Интервју со Сашо Федор: Од потреба на ќерката до убава семејна приказна

Добивај вести на Viber

Потребата на ќерката, ги носи до убава идеја која се развива во прекрасна и успешна приказна. Инспириран ја започнува реализацијата, притоа користејќи ги сеќавањата од она што го научил од својата баба. Приказната за сапуните Федор, за Женски Магазин ја раскажува Сашо Стаменковиќ. 

Женски Магазин - Како се роди идејата да отпочнете ваков бизнис? Кој беше иницијаторот?

Сашо- Иницијаторот беше ќерка ми пред неколку години, кога требаше за во школо да направи нешто во домашни услови, а јас веќе имав познавање од самиот процес, бидејќи баба ми правеше сапуни со таканаречен топол процес како што се прават со векови наназад. Често пати како помлад и помагав бидејќи ме фасцинираше целиот процес. Тоа беа претежно сапуни за перење на алишта бидејќи постарите генерации ги немаа сите информации како што ги имаме ние денес околу потребните количини на масла, избор на истите, време на изработка, испитувања и сл. Тие сапуни се правеа со свински лој, но и ден денес ќе кажам дека со малку посоодветна рецептура адаптирана за нашата кожа, тие сапуни се сто пати подобри од индустриски произведените сапуни, кои се всушност мирисни и обоени детергенти во облик на сапун.

Бесконечна е листата на долгорочни последици на нашата кожа со користење на хемиски средства и од таа причина и почнавме да ги произведуваме сапуните, најпрво за користење во кругот на фамилијата и пријателите. Потоа почнавме да правиме малку повеќе од што ни е потребно па почнавме да ги подаруваме на блиски, па посакавме да имаат убав облик, да бидат спакувани убаво и дојдовме до денешниот изглед со кој сакавме да се пренесе пораката дека сапуните се рачно правени.

Денес на интернет можете да најдете бесконечен колаж на прекрасни облици на сапуни и бои за кои добивате чувство дека се колачиња за јадење. Имавме дилема, како да не користиме хемија, бои, мириси а сапунот да биде убав. Единствен начин беше сапуните да бидат во својата изворна природна форма а да направиме уникатни пакувања кои ќе го доловат квалитетот на тоа што го добивате внатре.

Женски Магазин - Има ли Македонија пазар за овој тип на производи?

Сашо - Секако. Можеби стандардот кај нас и на Балканот е помал од западните земји и САД, но свесноста за здрава храна и здрава козметика секојдневно расте. Природната козметика начелно е поскапа од индустриската бидејќи процесот на производство е подолготраен, на пример сапуните по изработката ги оставаме да созреат 3-4 недели пред да бидат рачно пакувани. Самиот процес има неколку критични точки поради кои големите компании избегнуваат да влезат во ова производство. Тие точки придонесуваат да имате неуспешни обиди на изработка што на нас ни се случува и ден денес. Тие сапуни не ги продаваме или фрламе, туку ги подаруваме бидејќи се функционални.

Имавме еден куриозитет пред неколку години кога една американска компанија побара понуда за 10.000 парчиња кои ние секако тогаш не бевме во можност да ги произведеме. Побаравме понуда од кинеска фирма дали по наша рецептура по природен пат може да ги произведе и по која цена. Добивме изненадувачка дупло поголема цена на еден сапун отколку што тој нас не чини да го произведеме во Македонија. Причината беше природниот процес на изработка. Ни беше понудено да доколку се согласиме да бидат ставени три хемиски состојки, кои повеќето произведувачи ги ставаат во процесот на производство, цената на сапунот ќе поевтини 10 пати. Секако на тоа не се согласивме, но тогаш сфативме дека производството на природни сапуни во светот се сведува на мали количини поради маркетот кој бара сега и веднаш испорака на козметика во големи количини. Можеби пазарот за природни сапуни е помал од маркетот на индустриски сапуни но тука сакаме да го најдеме своето место. ФЕДОР е инаку фамилијарна фирма и единствено и последно трговско претпријатие во Македонија кое е регистрирано за изработка на сапуни.

