Животна училница // Приказни
Наде Молеровиќ: Образовните промени ќе донесат простор за иновативност во наставата и зголемена мотивираност кај децата
Реформите во образовниот процес кои предвидуваат нови наставни програми и планови за одделенската настава, соодветно приспособени на возраста на учениците, намалување на бројот на часовите но зголемување на времето планирано за истражување и проблемско учење се суштински, позитивни и потребни- вели Наде Молеровиќ, директорка на Основното училиште „Гоце Делчев“ од општина Центар. Со нив, вели се отвора пат за создавање нов и квалитетен образовен модел во основното образование.
„Информацијата од МОН за предвидени измени во наставните програми и намалување на наставни часови за учениците од одделенска настава односно од 1- до 3-то одделение мене лично ми изгледа разумна и оправдана. Овие ученици инаку во текот на работната недела имаат по 5 или 6 часа дневно во класична настава и 5 часови за продолжен престој. Нашето училиште „Гоце Делчев“-Центар работи во две смени и во една смена се реализира воспитно образовна содржина, а во другата одделенските наставници кои работат во продолжен престој пишуваат домашни задачи и содржини кои ги учат со потешкотии, воннаставни активности, спортски активности и активности за изразување на детската креативност и афинитет. Ги поздравувам овие предвидени промени затоа што се намалува бројот на предмети, се планира намалување на бројот на ученици, има интегрирање на подрачјата во одреден предмет, но има и интегрирање во наставните предмети“ – вели професорката Молеровиќ.
Анализите на ресорното министерство покажале преголемо и несразмерно оптоварување на учениците кое кај децата предизвикува одбивност, презаситеност и незаинтересираност за учењето. Новите наставни програми, според неа ќе влијаат во однос на планирањето, наставниците ќе имаат педагошка и професионална слобода, можност сами да бидат креатори и реализатори на наставните содржини во однос на времетраење на час, одмор, избор на извор на информации, учебник и други дидактички алатки. На овој начин вели се овозможува и поголема тимска соработка и споделување на професионалните искуства.
„Во однос на организација на наставниот процес кај нас поради преоптовареност токму со образовните содржини и преобемноста од непотребни и неразбирливи контексти, нема временска можност да се посвети поголемо внимание за изучување на социјални и емоционални содржини кои се од исклучителна важност за децата од таа возраст. Ваквите преобемни и неразбирливи за децата содржини ја зголемуваат нивната незаинтересираност, губат самодоверба дека ништо не разбираат и стануваат агресивни, фрустрирани и емотивно се ранливи. Желбата за посетување училиште ја губат. Образовно корисна е идејата за изучување на предметите во длабочина, а не во широчина. Да се стекнат вистински и корисни информации, знаења и вештини, умеења“- додава професорката Молеровиќ.
Особено смета дека ќе биде значајно учеството на стручен асистент на часовите по физичко и здравствено образование, посебно поради констатацијата од здравствените организации дека децата поради стилот на учење, живеење, забава имаат деформитети кои ќе им бидат проблем во подоцнежниот раст.
„Апсолутно дека денес согласно националната воспитно образовна програма нуди теорија по многу наставни предмети од која и наставниците и учениците немаат корист и интелектуално назадуваат. Потребни се остручени наставници, обучени да умеат да препознаваат важно и помалку важно, корисно и некорисно, мотивирачко или демотивирачко што не носат прогрес во желбата за учење и не ја поттикнуваат детската љубопитност. Затоа е многу корисно и значајно да се вложува во неопходни промени во начинот и стиловите на учење преку истражувања, решавање на проблеми, реални дискусии“- потенцира професорката.
Нов и современ образовен модел како што вели мора да се креира согласно интересите и потребите на децата кои се родени со дигитални технологии и кои истовремено би биле од корист на своите наставници кои се неколку генерации поразлични од нив.
„Да ги прашаме и децата, учениците, што за нив претставува училиштето, кој е нивниот предизвик, интерес, област и желба што и како да научат. Да ги прашаме какви наставници тие би посакале како нивна мотивација и инспирација“- порачува директорката на Основното училиште „Гоце Делчев“.
Професорката Наде Молеровиќ која долги години е во секторот образование, важи за една од најпозитивните просветни работници кои целосно се посветуваат на едукативниот, но и воспитно-образовниот сегмент во наставата. Како активен мотивациски говорник за деца и млади, смета дека реформите треба да донесат слободен простор наставникот да има време да реализира жива и интересна настава, креативна, инвентивна, но исто толку и интерактивна која ќе го оживее часот, со љубов и жар да ја предаде лекцијата, а учениците посветено да го зголемат и продлабочат знаењето и интелектот.