Интервјуа // Интервјуа
ИНТЕРВЈУ ЈЕЛЕНА ЈОВАНОВА-ПЕРИЌ: Учам да живеам на релација Македонија-Хрватска
Вели дека минатата година и била хаотична и многу забавна. „Виновни“ за тоа се седумте различни проекти во четирите различни држави кои ги работела. Популарната актерка Јелена Јованова-Периќ на ТВ гледачите им прирасна за срце како Јелена рецепционерката од Тв серијата „Преспав“, чија втора сезона ја гледаме секој вторник и секоја среда на ТВ „24“, но и како Милена од Тв серијата „На терапија“. Јелена се најде и во времето на „лудите дваесетти“, играјќи една од главните улоги во бродвејскиот хит- мјузикл „Чикаго“ во МНТ. Шармантната актерка успешно ја гради својата интернационална кариера, особено од 2011 година па наваму, по улогата на Есма во филмот „Во земјата на крвта и медот“ кој го режираше Анџелина Џоли. Поради љубовта кон својот сопруг, хрватскиот актер Стјепан Периќ и ангажманите кои ги има во Хрватска, Јелена вели дека живее на релација помеѓу двете земји, а нов предизвик и е шпанскиот јазик, поради главната женска улога во шпански филм чије снимање штотуку го завршила.
[caption id="attachment_11873" align="aligncenter" width="640"] Јелена рецепционерката е еден ултра забавен, никогаш здодевен и инспиративен лик.- Јелена како Јелена во „Преспав“[/caption]
Женски магазин- Ве гледаме како Јелена и во втората сезона на серијата „Преспав“. Каков лик според вас е таа, среќавате ли девојки како неа во секојдневието?
Јелена- Јелена рецепционерката е еден ултра забавен, никогаш здодевен и инспиративен лик. Безгранично отворен за игра, весел и неисцрпен карактер. Од неа може да се очекува буквално сè и таквата непредвидливост е нешто што ме забавува секој миг поминат со неа на сет, а на мое големо задоволство гледам дека и публиката го ужива истото. Но, Јелена не е само моја креација. Јелена е непрекината синтеза од креативноста на сценаристите Сашо Кокаланов, Елеонора Венинова, Алек Попов, Александра Миланова и Дељана Манева, режисерските индикации на Игор Иванов, Вардан Тозија и Даријан Пејовски, беспрекорниот костим на Емилија Ивановска Атанасовска и шминката на Ирена Сенокозлиоска и Наталија Кајевска. А за нејзиното постоење надвор од „Преспав“ си посведочив веќе неколку пати. : -)
Женски магазин- Рецепционерката од „Преспав“ постојано се заканува со отказ на газдите и е во потрага по партнер. Дали на крајот таа ќе заврши среќна во љубовта?
[caption id="attachment_11871" align="aligncenter" width="640"] Кога три пати во денот те прешминкуваат зошто шминката ти се распаѓа од плачење, верувајте, тешко е да се издвои една интересна случка од снимање.- Јелена и Васил Зафирчев кој го игра готвачот Марио[/caption]
Јелена- Неочекувана нова љубов ќе се роди во пансионот, а за кој станува збор ќе мора да откриете сами.
Женски магазин- Како помина снимањето на втората сезона, има ли некоја интересна случка која би можеле да ја споделите со нас?
Јелена- Во новата сезона влеговме многу повеќе воиграни и самоуверени. Со подобри сценарија, со поголема спремност и слобода. Кога не можеш да снимиш сцена до крај зошто не престануваш да се смееш, кога три пати во денот те прешминкуваат зошто шминкат а ти се распаѓа од плачење, верувајте, тешко е да се издвои една интересна случка.
[caption id="attachment_11868" align="aligncenter" width="647"] Јелена ја имаше носечката улога во хит-мјузиклот „Чикаго“ во МНТ, чија премиера беше на крајот од 2015 година[/caption]
Женски магазин- Фантастично ја одигравте и улогата на Милена во серијата „На терапија“. Какво е искуството да се долови еден таков лик и имате ли приватно сличности со неа?
Јелена- Благодарам на коментарот од се срце. Милена и јас сме многу различни, а во таа разлика пак се криеше целиот предизвик да се биде Милена. Секој ден се обидував да ги оградам моите лични верувања од нејзините, како поискрено би ја сфатила секоја нејзината постапка и истата ја одиграм поавтентично и точно. Тежок и несекојдневен процес од кој излегов побогата како актер и како човек. Неизмерно сум благодарна на довербата што Вардан Тозија ја имаше во мене, и на искрената партнерска игра на Никола Ристановски.
Женски магазин- Дали завршивте или се уште го снимате шпанскиот филм „El desentierro“, во кој ја толкувате главната женска улога. Прочитав дека за неговите потреби сте требале да ја смените бојата на коса и станете црнокоса. Раскажете ми повеќе за искуството околу снимањето?
[caption id="attachment_11869" align="aligncenter" width="640"] Милена и јас сме многу различни, а во таа разлика пак се криеше целиот предизвик да се биде таа.- со актерот Никола Ристановски кој го глумеше психотерапевтот во серијата „На терапија“[/caption]
Јелена- Снимањето заврши пред неколку недели. Снимавме од средината на септември до средина на декември во Венеција, Суека и Албуфера. Де битантскиот трилер на Начо Руиперез зборува за корумпираноста на политичката власт, но и човековата душа. За вистината која е стивната и скриена, но која успева гласно да го пушти својот глас и да се обзнани. Ликот кој го играм се вика Вера, а Вера ја носи најважната есенција. За потребите на филмот ја скратив косата, ставив зелени леќи и станав црнокоса.
Женски магазин- Го совладавте ли шпанскиот јазик лесно?
Јелена- Шпанскиот јазик беше и се уште е голем предизвик. Се надевам дека неговата егзистенција во филмот ќе биде веродостојна.
Женски магазин- Освен филмот „Во земјата на крвта и медот“ на Анџелина Џоли, според вас, кои беа другите проекти или причини вашата кариера да се развие и надвор од Македонија и од регионот?
[caption id="attachment_11870" align="aligncenter" width="640"] Живеам со човек кој точно разбира што работам и ја имам целата негова поддршка. Не сме луѓе кои професијата ја носат постојано дома, ја штитиме својата приватност.- Јелена со сопругот Стјепан Периќ во 2013 година, кога заедно играа во хрватската ТВ серија „Тајни“[/caption]
Јелена- Верувам дека секоја добро завршена работа не води до некоја друга. Секоја инвестиција има повратна адреса. Тој филм ги зацврсти моите аспирации за кариера надвор од нашите граници, но ништо во оваа професија не гарантира никаков успех ако не се работи и ако не се сака тоа што се работи.
Женски магазин- Го завршивте снимањето на српскиот детски филм „Злогоње“. Каков е овој филм и каква е вашата улога?
Јелена- „Злогоње“ е детски долгометражен филм на Рашко Миљковиќ. Преку својата авантуристичка платформа, филмот зборува за животот на две деца и злото односно вештерката која треба да ја прогонат од нивниот свет, а вештерката Светлана сум јас. : -)
Женски магазин- Мажена сте во Загреб, каде официјално живеете, во Македонија или во Хрватска?
Јелена- Живеам и во Македонија и во Хрватска. Секој ден учам како подобро да се организирам и стигнам таму каде што треба. Признавам не е лесно, но барем никогаш не ми е досадно.
Женски магазин- И вашиот сопруг, Стјепан Периќ е познат хрватски актер, колку е предност а колку маана под ист кров да живеат двајца луѓе од иста професија?
Јелена- Живеам со човек кој точно разбира што работам и ја имам целата негова поддршка. Не сме луѓе кои професијата ја носат постојано дома, ја штитиме својата приватност, а нашите најблиски пријатели немаат допирна точка со она што ние го работиме.
Женски магазин- По што ќе ја паметите 2017 година, професионално и приватно, и што да очекуваме од вас оваа година?
Јелена- Забавна и хаотична беше 2017. Ми се случија седум различни проекта во четири различни земји. Го работам тоа што го сакам и среќна сум дека е така. Се надевам во 2018 оваа бројка ќе ја дуплираме. : -) Скромноста ми е јака страна: -)
За Женски Магазин, Милица Џаровска