Интервјуа // Интервјуа
Татјана Стојановска: Ме радуваат коледарчињата за Бадник
Со неа се дружите на телевизискиот екран. Таа е едно од најубавите телевизиски лица. Ги краси вестите на Канал 5. Во моментов, ужива на прекрасното патување во Канада. За Женски Магазин, препознатливата Татјана Стојановска ни раскажува за празничните ритуали во нејзиниот дом.
Женски Магазин Ги сакате ли празниците? Уживате ли во атмосферата која празниците ја носат?
Татјана Крајот на годината е време кога заокружуваме еден циклус, период кога се вртиме наназад и ги сумираме резултатите и моментите кои сме ги имале во годината што изминува. Ги бришеме лошите моменти, а ги меморираме убавите. Барем јас така резимирам.
Новогодишните и Божикните празници ме навраќаат во детството и го будат детето во мене. Уживам да се движам по украсените улици, плоштади, продавници. Се радувам кога купувам украси и подароци и кога го украсувам домот. Се радувам кога им подарувам на дечињата од пријателите пакетчиња, тоа ми е традиција, и кога им ги гледам насмевките и радоста во нивните очиња што ме потсетува на мојата возбуда кога го правев тоа како дете.
Секако тука се и плановите каде ќе се поминат празниците, што ќе се зготви за нив.
Женски Магазин Каков е вашиот домашен обичај за Божиќ?Ве враќаат ли празниците во детството? Кои се вашите рецепти кои сама ги подготвувате?
Татјана Најчесто Бадник го поминуваме на Бадникова вечера кај мајка ми, а за Божикниот ручек сме собрани во поголем состав најчесто кај нас дома. Се готват традиционалните јадења за Божик, печено месо, сарма, погача, кифлички, салати, колачи и се што е во нашата традиција. Тоа е сликата за Божик од детството која се пренесува и сега. Она на кое се радував уште како дете беше Бадниковата вечера и барањето паричка во лепчето, а возбудливо беше и подготвувањето и одењето на Коледе. Се собиравме сите другарчиња од зградата во која живеев и одевме кај соседите на Коледе, пеевме коледарски песни и се радувавме на бонбоните, овошјето и паричките што ни ги даваа. Потоа таа радост ја доживував кога син ми одеше на Коледе, а сега се радувам кога ми доаѓаат коледарчињата на врата. Женски Магазин Годинава Божиќ го славите во странство? Каква е атмосферата таму? Се радувате што ќе бидете со своето семејство? Татјана Годинава за Нова Година бев во Канада кај брат ми, снаа ми и внуците и ја почувствував таа атмосфера во уште поубаво светло и со радост што сум со нив. А за Бадник и Божиќ сум дома, повторно со семејството и работно со гледачите на вестите. Женски Магазин Кои се вашите очекувања во 2018? Татјана 2018 година очекувам да ми биде уште поубава од претходнава. Да имам убави моменти, здравје и успеси на секое поле. Тоа што си го посакувам себеси и на моите најблиски го посакувам на сите луѓе. Да сме убави во срцето и во душата и да се радуваме на малите нешта што ни го прават животот. За Женски Магазин, Вики Чадиковска