до пазарот на труд. Според АРС (анкетата за работна сила) за 2016, стапката на вработеност на жените изнесува 33.8 и е значително пониска во споредба со онаа кај мажите која изнесува 52.3.Само 39.2 % од жените се вработени наспроти 60.8% од мажите. Дополнително, жените сочинуваат 64,5% од неактивното население. Оние жени коишто се вклучени на пазарот на труд, се соочуваат со родов јаз во платите утврден на 18-19%. Недоволната вклученост на жените на пазарот на труд и неискористеноста на нивниот потенцијал е пропуштена можност за искористување на човечкиот капитал и развојот на една држава. Бариерите се повеќеслојни, од прикриена дискриминација на младите жени поради нивниот репродуктивен период, до немање можности за отпочнување на сопствени бизнис поради немање сопственост и капитал (само 16% од жените во земјата се сопственички на недвижен имот) до препреки и жртвување на потенцијалот за развој на кариера и унапредување поради семејни обврски и заедничкото добро. Факт е дека жените во РМ исто како и ширум светот се соочуваат со т.н. „леплив под“ (sticky floor) т.е. остануваат на ниско вреднувани  и ниско платени работи места бидејќи се жени; скршени скали (broken ladder) кадешто во искачувањето на скалите, т.е. во напредокот на кариерата се соочуваат со кршење – прекини на истите и повторно отпочнување од почеток (размислете само на влијанието на породилното отсуство во развојот на кариерата на една жена), како и стаклениот таван (glass ceiling) што го уназадува нивното унапредување постојаното лизање надолу, т.е. структурните бариери коишто стојат на патот. Жените во Република Македонија се свесни за постоењето на дискриминацијата во пристапот до пазарот на труд. Последното репрезентативно истражување на поддржано од UN Women за причините за ниското учество на жените на пазарот на труд покажува дека значаен дел, односно 46,6% интервјуираните жени веруваат дека постои дискриминација кон жените на пазарот на труд и дека при еднакви квалификации, работодавците би вработиле маж наместо жена. Ова е резултат на традиционалните норми коишто наложуваат дека жените се оние коишто треба да се грижат за децата и семејството и тоа неизбежно мора да се промени. Сепак, има многу примери на успешни бизнис жени кои докажуваат дека доколку имате еднакви можности и пристап до ресурси, работно место, балансирани обврски со партнерот во домот и семејството, тогаш и економската независност и успешност станува реалност. ФакторЗошто жените добиваат помала плата од мажите за иста работа и исто работно место? СтојаноскаРодовиот јаз во платите може да се дефинира како разликата во платите што ги заработуваат жените и мажите. Најголемиот број емпириски студии го мерат јазот како средната разлика во бруто платите на жените и мажите и таквиот јаз се нарекува некоригиран или необработен јаз во платите. Вообичаено, еден дел од тој јаз се поврзува со разликите во карактеристиките на пазарот на трудот на мажите и жените (различното ниво на образование, работно искуство, занимање и сектор на вработување) што произлегуваат од историските ограничувања за жените во однос на пристапот до вработувањето, како и од културните стереотипи. Ова е објаснетиот дел од родовиот јаз во платите. Иако жените се еднакво образовани со мажите во Р.Македонија, сепак јазот опстојува поради разликите во работното искуство меѓу мажите и жените. Жените вообичаено работат со пократко работно време и стекнуваат помало искуство поради прекините на кариерата во својот животен век што се поврзани, пред сè, со неплатената работа на грижа (за децата и постарите лица во семејството, како и работата во домаќинството). Ова може значајно да ги намали нивните приходи. Сегрегацијата на жените во некои послабо платени занимања може, исто така, да даде објаснување за еден дел од родовиот јаз во платите. Јазот што останува откако ќе се земат предвид горенаведените причини се толкува како дискриминација. Целото  интервју може да го прочитате на Фактор, овде.