Интервјуа // Интервјуа
ИНТЕРВЈУ АНДРЕА НИКЧЕВСКА, МАКЕДОНКА КОЈА ГО ЖИВЕЕ СОНОТ ВО ДОМИНИКАНСКА РЕПУБЛИКА
За да се дојде до работа треба да се има документи, а процедурата за добивање на истите е комплицирана и трае многу долго. Она што е малку контрадикторно е тоа што платите за таканаречените нормални професии не се особено високи. Официјален јазик е шпанскиот и без течно зборување не можете да се вклопите во средината. Со мојот партнер имаме среќа што сме претприемачи во една ваква земја, имаме работа која е пред сè уметност и бара специфичен ангажман, објаснува атрактивната пејачка и танчарка
Иако дипломира на Економскиот факултет, Андреа Никчевска се буди и заспива со музиката, особено откако со момчето одлучи да замине на привремена работа во Доминиканска република. Нејзиниот партнер Димче Алексоски беше дете натпреварувач на скопскиот клуб „Ритам Плус“, уметник со меѓународни признанија. Во најразвиеното туристичко место Пунта Кана имаат своја компанија за организирање настани, а од пред две години и училиште за танц. Никчевска која првите посериозни чекори на естрадата ги имаше овде како вокалистка на „Тумбао салса бенд“ и „Мама бенд“ и во Доминикана има своја група, а повремено се занимава и со фотомоделство.
- Со музика се занимавам од 2009 година. Сè започна многу наивно. Бенд направен со моите средношколски другари и рок-свирки во кафулиња, за да подоцна бидам забележана од Петар Ренџов и на негова покана да се приклучам на „Тумбао салса бенд“ и „Мама бенд“. Тогаш првпат ме привлече и латиното како музика, специфичниот ритам како и начинот на танцување. Имав 19 години и бев во бенд со сериозни музичари како Дамир Имери. Кога ќе погледнам наназад тој период ми беше најголемата школа каде буквално секој ден учев нешто ново и се трудев што повеќе да напредувам. Морам да признаам дека имав огромна трема, особено на првите настапи и заеднички проекти, бидејќи сум самоука. Никогаш не сум посетувала музичко училиште - се присетува атрактивната пејачка и танчарка.
[caption id="attachment_11932" align="aligncenter" width="720"] Првите посериозни чекори на естрадата ги направи овде како вокалистка на „Тумбао салса бенд“[/caption]
Во „Тумбао салса бенд“ поминала скоро три години, имале настапи низ цела Македонија, гостувања во многу земји, ТВ-емисии. Паралелно студирала Е-бизнис на Економскиот Факултет во Скопје и успеала да го заврши факултетот и покрај музичките обврски.
- Беше тоа доста напорен, но истовремено и продуктивен период. Најважно е дека искуството е позитивно и верувам дека научив многу. Сè уште сум во контакт со скоро сите колеги, особено со Пепи Ренџов и секогаш кога сум во Македонија се случува да свириме заедно, што ми е особено драго- раскажува таа.
[caption id="attachment_11926" align="aligncenter" width="960"] Во Доминикана има своја група со која пее рок и блуз[/caption]
Кубанската салса ми е омилена
Нејзиниот партнер го запознала кога од „Тумбао салса бенд“ преминала во „Мундо Калиенте Салса Бенд“.
- Димче со танц се занимава од 1993 година, специјалност му се латиноамериканските, стандардните и карипските танци и има постигнато најголем успех воопшто во историјата на нашата држава на светски танцови натпревари во латино и стандард. Воедно е прв кој започна да држи часови по салса и бачата во Македонија, а неговите латино забави беа едни од најпознатите во Скопје. Токму со него ги направив и првите чекори во танцот, особено кубанската салса која ми е омилена – вели Андреа.
[caption id="attachment_11929" align="aligncenter" width="640"] Со нејзиното момче во Пунта Кана пред две години отвориле свое училиште за танц[/caption]
Никчевска почнала интензивно да изучува различни видови танци и нивната техника. Не ѝ било воопшто лесно и смета дека танцот е еден од најтешките спортови, иако на прв поглед на многумина не им изгледа така.
[caption id="attachment_11925" align="aligncenter" width="640"] Андреа со партнерот, танчар со меѓународни признанија кој прв почнал да дава часови по салса и бачата во Македонија[/caption]
Овде луѓето се среќни со малку
Идејата да заминат во Доминиканска република се наметнала случајно, преку нивен пријател кој живее таму. На почетокот патувањето било планирано како обична посета.
