Животна училница // Приказни
ПАМЕТНИТЕ ТЕЛЕФОНИ ГО ЗАБАВУВААТ РАЗВОЈОТ НА ГОВОРОТ КАЈ ДЕЦАТА
Во последните години, видлива е експанзијата на технологијата, особено на паметните телефони кои ни наметнаа еден нов вид на несовршена комуникација која не е својствена за човекот како социјално суштество.
Кога цел овој процес ќе го примениме врз децата, добиваме потомство кое „доцни“ во сите веќе одамна поставени норми за развој на децата. На сите ни се случило на мало дете да му дадеме телефон или таблет за да се смири, а ние да добиеме време да направиме ручек или да завршиме некоја друга домашна обврска, а потоа тоа станува навика. Таа навика резултира со драстично намалување на развојот на говорот кај децата, уште ако и содржините кои ги следат на телефоните или таблетите се на англиски јазик - штетата се зголемува. Поразувачка е бројката на мали деца кои сѐ уште не го владеат мајчиниот јазик, а веќе бројат или ги изговараат боите на англиски јазик. Содржините кои се нудат и кои им се лесно достапни на малите деца, се добро психолошки осмислени, со многу шарени бои нудејќи им задоволство кое полека но сигурно ги прави незаинтересирани за надворешниот реален свет, децата почнуваат да се однесуваат како да се аутистични. Како последица на тоа кај децата видливо изостанува двосмернатакомуникација, децата не знаат како да иницираат комуникација на вербален начин.
Постојат содржини кои се корисни и можат позитивно да влијаат на развојот на говорот и јазикот, но до одредена мерка и секако на мајчин јазик. Ваквите содржини не треба да им ги нудиме на своите деца повеќе од половина час дневно. Содржините треба внимателно да бидат одбрани и да соодветствуваат на возраста на детето.
За да прозбори детето мора да биде мотивирано и емоционално задоволно, вклучувајќи ја позитивната повратна врска родител-дете-родител. Доколку детето остане без адекватен говорен стимуланс, говорот нема да се развива или ќе се развива неправилно.
За Женски Магазин, Ружица Митровиќ-Дипломиран педагог