Македонија сѐ уште стравува за купување онлајн

Добивај вести на Viber

Најновото истражување кое го спроведе агенцијата eMarketer покажува дека во 2017 година дури 47% од светската популација била онлајн без разлика дали се работи за пристап преку десктоп компјутер, таблет или паметен телефон. Во наредниве две години се очекува овој раст на бројот на интернет корисници да продолжи и да достигне до 50% или скоро 3,9 милијарда луѓе. Купувањето преку интернет е се повеќе популарно во европските земји. Најмногу ваквиот начин на купување го користат граѓаните на Велика Британија, дури 82 проценти од интернет корисниците, по што следуваат Данците, Швеѓаните и Германците, а најмалку онлајн купување практикуваат Романците, само 11 проценти. Каква е состојбата со Македонија Во моментов само 3% од вкупното население во Македонија или 6% од луѓето на возраст меѓу 19 и 54 години се подготвени да купат онлајн производи за широка потрошувачка, покажува истражувањето на агенцијата Инсајдер ИД. Според истражувањето, македонските онлајн потрошувачи најмногу се сомневаат во квалитетот и безбедноста при купувањето. Истражувањето е спроведено во периодот од први октомври до први ноември годинава, на репрезентативен примерок од 1.200 луѓе во Македонија. Анкетирани се луѓе само од урбани средини меѓу 19 и 54 години. Користени се два методи, онлајн анкетирање преку прашалници и класични теренски анкети на неутрални локации.  Според Нина Ангеловска, директор и основач на Групер, има бројни фактори кои влијаат на развојот на е-трговијата како што се: наклонетост на населението кон готовински плаќања, политичките и економските фактори, брзината на адаптирање и прифаќање на нови технологии и трендови, компјутерска писменост на населението и др. Секако еден од предусловите за е-трговијата е интернет пенетрацијата. Според Државниот завод за статистика во првото тримесечје од 2016 година, од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, интернет користеле 72%, а 61% го користеле секој ден или речиси секој ден. Сепак само 19.3% од лицата кои кога било употребиле интернет, нарачале/купиле стоки или услуги преку интернет во последните 12 месеци, додека две-третини од интернет корисниците во ЕУ купуваат онлајн (Eurostat, 2016). Сметам дека имаме уште долг пат за да се приближиме кон развиените земји, како од аспект на страната на е-трговците, засегнатите институции и банките така и од аспект на крајните корисници, додава Ангеловска.  Граѓаните во Македонија сè уште се плашат да ги користат кредитните картички за купување преку интернет. Сметаат дека податоците можат да им бидат злоупотребени. За да се зголеми онлајн трговијата во земјава која сè уште е во зачеток, сите производи од земјава треба да бидат баркодирани. Тоа значи да поседуваат ГС1 стандард. Со тоа ќе можат и да се продаваат на светските онлајн платформи како што се Амазон е беј и Алибаба. Бизнисмените од земјава согласни дека баркодирањето е неопходно. Само така ќе се зголеми сигурноста, односно фирмите ќе можат да ги контролираат своите производи од производството преку дистрибуцијата па се до крајните потрошувачи. „Треба холистички пристап од сите засегнати страни (компании, институции, корисници) со цел да креираме поволна клима за развој на е-трговијата, која патем не го доби заслуженото внимание изминативе години со оглед на тоа дека е-трговијата може да биде мотор на економскиот раст во една земја. Така потребно е: да се зголеми/подобри понудата на пазарот на е-трговија; потребно е да се промени културата и навиките на населението за онлајн купување и компјутерска писменост воопшто (Македонците сè уште преферираат плаќање во готово наспроти картичка); да се уреди законската регулатива во насока на приспособување со Европската легислатива; потребно е да се елиминираат административните пречки и комплетно да се променат административните процедури за полесно функционирање и организирање на животите како на компаниите така и на секој поединец; потребно е банките да сфатат дека мора да бидат повеќе од само финансиски институции и да ги следат трендовите за да овозможат раст за е-трговијата; потребна е кампања за едукација и креирање на свест за онлајн купување и бројни други активности кои мора да се усогласени и да функционираат заедно за да се постигне синергија и да одиме напред на полето на е-трговија како земја.“ - смета Ангеловска.  Статистиката покажува дека над 70 отсто од потрошувачите пред да купат некој производ ги пребаруваат неговите карактеристики на интернет. Доколку некој производ има бар код информациите ќе бидат повидливи и поточни. Ако порано преку интернет најмногу се продаваа и купуваа книги и музика, сега приматот го има електронската опрема, а често се присутни и прехранбените производи.  Денес се повеќе се отвораат веб страници кои нудат различни производи по многу атрактивни цени. Постојано се зголемува нивниот број така што сега има над 250 е-продавници за разлика од 2010 година кога функционирале околу 10 вакви продавници. Оние кои купуваат преку интернет велат дека позитивната работа е тоа што со ваквиот начин на набавка на производи се заштедува време, а од друга страна на веб сајтовите кои нудат купување преку интернет, има поголем избор на производи.  Надлежните препорачуваат секогаш да се купува од проверени веб страници, потрошувачите да ги прочитаат условите за користење, особено оние што се однесуваат на доставата на производот. Треба да се избегнува купување од јавни компјутери кои главно се недоволно заштитени и да се користат силни лозинки за да се заштитат личните податоци и податоците од кредитните картички. Пред да се испратат податоците од кредитната картичка треба да се провери дали веб страницата има сигурен и доверлив состав за плаќање.  За Женски Магазин, Вики Чадиковска