- Доминиканците како народ пленат со својата едноставност, среќни се со многу малку, прифаќаат секакви култури и отворени се за новитети. Увидовме дека постои можност нашата работа да продолжи на една таква прекрасна дестинација полна со луѓе од целиот свет. Живееме и работиме во Пунта Кана, најразвиеното туристичко место во државата. Познато е по прекрасните песочни плажи, тиркизната вода и топлата клима. Нашата работа опфаќа повеќе проекти кои се поврзани меѓу себе и се трудиме да ги реализираме подеднакво добро – објаснува Ничевска.
Имаат своја компанија за настани и соработуваат со голем број хотели. Задолжени се за сите видови на корпоративни и приватни настани како и за забави кои тие ги организираат за нивните гости. Вели дека тоа бара голема посветеност, но и одговорност, бидејќи од нив зависи осветлувањето, озвучувањето, изгледот и декорацијата на сцената, типот на музика која одговара за тој настан, изборот на бенд, диџеј или шоу со специјални ефекти и танц.
[caption id="attachment_11924" align="aligncenter" width="640"] Никчевска повремено се занимава со фотомоделство[/caption]
- Морам да признаам дека организацијата на настани е една од моите најголеми пасии и од сето она што го работам ми претставува најголем предизвик. Ми овозможува максимално да ја изразам својата креативност. Воедно, соработуваме со многу локални музичари кои изведуваат најразлични стилови. Преку нашата компанија тие имаат редовни ангажмани во хотелите и настапи на сите настани кои се во наша организација. Се разбира, веќе четири години имам и свој бенд со кој пеам рок и блуз, а со нив секој настап ми е повеќе уживање отколку работа–раскажува Никчевска.
Покрај редовните обврски со компанијата, со Димче даваат и и часовии по танц. Пред две години отвориле свое танцово студио „Корал Денс Студио Пунта Кана“, а го посетуваат луѓе од најразлични возрасти и националности.
- Интересот навистина нè изненади позитивно. Благодарение на успехот на нашето студио, лани започнавме соработка со реномираното приватно американско училиште „Кеп Кана Керитаџ Скул“. Би го споменала и фотомоделството како ангажман кој навистина ми претставува задоволство. Последно нешто на кое работев беше фотосесијата за каталонски бренд Mele Beach кој тука е доста популарен. Сликавме за летната сезона 2017, а фотографиите беа многу добро прифатени–открива Никчевска.
Мора да го знаете јазикот
Се надева дека работите ќе продолжат како и досега, дека со нејзиниот избраник ќе успеат да го одржат балансот помеѓу Доминикана и Македонија. Нагласува дека тоа не е ни најмалку лесно, но верува дека кога се вложува труд и пред сè љубов во она што се работи, резултатите нема да изостанат.
- Единствено што ми недостасува е моето семејство и пријателите и посакувам да можат почесто да ме посетуваат. Често добивам пораки од луѓе кои ме следат на социјалните мрежи за тоа како може да се дојде и работи во Доминикана. Заедничко за сите нив е што мислат дека Доминикана е сиромашна земја во Латинска Америка и дека може многу лесно да се дојде и да се работи без никаков проблем. Тоа воопшто не е така. Доминиканска Република е една од најразвиените земји во овој дел од светот, постојано се инвестира и секојдневно расте. Туристи има од секаде, но најмногу од Канада и богатите европски земји, па така и трошоците за живот не се баш мали. За да се дојде до работа треба да се има документи, а процедурата за добивање на истите е комплицирана и трае многу долго. Она што е малку контрадикторно е тоа што платите за таканаречените нормални професии не се особено високи. Официјален јазик е шпанскиот и без течно зборување буквално не можете да се вклопите во средината. Ние имаме среќа што сме претприемачи во една ваква земја, имаме работа која е пред сè уметност и бара специфичен ангажман – објаснува таа.
Засега не размислува многу за иднината. Научила дека без разлика колку и да го планира следниот чекор, колку и да сака сè да биде беспрекорно, некогаш е потребно само да се опушти и да остави работите да одат по својот тек.
- Полека и без брзање, само „tranquilo“ (смирено) – омилениот и најупотребуван збор во Доминиканската Република – порачува таа.
За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов