ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ, КАРОЛИНА ГОЧЕВА: НОВ АЛБУМ Е МОЈОТ ПОДАРОК ПОД ЕЛКА ЗА СИТЕ

Добивај вести на Viber

  Пред свадбата, ние воопшто не се ни трудевме да држиме нешто во тајност, ниту некому сугериравме дека не смее да каже што било. Тоа што ништо не се дозна до последниот ден е само знак дека нашите пријатели добро не познаваат. Ова беше убава година за поп-ѕвездата Каролина Гочева. Професионално, ја започна со јубилеј на Државното музичко училиште во нејзината Битола каде што беше гостинка. Се вклучи во неколку кампањи за поддршка на лицата со посебни потреби, хуманитарни концерти, борбата против насилство брз жените. Со Дуке Бојаџиев ја промовираа песната „Свет без граници“. Годинава за Каролина завршува со промоција на новата песна „Ѕвона“, чиј автор е Никола Мицевски, која е најава новиот албум. Приватно, најсреќен ден и беше 23 септември, денот кога се омажи за својата љубов, уметникот Михаил Корубин. И свршувачката во Париз, која и се случи неколку дена по нејзиниот роденден, и фотографија од свадбата, таа прво ги сподели со нејзините следбеници на Инстаграм. Во ексклузивното интервју за „Женски магазин“ со Каролина се присетивме на најважните моменти од годинава што изминува, и откривме дел од плановите за следната година. Женски Mагазин - Прекрасно ја изведе песната „Феникс“, која неодамна беше промовирана во Подгорица. Кажи ми нешто повеќе за соработката со црногорскиот музичар Момчило Зековиќ и гостувањето на неговиот проект. Каролина - Момчило е еден од најпочитуваните црногорски автори кој годинава славеше јубилеј, па по тој повод направи неколку соработки со музичари од регионот. Освен мене, знам дека во проектот се вклучени и Ѓуле од Ван Гог, Нено Белан, Зоран Предин и уште неколку други имиња од регионов. „Феникс“ е една нова верзија на негова веќе постоечка, авторска песна која ја снимивме овде, со мојата екипа. Женски Mагазин - Ми напомена дека наскоро ќе излезе нов сингл за македонскиот пазар. Каква песна да очекуваме и од кои автори? Каролина - Новиот сингл ќе е првиот од новиот албум на кој работиме веќе извесно време а ќе излезе на почеток на 2018. Автор е Никола Мицевски, а очекувајте убава песна, тоа е и најважно. Женски Mагазин - По „Македонско девојче“ 1 и 2, дали твојот нов албум ќе биде продолжение на овој успешен проект, или сосема нешто ново? Каролина - Повторно сме поблиску до овој жанр отколку до класичен поп, некако на целата екипа (тука секако мислам и на целиот бенд) последниов проект одлично ни лежи, со огромна љубов го изведуваме, што мислам е и забележливо кај сите, а и публиката со посебна топлина ни возвраќа изминативе години. [caption id="attachment_9877" align="aligncenter" width="640"] Промоцијата на новиот албум е планирана за почетокот на 2018, периодов ги осмислуваме сите детали, многу скоро ќе ги објавиме[/caption] Женски Mагазин - Кога ќе биде промовиран новиот албум? Каролина - Промоцијата е планирана за почеток на 2018, периодов ги осмислуваме сите детали, многу скоро ќе ги објавиме. Женски Mагазин - Дали ти и твојот менаџерски тим сте размислувале за преработка на некоја од твоите постари фестивалски песни, како што беше случај со песната „Тој“ и за компилациски албум со твоите најголеми хитови? Каролина - На концерти изведувавме некои од постарите песни како „Од нас зависи“, „Умирам без тебе“, ама со нов и приспособен аранжман. Моментално сме насочени кон создавање на нова музика, идеите за преработки обично спонтано, на проби се појавуваат, па ништо чудно да направиме уште некоја за периодот кој доаѓа. Женски Mагазин - На приватен план ти се случи убава работа, свадбата со уметникот Михаил Корубин. Како успеавте и дали ви беше тешко до самиот крај да ја задржите приватноста на овој настан, се до моментот кога објави слики на твојот Инстаграм профил? Каролина - Ние воопшто не се ни трудевме да држиме нешто во тајност, ниту некому сугериравме дека не смее да каже било што. Тоа што ништо не се дозна до последниот ден е само знак дека нашите пријатели добро не познаваат. [caption id="attachment_9878" align="aligncenter" width="640"] Веќе го планираме следното патување, но нема зошто да го викаме свадбено кога веќе поминаа неколку месеци. - Каролина и Михаил[/caption] Женски Магазин - Повеќето невести и младоженци имаат трема на својата венчавка и од возбуда не успеваат да направат се како што замислиле. Како за тебе и за Михаил помина оваа посебна вечер? Каролина - Сакавме да направиме журка за најблиските, без некои посебни оптоварувања, а тоа и го направивме. Женски Магазин - Дали твојата сегашна среќа и емотивна исполнетост влијаат на твојата музика, изборот на нови песни и нивната изведба? Каролина - Искрено, кај мене не било никогаш намерно ниту наменски но, секој човек, особено уметник, на некој