Женски Магазин -Дали сте фокусирани само на пазарот тука или сакате да имате глобален фокус?

Сашо- Оваа година веќе имавме извоз во Норвешка, Германија, Канада и Кина, но македонскиот пазар ни е важен како и глобалниот, бидејќи ние секако продаваме, заработуваме, се развиваме и живееме во Македонија. Желба ни е да бидеме присутни глобално како што ќе растеме и како што ќе расте нашето производство и императив ни е да овој македонски бренд биде присутен и во странските продавници.

Женски Магазин- Кој е сапунот кој вие го користите?

Сашо -Јас конкретно го користам жолтиот сапун, тој е наменет за посува кожа, а особено го користам за коса бидејќи по повеќе години тестирање на повеќе индустриски шампони се ослободив од првутот. Природниот сапун ја прави косата малку потврда, го немате чувството на мекост и сјајност како со омекнувач, но цената на таа состојба е нанесување на нафтени парабени на косата кои доведуваат скоро до сите проблеми што луѓето ги имаат денес со кожата и косата.

Еден податок. Од 10500 хемиски додатоци кои се дозволени во козметичката индустрија во светот моментално, само 11% се дерматолошки тестирани. Медицината ги дозволува но не постојат долготрајни и доверливи студии кои се негативните ефекти на нашата кожа. По статистика една жена во текот на една година нанесува до 2 килограми хемиски супстанци на својата кожа и коса присутни во целата козметика која ја користи.

Женски Магазин -Која е препораката од вас за новогодишен подарок?

Сашо- За новогодишните празници спремивме ексклузивни сетови за бричење кои се рачно направени исто како и нашите сапуни. Сите сетови може да се погледнат на нашата страница www.fedorsoaps.com. Секако тука се веќе постоечките сапуни за сува, мрсна кожа, сапунот за бебиња, сапунот со екстракт од медицински канабис кој е еден од ретките од ваков тип во светот и сапунот за бричење Sens Vintage кој доаѓа во големо 150 грамско пакување и може да трае околу 200-250 користења.

Сите сапуни се изработени исклучиво од органски и ладно цедени нерафинирани масла и органско козјо млеко без апсолутно никакви хемиски додатоци и мириси. Она што го добивате во нашиот сапун е тоа што го пишува на декларацијата.

Женски Магазин- Какви се плановите за 2018? Што посакувате од Дедо Мраз?

Сашо- Имаме големи изненадувања за 2018 година кои се надеваме ќе ги оствариме онака како ги планираме. Ќе имаме промоција на креми за лице за сува и мрсна кожа кои ќе бидат направени од природен нерафиниран пчелин восок и ладно цедени нерафинирани масла како јојоба, авокадо, масло од пченични никулци, масло од семки од кајсија, гроздови семки, арган, црно семе, бадем, Ши и какао путер, високо олеинско ладно цедено сончогледово масло итн.. Сакаме да направиме природни и здрави креми за нашата кожа. Кремите се готови, моментално ги тестираат сите членови на нашата фамилија, впрочем како што секој производ го тестираме ние и нашите најблиски пред да го ставиме на продажба.

Исто така во подготовка сме на изработка на фамилијарен сапун кој сакаме да биде со екстремно ниска цена за еден природен сапун со желба да биде достапен за сите луѓе. Го подготвуваме производството кое треба да ни омозвожи побрза и полесна изработка а да сепак останеме на нашите основи да понудиме 100% природен, вегански и рачно правен сапун од ладно цедени масла.

Од Дедо Мраз посакувам здравје и добросостојба на сите луѓе. Нашиот мир и спокој во секојдневниот живот не може да биде целосен доколку тоа не е глобален тренд. Можеби звучи утопистички, но тоа е мојата желба.

За мене лично посакувам денот трае барем малку подолго бидејќи имаме уште толку многу да направиме во делот на развојот на природната козметика да возбудата не ни дава да застанеме.

Работиме на поле кое е практично бесконечно, а задоволството на корисниците е нашиот најголем адреналин.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска