Животна училница // Приказни
Потреба од унапредување на законската рамка за родово базирано насилство
Насилството врз жените е присутно во сите култури, региони, земји и општества, а неговите корени лежат во нееднаквата распределба на моќ и нееднаквите можности помеѓу мажите и жените, како и во континуираното дискриминаторско однесување кон жените во сите сфери на општественото живеење. Насилството претставува сериозен општествен проблем и затоа е од суштинско значење да се разбере и третира. Насилството врз жените се разбира како „кршење на човековите права и форма на дискриминација врз жените и ги означува сите акти на родово засновано насилство коишто доведуваат или веројатно ќе доведат до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените, вклучувајќи и закани за такви акти, изнуда или произволно лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот“ (Истанбулска Конвенција).
Националната Мрежа Против Наси лство врз Жените и Семејното Н асилство изработи студија за различните форми на сексуално насилство во Р Македонија. Целта на оваа студија е унапредување на дијалогот со донесувачите на одлуки во насока на унапредување на постоечката законска рамка за родово базирано насилство, вклучувајќи го и семејното насилство, а во согласност со препораките на Конвенцијата на Европа за спречување и борба против насилство врз жени и домашно насилство (Истанбулска Конвенција)
Сексуалното насилство е форма на родово базирано насилство која што остава сериозни и долготрајни последици врз целокупното здравје на жртвата. Жените се непропорционално изложени на сите форми на сексуално насилство, а мажите најчесто се сторителите.
Секој може да биде жртва на насилство без разлика на полот, родот, возраста, етничката, националната, верската припадност, сексуалната ориентација, партнерскиот статус, професијата и безброј други нешта со кои индивидуата се идентификува.
Културата, менталитетот, начинот на воспитување, традициите, родовите улоги, родовите норми, општествените верувања и убедувања се само дел од факторите зашто жените и девојките во Р. Македонија се поподложни и поранливи на различните форми на сексуално насилство.
Сексуалното насилство е едно од најсекојдневните форми на насилство во Македонија, но во исто време и едно од најмалку пријавуваните. Причините за непријавување се најразлични, започнувајќи од конзервативноста и патријархалноста на општеството, каде женската сексуалност се смета за неморална, а во исто време на телото на жената се гледа како на сексуален објект во сопственост на мажите, до непрепознавање на различните форми на сексуално насилство и недоволниот број законски одредби со кои се санкционираат различните форми на сексуално насилство.
Само 21,4% од испитаниците би пријавиле во полиција доколку некој сексуално ги вознемирува на улица, а 52,2% би пријавиле во полиција доколку некој изврши директен физички или сексуален напад врз нив, вели истражувањето спроведено од Реактор13.
Фрапантни се податоците од онлајн студијата за сексуално насилство, според која секој трет испитаник од онлајн прашалникот бил жртва на некој облик на сексуално насилство. 132 жени или 3% од вкупниот број (4391) жени испитанички изјавиле дека биле силувани. Дополнително 15 жени навеле дека преживеале обид за силување.
Недостатокот од сеопфатно сексуално образование во редовниот образовен систем, а истовремено учење од учебници преполни со дискриминаторски содржини, пред сè насочени кон жените, ги става граѓаните на Македонија во положба да не се свесни за формите на насилство кои секојдневно ги трпат или извршуваат, па дури и да го оправдуваат истото и да го припишуваат на биолошките разлики.
10% од лицата кои го пополниле онлајн прашалникот веруваат дека девојките лажат дека се силувани за да си ја заштитат репутацијата. 51% од нив сметаат дека секоја жена/девојка треба да преземе одговорност со цел да го спречи нејзиното евентуално силување. 17% веруваат дека силувањето е поврзано со начинот на облекување на девојките и излегувањето до доцна навечер. 93% веруваат дека и мажите можат да бидат силувани. 32% од лицата кои го пополниле прашалникот сметаат дека силувањето е акт на неконтролирана сексуална желба.
Во однос на системот на заштита на жртвите состојбата е уште позагрижувачка. Во Македонија не постојат специјализирани сервиси за жени и девојки жртви на сексуално насилство.
82% од испитаниците би кажале некому доколку биле жртва на сексуално насилство, само 1% не би кажале никому, а 16% од испитаниците не знаат дали би кажале некому. Испитаниците најголема доверба за споделување на искуството како жртва на сексуално насилство имаат во семејството.
Стравот најчесто е клучен во изборот на одлуката за непријавување.
Во македонското законодавство се само делумно опфатени формите на сексуално насилство. Имено, како кривични дела препознаени се силувањето и присилната проституција. Останатите видови на сексуално насилство како сексуалната злоупотреба и сите акти кои таа ги вклучува не се јасно дефинирани и е оставено на слободно толкување на судот и обвинителството. При што, одлуката за што сè опфаќа терминот „полово дејствие“ како и тежината на истото, ја носи обвинителството. Недефинираноста на терминот „полови дејствија“ доведува и до непрепознавање на сите акти кои означуваат сексуално насилство.
Сексуалното вознемирување и неговите различни облици се најмалку препознаени од пошироката јавност како сексуално насилство. Ниту жртвите, ниту насилниците го препознаваат сексуалното вознемирување особено кога се случува на јавни простори.
Студијата ја изработи Националната Мрежа Против Наси лство врз Жените и Семејното Н асилство.
Во ова истражување беа разгледани и известувањата на медиумите во врска со случаи на сексуално насилство во Р. Македонија, во периодот од 2012 до првата половина на 2017 година. Причина за тоа е самиот факт дека медиумите имаат многу значајна улога во подигнување на свеста на граѓаните за постоење на сексуалното насилство во Македонија.
Со објавување само на случаи на сексуално насилство врз возрасни девојки и жени, кога тоа се случува во другите земји од светот, го прават далечно за граѓаните и го претставуваат сексуалното насилство како нешто што се случува само во другите земји од светот, не и кај нас. Сензационализмот на медиумите исто така може да се забележи и во огромниот број на објави за случаи на сексуално насилство кои се случуваат во светот, како што се групни силувања, секс- скандали на политичари или други јавни личности, силувања од страна на војници и сл.
Во ретките случаи кога се објавува сексуално насилство врз девојка/жена, насловите кои ги пишуваат се сензационалистички, несензибилни, без емпатија кон жртвата, а текстовите алудираат на вина за сексуалното насилство во жртвата. Главна тема на обработка во нивните текстови е како била облечена жртвата во моментот на сексуалниот напад, во кое време од ноќта се движела по улиците, дали била под дејство на алкохол и сл. Најчесто податоците за сторителот на сексуалното насилство се објективни.
За Женски Магазин, Вики Чадиковска