Интервјуа // Интервјуа
Интервју со Искра Ветаџокоска Муцунска: Виталиа денес е глобален бренд, кој е препознатлив во регионов, кој сигурно се пробива и на светските пазари
„Ако сакате да успеете во овој бизнис, или било кој друг, кој е полн со предизвици и тешкотии, морате да верувате во себе. Да сте фокусирани и трпеливи, бидејќи добрите работи не се случуваат преку ноќ. Ние жените по природа сме трпеливи, разумни, истрајни и интуитивни. И кога згора на тоа ќе се додаде женската упорност и способност за мултитаскинг успехот е неминовен“.
Наредната година, компанијата слави четвртина век постоење на пазарот, а чувството кога ќе погледне наназад, Искра го опишува како навистина позитивно: „Не е мала работа една компанија да опстои на пазарот цели 25 години, а притоа таа континуирано да расте, да создава дополнителна вредност, да гради позитивен имиџ. Чувството да се биде дел од една успешна деловна приказна е навистина позитивно. Виталиа денес е глобален бренд, кој е препознатлив во регионов, кој сигурно се пробива и на светските пазари. Тоа е нешто поради што сум посебно горда, на себе, на својот тим, бидејќи навистина напорно работевме на остварување на нашата визија. Денес, кога ќе го видам нашиот продукт на полиците во маркетите, а згора на тоа и ќе слушнам пофалба од некој задоволен клиент, кога се почесто добиваме нарачки и понуди за соработка од реномирани интернационални компании, едноставно не можам а да не бидам задоволна. Ме радува успехот на секој наш производ, затоа што знам колку трудољубиво е создаден.
Следната 2018 година славиме јубилејно 25 годишно производство во погоните на Виталиа, кое ќе го одбележиме со низа настани и активности, во кои ќе бидат вклучени нашите вработени и секако потрошувачите“.
Виталиа е компанија со висока репутација во областа на здравата храна, која долги години ниже успеси во Македонија и стратешки расте. Секој нов чекор е исполнет со предизвици: „Потребата од едукација и подигнување на свеста за здрава храна е нешто со што се соочивме од самиот почеток до денес. Изминативе 25 години инвестиравме во систематска едукација за потребата од здраво исхранување. Сметаме дека денес македонскиот потрошувач размислува во позитивна насока за своето здравје и внимава на начинот на исхрана, ставајќи ја Виталиа во својата кошница како прв избор. Ние, нашата репутација трпеливо и долгорочно ја градевме, со повисока цел да создадеме и оставиме нешто вредно за идните генерации.
Мислам дека воспоставивме однос на доверба со нашите потрошувачи, креиравме производи според нивните потреби и ја оправдавме нивната лојалност. Тие ги следат новостите во нашето производство, се интересираат за технолошките новитети во прехранбената индустрија и знаат да го направат вистинскиот избор за своето здравје.
Тука нема да застанеме. Виталиа е македонска производна компанија за здрава храна која континуирано ги следи истражувањата и трендовите во прехранбената индустрија и која е присутна на сите поголеми интернационални саеми за храна. Во таа насока ќе продолжиме да создаваме производи кои ги задоволуваат специфичните потреби на потрошувачите,“ објаснува Ветаџокоска Муцунска.
Еден од таквите предизвици е најновиот успех на компанијата - пласманот на производите на Виталиа во кнежевството Монако. „Иако станува збор за една од најмалите и најмалку брoјните држави во Европа, Монако е значајна дестинација за нас токму поради структурата на луѓето кои таму живеат. Тоа се луѓе дојдени од цел свет поради удобностите кои ги овозможува ова место, со дефиниран животен стил, кои се грижат за својот изглед и здравје. Станува збор за мал, но селектиран пазар, каде тешко се влегува, и каде постојат високи стандарди за квалитет и безбедност на производите кои се нудат. Токму затоа извозот во Монако е вистинска потврда за подготвеноста на Виталиа да креира здрави производи од премиум сегмент наменети и за најселективните клиенти. Виталиа се извезува во повеќе од 55 земји, на 5 континенти и тоа Европската Унија, Америка, Австралија, Јапонија, Блискиот исток, Русија, Индија, Либан, ОАЕ, Казахстан, Бразил…
Од досегашното работење на Виталиа, целта на компанијата не е само да продава и да биде достапна на пазарот, туку и да образува. „Едукацијата на тема храна и здравје е неисцрпна, никогаш не престанува, а најважно е да почне од најрана возраст. Нашата едукативна мисија е постојан процес од кој не отстапуваме, за некои работи и самите сѐ уште откриваме, ги следиме светските трендови, како и реакциите и потребите на потрошувачите. Нашите производи се за сите генерации, за различни категории на луѓе, за луѓе кои сакаат да одржуваат здрав живот, за луѓе со одредени здравствени потешкотии, па токму поради тоа едукацијата е важна и треба постојано да ја има. За таа цел нашите нутриционисти се достапни, за прашања и консултации 24/7.
За нашите потрошувачи креиравме посебно катче во Виталиа, за пријатно дружење, разговор и советување на тема здрава исхрана и нутриционизам. Виталиа е отворена транспарентна компанија која се грижи за своите потрошувачи и не ни е сеедно каква е нивната перцепција за нас“.
За да ја приближат компанијата поблиску до потрошувачите и да ги задоволат нивните потреби, Искра вели дека користат промотивни стратегии прилагодени на новите медиумски трендови, како и на потребите на потрошувачите. „Постојано сме активни на социјалните мрежи (Facebooк, Instagram, Twitter, Linkedin..) каде покрај промоцијата на самите производи, особено сме фокусирани на едукација на фановите. Нашиот стручен тим внимателно ги следи нивните прашања и сугестии, и одговара соодветно и детално. Покрај тоа нашиот нутриционистички тим редовно креира едукативни текстови со цел доближување на здравите навики.
Во фаза сме на изработка на нашата нова веб страна, која ќе ги интегрира новитетите на дигиталната комуникација и ќе претставува one stop shop за вљубениците во здравата исхрана и здравиот животен стил. Дигиталните активности заземаат посебно место во нашите интегрирани маркетинг активности, но не ги изоставуваме, магазините, летоците, учеството на настани и други маркетинг алатки.
Нашата е-продавница е креирана да им служи како брза и лесна алтернатива за пазарување на потрошувачите. Македонскиот online shopper ќе ги искористи предностите на е -комерцот и ќе се вклучи кон светскиот растечки тренд во овој сегмент. Виталиа е семеен бизнис кој благодарение на истрајноста, напорната работа и добрата организација, постојано ниже успеси. „Успехот е комплексно прашање. Успехот е резултат на личното задоволство и среќа по завршените работи, во компанијата, во семејството, во релациите со блиските и пријателите. Семејството е храм од каде црпам енергија и сила за совладување на сите предизвици. Затоа сметам дека е важен балансот помеѓу семејството и обврските, вниманието и продуктивноста кои работата ги наложува. Не можеш да си успешен во работата, ако не си добар и на останатите полиња кои ти се важни,“ вели Искра.