Марија Никовска: Насмевката е задолжителен украс на секоја жена

Добивај вести на Viber

Таа е убава и умна. Секој кој го сака успехот, сака предизвици. Токму затоа, кај неа во бизнис портфолиото, има две позиции. Одлично се снаоѓа со комуникациите. Веројатно поради нејзината позиција Senior Communication and Marketing Executive  во Елемент ПР, агенција која успешно го менаџира овој пазар, цели 9 години. Тоа е првото. И она другото, еднакво по важност како и првото е нејзината позиција - претставник на Универзитетот Шефилд на локално ниво. Го сака и знаењето и затоа се стреми не само да го негува, туку и да го надградува. Си поставува цели, а потоа мотивирано стасува до магичниот резултат. Во хороскоп е Овен, па сега веројатно веднаш ви е јасно од каде потекнува нејзината амбициозност, кога чекори по патот на успехот. Сака шопинг. Всушност, ужива во него. Сака и сонце, како мотив за разгалување понекогаш. Денес се дружиме со Марија Никовска. Еве што ни раскажа за себе:

Женски Магазин Како изгледа вообичаено еден ваш ден? Со кого ви почнува утрото? Каде ја наоѓате вашата мотивација?

Никовска Сок од цеден лимон и нескафе без шеќер. 7 километри возење и првото hello друштво. Два телефони и фала Facebook што ми се сервирани сите битни новини од денот. Да најдеш мотивација е еднакво како да создадеш магија. Доаѓа и си оди. Понекогаш тоа е и само една обична фотографија на Balmain на Instagram. Добро е да се започне со поставување микро цели. Ако може жив човек, можам и јас.

Женски Магазин Кои се вашите лични предизвици надвор од вашиот професионален делокруг?

Никовска  Викендичка на море.

Женски Магазин Кои се вештините кои според вас треба да ги поседува една жена за да биде успешна?

Никовска Моќ, поставување граници, љубезност пред сѐ. Надменост, итрина, снаодливост. Пристап до значајни информации. Критична мисла. Странски јазици. По малку од сѐ.

Не е вештина, но добар имунитет.

Женски Магазин Дали за да се остане во кругот на успехот, мора да се работи на себе? Мора ли постојано да се надградуваме?

Никовска Успехот е релативен, а надградбата неизбежна. Постојано. Во кругот на делување, во сродни сегменти, општо, во животот. А знаењето не може никој да ти го земе.

Женски Магазин Дали изгледот денес може да биде основ за дискриминирање?

Никовска Една од фразите на мајка ми: Убавината е проклетство.

Женски Магазин Кој е вашиот идол од областа на односите со јавност, на светско ниво?

Никовска Нема таков еден. Тоа е исто како да треба да одберам омилен филм:)

Женски Магазин Кое е задолжителното парче кое треба да го поседува една жена?

Никовска Насмевката, самодоверба. Ѕвезда.

Пар згодни чевли со кои може да се истрча дневниот маратон, голема и здрава ташна да го собере хаосот од потребни и непотребни предмети во неа, MacBook, црни очила за сонце, квалитетна маскара, the little black dress, необични и впечатливи детали, но по еден детаљ дневно. Квалитет пред квантитет.

Женски Магазин Имате ли време за себе, покрај сите обврски?

Никовска Работам на случајот. Користам notes:)

Женски Магазин Колку често одвојувате простор за вашите блиски?

Никовска Недела, ден за фамилијарен ручек.

Женски Магазин По што ќе ја паметите 2017?

Никовска Првото едрење. Сара. Копаоник. Кризен ПР. Прва награда за општествено одговорна практика. Грчко мезе. Роденденот во Che. Водно. Два маратони. Nouvelle Vague. Хроно. Филип Втори.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска