Интервју Сашко Дрвошански-нутриционист: Да не ви преседнат празниците со исхраната

Добивај вести на Viber

Слободно можеме да се опуштиме и да уживама во храната за време на празниците, но не мора да јадеме како да ни е тоа последниот оброк во животот. Да размислиме што ќе внесеме пред и после празничната гурманска храна и како во најголема мера, на крајот на денот да го задржиме балансот на нутриенти соодветно да дневните метаболни потреби на организмот- вели во интервју за Фактор, нутриционистот Сашко Дрвошански од Центаот  за здравје, исхрана и диетотерапија Drvoshanski NUTRITION. Според него  најважно е кога празниците ќе завршат,  умерената и здрава исхрана и физичката активност да се  врати во нашето секојдневие. Колку храната која се конзумира за време на празниците знае да направи дисбаланс во организмот и притоа штетно да влијае на здравјето? Дрвошански: Прекумерниот внес на храна генерално доведува до појава на дисбаланс во самиот метаболизам, односно дисбаланс во функцијата на поедини органи и организмот во целина. Иако не треба да се генерализира, но од аспект на комбинирањето на макронутриентите во храната (јаглехидрати, протеини и масти) кога ги структуираме оброците како комбинација од јаглехидрати и протеини или масти и протеини вообичаено имаме добро искористување на нутриентите од оброкот за енергетските потреби на метаболизмот и превенираме складирање на масти. Но во услови кога во еден ист оброк имаме заедно внес на сите три вида на макронутриенти , што е случај со празничните трпези кои вообичаено се полни со кифли, пити,  ордевери, печено месо, крем салати, торти, колачи, а се внесува и многу газирани засладени пијалоци и алкохол, притоа внесот на храна  трае со часови, тогаш секако ги надминуваме калориските и нутритивните потреби на организмот и имаме состојба на вишок на шеќер (гликоза) и масни киселини во крвотокот кои црниот дроб може да ги претвори во триглицериди, како форма на масти кои ќе ги складира во адипоцитното ткиво. Дополнително, ваквата празнична храна и прекумерниот внес на алкохол ја нарушува и самата дигестија, а внесените  вештачки, додадени шеќери, некои видови масти (особено транс мастите), конзерванси, адитиви и други состојки  во оваа храна претставуваат токсини кои ја оптеретуваат работата на црниот дроб. Исто така, прекумерниот внес на храна богата со додадени шеќери, како чоколади, колачи, торти и слатки пијалоци, во период од повеќе денови го намалува имунитетот и сериозно може да ја наруши функцијата и балансот на цревната микрофлора и да помогне во појава на зголемен раст на патогени бактерии или кандида. Постои ли рецепт за мамурлак ако тоа се случи поради поголема консумација на алкохол? Дрвошански:Пред се би препорачал да бидеме умерени во консумацијата на алкохолот. Коктелите можат да содржат преголема концентрација на шеќери, кои најбрзо влегуваат во крвотокот и за кратко време можат да дадат ефекти на интоксикација со алкохол, а воедно и содржат многу калории кои вообичаено не ги калкулираме (во една чаша може да има и по 600 и дури и повеќе калории, колку што во принцип имаме во цел оброк). Исто така важно е да знаеме дека обоените алкохолни пијалоци полесно можат да предизвикаат главоболка и други тегоби во организмот. Основно е никогаш алкохолот да не го конзумираме на гладно, секогаш да се зема во комбинација со храна, а најважно од се е секогаш додека се пие алкохол, редовно да се хидрира организмот со вода. Секако, за сите оние кои сакаат да превенираат појава на мамурлак, главоболка или мачнини во стомакот, јас советувам дека е добро во текот на пиењето и задолжително на крајот на прославите да се земат активен медицински јаглен (неколку таблети одеднаш) кој може да ги врзе токсините, како од алкохолот така и од храната, во цревата и да спречи нивен влез во циркулацијата. Исто така во спречување или намалување на мамурлукот треба да се внесат многу течности богати со електролити, пред се вода и сокови од свежо овошје и зеленчук, а значително помага и внесот на витамин Ц и пробиотици, односно ферментираната храна како пробиотски јогурт или природно ферментиран зеленчук (како што е ферментираната зелка). Дополнително добро е после консумирањето на алкохолот. Целото интервју со нутриционистот прочитајте го тука.