,

Интервју Антонија Ристовска: Модата е мој избор, секогаш

Добивај вести на Viber

Интервју Антонија Ристовска Таа е личност која ги исполнува своите соништа. Упорна и посветена, истрајна. Задоволна од постигнатото, визионерски посакува ревија во Париз. Одговорна и како мајка, но и како ќерка и партнерка. Модата секогаш е нејзиниот избор. Секогаш елегантна. Денес ви ја раскажуваме модната приказна на Антонија Ристовска   Женски Магазин Сите ние имаме некои соништа за животот. Кој е вашиот сон? Успеавте ли да го реализирате? Антонија Мојот сон отсекогаш бил да имам свое ателје, да се облекувам убаво и истото да го правам за сите жени што го сакаат тоа, да имам семејство среќно и секогаш во добро здравје, и секој ден кога ќе го почнам мојот работен ден тоа да биде задоволство. Со многу работа и среќа го имам исполнето тоа. Неостварен сон ми е да имам ревија на модната недела за висока мода во Париз. Женски Магазин Колку одлуката да бидете моден дизајнер, ја сметате како вистински избор? Имаше ли обиди да се откажете од неа? Антонија Сите ние се раѓаме со одреден талент, дарба за некоја уметност. Мојата страст кон креативно творење и создавање на парчиња облека прво за моите кукли, а после за себе, се појави уште во рана возраст, на мои 12 години. Покрај креативноста имав и многу прецизен пристап при нивната подготовка. Со секое направено парче страста за подготвување на ново, следно и следно, растеше се повеќе и повеќе. И тоа со години беше мое хоби, ми беше забавно и ме правеше среќна што можев да носам нешто уникатно и по мерка. А паралелно моето формално образование се одвиваше по некој тек според условите за живот што ми ги нудеше моето семејство. И покрај тоа што завршив Економски факултет, сметам дека тоа е една предност која ми олеснува подобро разбирање на сите пропратни работи кои се потребни за успешно основање и водење на модно ателје. Конечната одлука ја донесов уште во 1992 година и го основав своето ателје. Низ сите овие години подготвив илјадници парчиња и сум дел од најубавите моменти во животот на многу девојки и жени од Македонија и надвор, жени од дипломатскиот кор и секако успешни бизнис жени во нашата земја. Задоволствата на нивните лица секогаш е нов поттик за творење понатаму. Во ниеден момент не сум помислила дека го направив погрешниот избор. Женски Магазин Кога ќе фрлите поглед назад, по нешто повеќе од две децении работа, кои се впечатоците? Кои се миговите кои ви останат запаметени? Кои се искуствата кои успеавте да ги искачите? Кои вештини успеавте да ги развиете кај вас? Антонија Сите овие години зад мене се полни со плодна и креативна работа. Повеќе од 20 авторски колекции и над 15 модни ревии, многу интервјуа, телевизиски гостувања, насловни страници…Години во кои постојано се гради брендот Антонија Ристовска, постојано се усовршува и е во тек со сите промени на новото време. Запаметена ќе ми биде првата ревија во 2002 година, возбудата и тремата што ги имав и среќата што ја почувствував кога видов колку добро беше примена од публиката. Ќе ја паметам првата самостојна ревија во Музеј на град Скопје во 2006 година по нејзината голема посетеност и големиот медиумски интерес. Соработката со многу дами од јавниот живот. Наградата за жена менаџер за 2016 година. Подготовката на креацијата на Јана Бурчевска за овогодишниот Евросонг......   Женски Магазин Со кои материјали најчесто сакате да работите? Антонија Мојот став е што и да направите со лош избор на материјал, залудно сте си го потрошиле времето. Со добар материјал секоја креација изгледа убаво, нормално доколку изработката е квалитетна, а со лош материјал, и најдобрата идеја се девалвира. Уште од моите почетоци на прво место ми биле природните материјали, свила, памук, лен, волна, кожа, кои и сега ги користам. Но со тек на времето, со напредокот на технологијата во изработка на материјалите, некои материјали се покажаа како добра замена во однос на изгледот, одржувањето и функционалност, така што се користат и многу тенки мрежицки, француски тулови, египетски жоржети и шифони, мат сатени со еластин. Од 2015 почнав да подготвувам колекции и со материјали кои се специјално подготвени и печатени за мои потреби во Италија, секако на свила како најпрефинет и пријатен за носење материјал. Женски Магазин Како вие ја замислувате една дама? Како таа треба да изгледа според ваши критериуми? Антонија Кога ќе забележите жена која знае во секоја пригода соодветно да изгледа, на која ќе забележите дека има негувано лице, негувана коса, едноставно жена која е постојано уредна, ќе кажете дека е вистинска дама. Женски Магазин Кој моден креатор го сметате за ваш гуру? Антонија Многу светски дизајнери ме фасцинираат со нивните креации. Ели Сааб со неговите богато везени фустани, Армани со неговата архитектонска прецизност, Диор со нивните кроеви со нагласена женственост, Валентино со неговите нежни и лелеави креации, Лагерфелд со неговиот безвременски стил на дизајнирање. Женски Магазин Која е македонската дама, на која и се обраќате со својата најнова колекција? Антонија Новата колекција е наменета за жена, девојка, која ја носи нераскинливата врска со минатото, која е апсолутно присутна овде и сега со проекција за својата иднина. За секоја дама која негува префинет стил кој сака да го пренесе на уникатен и интересен начин.   Женски Магазин Како вообичаено изгледа еден ваш работен ден? Како ви почнува? Што ве инспирира? Антонија Последниот период од неколку месеци моите работни денови се испреплетени со активностите околу мојата мајка, поради здравствени проблеми, така што мојот ден е уште поактивен во однос на претходно. После утринските ритуали кои вклучуваат кратки вежби, па кафе и појадок, избор на мојот гардероба за тој ден, почнува мојот работен ден, најпрво со вработените во работилница, а потоа во ателје каде се моите состаноци, проби со моите клиентки. Благодарение на одличниот тим кој го градам со години, успеваме да ги задоволиме барањата од нашите клиентки, а притоа да подготвиме и нови колекции и да бидеме актуелни за претстојната сезона. Женски Магазин Каква е Антонија како мајка? Кои се лекциите кои им ги пренесувате на вашите ќерки? Верувате ли во нивните избори? Антонија Улогата на мајка е голема одговорност. Воспитувањето и на двете ќерки било заедно со мојот сопруг. Имало периоди кога тој поминувал повеќе време со нив, имало периоди кога е обратно. Сметам дека вистинската улога родителот ја одиграл кога ќе ги осамостои своите деца, и ќе ги научи дека во животот само дожд и снег паѓаат од небото, се друго треба да се заслужи. И двете се со титула магистер и се успешни во работата што ја работат. Мојата поддршка ја имале секогаш кога било во прашање нивното образование и нивното лично надградување. Само така со знаење и со посветеност се олеснува патот кон успехот. Верувам во нивниот избор, мој совет е секогаш секој најдобро знае што е тоа што најдобро може да го работи во животот и што ќе го прави среќен во исто време. Женски Магазин Дали во некоја од нив се препознавате себеси? Антонија Упорноста ја поседуваат и двете, што е и моја одлика. Додека во однос на работата со која се занимавам, повеќе можам да се препознаам во Ања и нејзиниот префинет стил. Женски Магазин Што научивте од мајчинството? Велат дека сите учиме, децата од нас, ние од нив. На што ве научија вашите ќерки? Антонија Би одвоила дека ме научија т.е. ме охрабрија за некои чекори во мојата работа. И двете се со голема самодоверба и секогаш биле смели во нивните избори и постапки. И секако, во однос на технологијата, нешто во што верувам дека нашата генерација не се снаоѓа толку добро како помладите, ми помогнале да можам да се користам со многу алатки од интернет комуникацијата неопходна во секојдневната работа. Женски Магазин Ако повторно избирате помеѓу економија и мода, дали модата повторно би била ваш избор? Антонија Дефинитивно и апсолутно ДА. Женски Магазин Кои се ритуалите кои ви го будат спокојот? Антонија  Добрата музика, добар филм, добрата храна а понекогаш потребата неколку часа да ги поминам сама во светот на мојата фантазија. Женски Магазин Каква е вашата визија за 2018? Кои се целите кои си ги поставивте? Антонија Би сакала 2018 да биде година на уште поубави и посреќни мигови и со мојот тим да бидеме дел од нив. За Женски Магазин, Вики Чадиковска