ЗЕМИ ГО ВРЕМЕТО, ВРАТИ СИ ГО ЖИВОТОТ

Добивај вести на Viber

Сите брзаме. Брзаме затоа што времето тоа ни го налага. Роковите не притискаат. Брзаме затоа што обврските ни наметнуваат динамично темпо. Се плашиме да не задоцниме, да не испуштиме нешто, да не заборавиме. Се плашиме дека ако не сме доволно брзи, некој друг експресно ќе го пополни нашето место. Но, што е со животот? Може ли тој да се живее толку брзо? И не само нашиот, туку и туѓите. Ние не сме машини. Понекогаш имаме потреба да чувствуваме, а тоа не може да се направи во бркотница. Затоа, сѐ помалку сме среќни. Најчесто сме напнати, нервозни, викаме, експлодираме за ситници. Во бркотницата која ја живееме, дури ни црвеното светло на семафорот не може да ни ја разбуди свесноста да подзапреме. Па сѐ почесто сме сведоци на тажни судбини, предизвикани од невнимание во сообраќајната турканица. Брзаат и возачите и пешаците. Брзаат без да помислат дека животот не се брза, тој се живее. Во таа бркотница, брзо може да заврши. Ете баш затоа, понекогаш треба да застанеме. Да фрлиме поглед околу себе. Да ги видиме работите онакви какви што се навистина. Но, тоа не можеме да го забележиме, ние кои сме постојано во турканица. Понекогаш треба да се седнеме и да се сонуваме со отворени очи. Само 10 минути се доволни да кажеме дека го сакаме својот партнер… Да му предадеме дел од својата љубов преку страстен бакнеж. Само 10 минути се доволни да го гушнеме силно своето дете, да го погалиме по главчето и да му кажеме дека денес тој е нашиот подарок... Па ете така со малку, да му го направиме денот посебен. Само 10 минути се доволни да ја видите својата пријателка. Да ѝ кажете дека вие сте тука, а таа има сеуште специјално место во вашиот живот. И да, иако понекогаш се прашувате, добро каде да ги најдеме тие 10 минути во целата таа бркотница од време и обврски, сепак помислете дека животот е ваш. Не знаете кога ќе заврши. Затоа минутите во него за вашите најсакани, треба да бидат приоритет. Животот е нашето вистинско патување во кое секогаш имаме само една шанса. Затоа не треба да летаме. Треба да ја почитуваме таа шанса и секоја минута во неа треба да ни биде посебно драгоцена. Затоа да застанеме. Да си ја смириме душата. Да погледнеме малку околу себе. За да бидете херој, не треба ништо друго освен да ја сопрете бркотницата. Да почнете да ја слушате својата околина, во неа секогаш има некој кому му требате. На крај, времето е наше, ние го контролираме. Никој не може да ни го земе и никој не може да ни го врати. Токму затоа минутите со внимание, нека бидат времето кое доаѓа, затоа што тие ќе ни го овозможат животот.   За Женски Магазин, Вики Чадиковска