Интервјуа // Интервјуа
Отворено со Маја Величкова: Најдобро што знам, љубовта да ја растам
Животот понекогаш не сака да не разгали сите. Не става на тест на издржливост. Во нејзиниот случај, таа покажа дека може. Ја совлада битката со депресијата, иако не беше лесно. Вешто се справува како самохрана мајка, иако често наидува на пречките во општеството кое сѐ уште не изградило начин како да го вреднува трудот на овие родители, но и како да им помогне. Љубовта како мотив е нејзиниот двигател. Во односот со децата. Во создавањето на сопственото бизнис царство „WOW Box“. Во пишувањето хауку поезија. Во животот…
Со креативната Маја Величкова разговаравме отворено за сите предизвици. За депресијата и справувањето со неа. За стратегијата самохран родител на ова тло. За желбата да успее...
Женски Магазин Лесно ли е да се биде самохрана мајка во Македонија?
Маја Илон ми е Љубов, љубов до вечноста. Но, денес не е едноставно да си мајка и да си и мајка и татко. Не знам како е во други земји, сигурно предизвиците се слични. Нашата држава не се грижи нешто премногу за ранливите категории, овде зборувам за сите граѓани кои немаат сопствени капацитети здраво и среќно да функционираат. Има помош, но тоа не е доволно ни за преживување, а камо ли за квалитетен живот. 21 век сме, а ние овде сѐ уште сме опседнати со минатото, историјата, политиката, профитот, мислењето на другите. Бездушни станавме, кон луѓето, кон животните, кон планетата. Градиме „старо-нови“ градби, за нив уништуваме зеленила, па дури и реки и планини, ги декорираме со злато, ги украсуваме со камени луѓе на кои им се восхитуваме, а живите луѓе ги „закопуваме“ со многу-страно загадување: аеро, духовно, морално, културно, емотивно, информативно…
Женски Магазин Во изминатиов период се соочивте со потешкотии. Кој ви беше поддршка без резерва?
Маја За жал моите родители не се со нас. Не се израдуваа на Илон. Не се израдуваа како што треба ни на својот прв внук, Дарјан. Да беа со нас и здрави, ќе беа целосно посветени на своите внуци и ќе уживаа, гледајќи ги како растат од ден на ден. Ќе го обожуваа Илон. Многу жалам што нема да се радуваат на Илон, а и ние ним… А мене ќе ми беа голема и безрезервна поддршка. Сега од огромна помош ни се тетка ми и брат ми, кои преземаа голема грижа за Илон.
Женски Магазин Маја е силна и амбициозна жена, вистински борец. Постојано настојувате тешките моменти да ги преточите во предизвик кој ќе го совладате успешно. Како и каде ја црпите својата енергија?
Маја Борец… Хм. Воопшто не го ценам зборот како епитет, бидејќи иако понекогаш животот е тежок, не го доживувам како борба како што повеќето луѓе би го опишале. Борбата значи конфликт и има деструктивна конотација. Јас сакам на животот да гледам како на патување, доживување. Јас сум патник, одам по својот пат. До неодамна мојот пат не водеше никаде. Бев во дупка. Депресија. Си минуваа деновите, годините, јас не се радував, не напредував. По малку ми помагаа прошетките со Мока, кутре мешанче, која ја најдов за вдомување на Фејсбук откако моите починаа. Среќавав нови луѓе, но и понатаму не се чувствував добро со себе. После Мока дојде Љубов. И тогаш почна мојот живот во друга димензија, сосема нов квалитет, нова тежина, нови и многу обврски… Ново сѐ. Стресно, но блажено. На почетокот ми беше исклучително тешко, и тоа се рефлектираше и во мојот однос кон Љубов. Одлучив дека е доста со „домашна терапија“ и психолошки разговори и советувања, затоа побарав да ми препишат орална терапија за да се справувам нормално со сите мои улоги: мајка и хумана мајка, студент, претприемач, пријател… човек. Бев преплавена од мисли кои не беа нималку продуктивни. Доста ми беше. После неколку месеци серотонинот ми се нормализираше и почнав пак да се радувам на секој ден. Сфатив дека после одлуката да го имам Илон, одлуката да почнам со анти-депресив ми е најважната одлука во поново време. За да можам пред сѐ да му бидам мајка на Љубов и тој да расте здраво и среќно.
Мојот живот веќе е инспириран од Илон. За него напишав и Хаику збирка „Љубов“ која му ја подарив за неговиот втор роденден. Еве едно: „Срце на раче. За настава по љубов. Предмет најважен.“
Женски Магазин Дали сте се соочиле со дискриминација?
Маја Не се доживувам многу поразлично од други жени и мајки. Но, животот ми е поразличен. И животот на мојот син е поразличен. Немам „рамо за плачење“, немам „замена“, немам „време“, немам „втора плата“… Директна дискриминација не сум доживеала, освен во еден случај каде при интервју за работа менаџерката-американка се „плашеше“ да не си ја замразам работата, заради тоа што ќе немам време да му се посветам на синот. Е сега, иако нема директна дискриминација, во нашево општество нема ни сенс за луѓе со поинакви можности. Ние сме земја и народ кој сака да „знае најдобро“, сака да „знае се“, сака да „знае за секого“… Суд и сеир… Отровни „квалитети“. Многу пати сум почувствувала дека голем број луѓе немаат идеја како е да се грижиш сам за сѐ. А најмногу боли кога блиските не те разбираат. Можеби и јас така сум мислела и постапувала порано, несвесно, иако имам многу либерални и космополитски гледишта. Категоријата и зборот „самохран родител“ е од неодамна актуелен и сѐ уште јавноста нема изградени сознанија ниту изградена институционална стратегија за соочување со овој растечки феномен. Како што не се решени многу проблеми: лица без дом, адекватна грижа за стари лица, грижа за лица со посебни можности, грижа за лица со ретки болести, грижа за животната средина, не верувам дека скоро ќе се најде соодветен економски модел да се помогне и на родителите кои сами се грижат за своите деца.
Најдобро е човек да се обидува да е независен, но истовремено и свесен за што му е неопходна помош од други.
Женски Магазин На почетокот од 2017 почнавте еден нов, навистина впечатлив проект. Раскажете ни нешто повеќе за него? Како се роди идејата? На кој начин функционира?
Маја WOW Box го основав пред една година со идеја да биде компанија која ќе се грижи за среќата на луѓето. WOW Box е веб продавница и корпоративен сервис за подароци со акцент на тематски и персонализирани подароци. Нудиме целосна услуга од генерирање на идеја за подарок, купување, персонализирање, пакување и доставување а секогаш со особено внимание на естетиката, квалитетот и деталите. Кај нас може да се нарача било каков производ да биде купен, персонализиран и подарен, и она што го немаме на редовната понуда. Слоганот на WOW Box е Љубов. Подарена и водејќи се од него на секој нарачан подарок, гледаме како на исклучителна можност да се направи некој среќен и тоа да биде настан на поблиско поврзување на оној кој го испраќа и оној кој го добива подарокот.
Идејата да отворам сопствен бизнис, дојде од желбата да реализирам сопствен израз и тој израз да носи некому добро, да носи среќа и радост. Бизнисот се развиваше постапно. Отсекогаш се радував кога некому нешто ќе подарам и ако го направам вистинскиот избор за конкретната пригода и личноста на која и подарувам. А и научно е покажано дека поголема е среќата кога правиш/трошиш свои ресурси на други, отколку кога правиш и купуваш за себе.
Во моментот подготвуваме Љубовна програма: персонализирана Љубовна сторија во формат на мала книга со цел да ја овековечи љубовта помеѓу двајца и други персонализирани романтични подароци. Ќе реализираме и Конкурс за најромантично љубовно писмо како придонес кон враќање на романтичниот израз, како литературен така и културен. Конкурсот ќе биде објавен оваа недела и ќе биде од отворен карактер но нашите напори ќе ги насочиме кон вклучување на младата популација со поттик да развијат чувство на пишување пораки на хартија и освојување нечии симпатии на овој начин.
Женски Магазин Успевате ли се да постигнете?
Маја Па не… Со сѐ доцнам и тоа е исцрпувачки и фрустрирачки. Да знаеш што треба да направиш, и да сакаш да го направиш, да имаш идеи, да имаш капацитети, но да немаш ресурси, сето тоа да го оствариш и развиеш. Кога на многу начини зависиш од други не можеш да „трчаш“ со сите свои сили. Потребен е голем напор да правиш многу работи во исто време и да бидеш секогаш тука за еден мал прекрасен дечко.
Женски Магазин Како вие ја доживувате магијата на празниците?
Маја WOW Box токму за празничната магија спроведе хуманитарна акција „Магијата на празниците е во споделувањето“. Идејата за украсување на новогодишно пакетче, негово полнење а потоа донирање за дечињата од СОС Детското Село, дечињата од Домот 11 октомври и дечињата од Дневниот центар за деца од улица потекна од нас а кон активноста се вклучија Јахја Кемал, ЦЕЕД Еду Клубот, креативните центри Еко-Арт, Сонце и Пеперутка, детската градинка Спирит и фудбалската школа Кул. Акцијата беше голем успех во бројот на дечиња кои беа израдувани со новогодишно пакетче, а истовремено и во бројот на дечиња и родители кои несебично сакаа да посветат дел од себе за некому да му донесат радост. Ќе се потрудам вакви празнични хуманитарни активности да се нашиот заштитен знак. Веќе размислувавме и разговаравме со некои од учесниците да реализираме сличен празничен настан и за Велигденските празници.
Женски Магазин Кои се целите кон кои ќе се насочите во 2018? Што посакувате од Дедо Мраз?
Маја Здравје, среќа и љубов е она што ми е најважно и што им посакувам и на другите. Поголема ќе биде мојата среќа доколку ние му „помогнеме“ на Дедо Мраз да сподели среќа во што повеќе семејства.
За Женски Магазин, Вики Чадиковска