НА ДЕНЕШЕН ДЕН ПРЕД 99 ГОДИНИ: Убиена е Роза Луксембург

Добивај вести на Viber

Пред 99 години на денешен ден, 15 јануари 1919 година, Роза Луксембург беше уапсена, испрашувана и убиена од десничарски војници под команда на социјалистичкиот министер за одбрана Густав Ношке. Денес таа е запаметена во светот по нејзиниот живот и идеи. Една од најголемите револуционерки на 20 век е родена на 5 март, 1870 година. Било невозможно да се предвиди дека девојчето родено како петто дете во сиромашното полско-еврејско семејство ќе стане фигура која и денес е инспирација и мотивација за феминистките, комунистките, револуционерките и левичарките, но и нивните машки колеги, подеднакво. Била една од главните теоретичари на Социјалдемократската партија на Германија и една од водечките личности на левото крило на социјалдемократијата во меѓународни рамки. Голем противник на Првата светска војна и на политиката на германската социјалдемократија, Роза Луксембург заедно со Карл Либкнехт го основа „Спартаковиот сојуз“. Поради своите антивоени ставови била затворена од страна на германската влада. По избувнувањето на Ноемвриската револуција во Германија во ноември 1918 е ослободена од затвор и се зафати со обединување на левоориентираните социјалдемократски групи во Комунистичката партија на Германија. По неуспешните демонстрации од јануари 1919, Роза Луксембург заедно со Карл Либкнехт е заробена од десничарскиот Слободен корпус и набрзо е убиена. Нејзини познати цитати се:

„Слободата која ја има владата и членовите на нејзината партија, иако тие се многу побројни – воопшто не е слобода“.

„Слободата на жената е знак за социјална слобода“

Најреволуционерното нешто што некој може да го направи е гласно да говори за она што се случува

“Слободата е секогаш исклучиво слобода за оној кој мисли поинаку”...