Ксенија Николова со „Емотивен Манипулатор“ пред својата публика

Добивај вести на Viber

Името Ксенија Николова одамна ни е познато. Македонската писателка која одамна ги има освоено срцата на читателите ширум земјата, а нејзините испишани зборови и испеани текстови се одамна врежани во меморијата на секој романтичар. Со читањето на нејзините книги ќе не врати на првата љубов, ќе не расплаче за изминатата несреќна љубов, а веќе во нејзината четврта издадена книга Емотивен Манипулатор ќе ве изгради одново во нова личност, верзија подобра од претходната. Ја познавам Ксенија одамна, и ја памтам уште од средношколските часови во Карев, отсекогаш издвојуваше со својот ненаметлив став, а сепак присутен. Така беше и остана и неколку години подоцна. Денес Ксенија, е зрела дама која испишува љубовна книжевна историја на нашата младина, каде воедно и низ своите дела ги опфаќа сите оние проблематики и прашања што го мачат едно младо срце, создадено да сака, и да се бори за вистинска љубов, но и да знае кога да замине кога веќе е доста.   На нејзина покана, на 13-ти Декември, бевме дел од промоцијата на нејзината четврта книга Емотивен Манипулатор којашто се одржа во пријатната атмосфера на Intermezzo Prive. Не помина долго, а веќе просторот се наполни со драги пријатели на Ксенија, кои се нетрпение очекуваа да се прочита дел од ова ново издание, а таа ги пречека сите свои гости како лични така и дел од македонскиот прес, со голема насмевка и чаша добро вино. Она што ми остави посебен впечаток и каде целата промоција ми доби еден личен и оригинален книжевен печат на Ксенија, е тоа што само со еден краток прочитан дел од нејзината книга, кај некои гости измами солзи, и едно краткотрајно пронаоѓање на секоја жена во речениците на оваа млада талентирана писателка. Ксенија Николова изгледаше елегантно и софистицирано во црвена модна комбинација, воедно зрачејќи со голема доза на самоувереност и зрелост. Женски Магазин - Најпрво благодариме за поканата, и навистина уживавме и ни беше драго што бевме дел од твојата промоција на новата книга Емотивен Манипулатор. Какви се твоите први импресии од тоа како помина самата промоција? Ксенија - Драго ми е што одвоивте време за мене. Беше прекрасно, магично, искрено и вистинско. Мислам дека кажав сè. Женски  Магазин  - Изминатите книги несомнено ги освоија читателите ширум земјата, а еве веќе имаме можност и да ја прочитаме и твојата четврта книга. Четврта книга и нова шанса за подобра верзија на себе. По што се разликува Емотивен Манипулатор досегашните твои напишани книги? Ксенија - Се разликува по тоа што романот е напишан во женски род, од женски поглед, раскажам преку ликот на главната хероина Катја. Инаку, преовладува мојот стил, мојот начин на пишување, мојот однос со читателот, искрен, едноставен, директен, без комплицирање на вистината. Женски Магазин  -За оние што имаа веќе можност да ја прочитаат книгата, а верувам дека тоа се пред сѐ најблиските, кои се нивните видувања т.е коментари во поглед на оваа книга? Ксенија - Досегашните коментари се позитивни. Им се допаѓа, им го одзема вниманието и им го држи сè до крајот, а тоа е најважно. Женски Магазин - „Емотивен Манипулатор отвора многу прашања, но крајот го краси делото – подобра верзија на самата себе. Што си вети Ксенија на самата себе по издавањето на оваа книга? Ксенија - Дека ќе се сака и ќе си се прифати, дека ќе си се цени и почитува. Женски Магазин - Велат дека листот хартија не трпи, но се големи мемоари за одредени емоции. Што побуди кај тебе оваа книга при самиот процес на пишување? Ксенија - Гнев, бес, болка, сила, освестување, храброст, верба. Женски Магазин - Да се напише книга, веруваме треба одредено време и посебен ‘’state of mind. Колку време требаше за да се напише Емотивен Манипулатор и дали имаш посебно поглавје кое ти е особено драго? Ксенија - Ми требаше околу една година. Така нешто. Немам особено драго поглавје, секое е посебно и еднакво важно за целината. Женски Магазин - Ксенија ја знаеме и по одличното пишување на текстови за наши естрадни личности, кои со гордост и вистинска емоција ги пренесуваат на слушателите. Дали можеби од новата книга се роди и инспирација за нова песна, овојпат наменета за подобрата верзија на самата жена и нејзината личност? Ксенија - Се надевам, но тоа не зависи само од мене. Секогаш кога ќе ме побараат, јас сум тука. Женски Магазин - Македонскиот пазар одамна го има вашето срце и симпатии, но дали Ксенија би можеле да ја читаме и на друг јазик во блиска иднина? Ксенија - И за тоа се надевам,  и тоа не зависи само од мене. Ќе видиме, веруваме, ќе видиме. Женски Магазин - Која е најважната лекција што ја научи Ксенија како една млада дама од својата 20-та па до сега, земајќи ги предвид и личните искуства и искуствата на најблиските околу себе, кои воедно и се инспирација за Емотивен Манипулатор? Ксенија - Ксенија научи да се не се грижи за сè нешто, Ксенија научи дека не може да ги натера луѓето да ја сакаат и дека не треба да ја бара љубовта онаму каде што ја нема, Ксенија научи да го користи времето до максимум, Ксенија научи да не ѝ потклекнува на моменталната ситуација, Ксенија учи да верува во себеси и да сака, Ксенија учи да оди со исправена глава, велам учи, оти тоа не се научува, тоа се учи секој ден, до крајот на животот. Женски Магазин - Што би ја посоветувала Ксенија помладата и позрелата верзија на себе, и што би им препорачала на дамите кои можеби и поминуваат низ емотивна манипулација или се дел од процесот на ново себеизградување? Ксенија - Помладата Ксенија би ѝ рекла на позрелатаАма зошто се плашиш, што си цело време загрижена, зошто да не се радуваш? Мојот совет е едноставен: Љубов кон самите себеси, таа отвора очи, можеби не ја гледате целата слика, можеби некој како да ви става раце покрај очите, не давајќи ви да погледнете лево и десно.   За Женски Магазин, Нина Беадер Fb strana : https://www.facebook.com/BeaderHristina/ Web Strana : https://ninabeader.wixsite.com/styleinmotion