начин ја отсликува својата емотивна состојба низ она што го прикажува. И не само својата, туку и на сите оние кои се инволвирани во еден проект, затоа што секој остава по одреден дел од себе, а во нашиов случај јас, како пејач сум таа која го презентира и доловува пакетот сублимирани емоции од сите нас. Женски Магазин - Имаш ли најдраго дело од Михаил кое има посебно место во вашиот дом, и која е негова најдрага твоја песна? Каролина - Ми се допаѓаше неговата работа уште од пред да се познаваме, ми се допаѓаа повеќе негови дела, едно од нив - Touch и го ставивме како подлога на песната со Дуке Бојаџиев. Женски Магазин - Она што покрај музиката и блиските те прави среќна се патувањата. Испланирано ли е следното, и дали тоа можеби е вашето свадбено патување? Каролина - Патувањата се нешто кое отсекогаш ме исполнувало и секоја година сакам да посетувам барем некое место каде не сум била, а секако дека има и места каде со задоволство се враќам и повеќе пати. Сметам дека запознавањето нови култури, новите нешта кои ги учиме ни го збогатуваат животот и духот. Веќе го планираме следното патување, но нема зошто да го викаме свадбено кога веќе поминаа неколку месеци. Женски Магазин - Дали за битолчанки сè уште важи онаа стара изрека „битолски пуфли“? Што мислиш ти ги има ли таквите горди битолчанки сè уште на Широк сокак или се останати во битолските легенди? Каролина - Мислам дека горди битолчанки, и пуфли се малку различни поими. Особено ме радува што првиве ги има сè уште и Битола сè уште може да се пофали со вистински госпоѓи и од повозрасната генерација кои се дотеруваат за на театар, за на концерт, за кафе на Широк сокак. [caption id="attachment_9876" align="aligncenter" width="640"] Мислам дека горди битолчанки, и пуфли се малку различни поими. Особено ме радува што првиве ги има сè уште и Битола сè уште може да се пофали со вистински госпоѓи. - Каролина[/caption] Женски Магазин - На која традиција или адет си најгорда од својот роден град? Каролина - На зелник со паре за Василица, на крукче по Широк Сокак, на нови чевли за Велигден, на неделни ручеци во кругот на семејството, на специфичниот битолски хумор. Женски Магазин - Кои ти се најдрагите места во Битола, и кои спомени на некои места ти будат носталгија и би сакала повторно да ги видиш и доживееш? Каролина-Одам често за Битола. Во моментов од Битола и ги одговарам прашањата, па сите места што ги сакам ги гледам редовно и си ги доживувам, но сега најчесто со внучињата Луција и Инес. Тие се мојата главна причина за доаѓање во мојот град, со кои повторно си имаме наши места каде на сите ни е забавно, а кога сум во Битола секако дека со внуките сме неразделни, или како што поголемата внука Луција знаеше да каже кога беше помала: Залепени! :-) Женски Магазин - Ти будат ли внуките мајчински чувства? Каролина - Па, како викаат, тетката е втора мајка и тоа не е далеку од вистината. Внучињата се мојата прва љубов и најголема радост и будат цел спектар на чувства кај мене. И со двете имам посебен однос и огромна љубов. Искрено, колку и да е смешно, до ден денес имам некој полу-мајчински однос и према сестра ми која е само две и пол години помала од мене, но за мене секогаш ќе биде мојата помала сестричка на која и ѕвонам на 15 минути кога патува и ми се лути што дигам паника и ја барам по другарки кога не ми крева телефон. [caption id="attachment_9879" align="aligncenter" width="639"] Па, како викаат, тетката е втора мајка и тоа не е далеку од вистината. Внучињата се мојата прва љубов и најголема радост и будат цел спектар на чувства кај мене[/caption] Женски магазин - И ти си дел кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство, која оваа година се води под мотото „Вклучи се. Со срце за секоја една“. Како се чувствуваш кога слушаш за примери за насилство врз жена и според тебе, постојат ли начини да се стави крај на тоа? Каролина - Исто и минатата година бев дел од ваков тип на кампања и сметам дека е одличен напредок што почна почесто да се отвора оваа тема која е многу поблиску до сите нас од што можеме и да замислиме и многу е важно на време да ги препознаеме знаците кај некој кој нема храброст или се срами да ни каже што му се случува. Веројатно чувството кај сите нас кога ќе чуеме за некој таков пример е немоќ, затоа што во прв момент не знаеме што да направиме и како да помогнеме. За жал не е можно да се искорени насилство, но може барем жртвите да се охрабрат гласно да зборуваат со тоа што ќе се осигурат дека ќе бидат заштитени. Женски Магазин - Како ќе ја поминеш новогодишната ноќ и кои се твоите желби за 2018 година? Каролина - Во кругот на семејството и пријателите, а желбите за 2018 се многубројни, но на крај се сведуваат на тоа да сме здрави, среќни и сите на број. За Женски Магазин, Милица Џаровска Фото,  Лилика Стрезоска