Животна училница // Приказни
Утринско кафе со Анита Тевдовска: Новите пријателки се мојата најголема моментална мотивација
Во последните 2 месеци, откако ја родив мојата трета ќеркичка, утринското кафе стана попладневно, не ретко и вечерно. Со новороденче дома, поготово кога е петти член во семејството, ритуалите на мајката се претвораат во ритуали на децата. Иако, морам да признаам, најчесто утринското кафе го преспивам, бидејќи сопругот ги презема обврските со двете постари ќеркички, особено околу разнесувањето во училиште/градинка, па јас можам да поуживам и да го заменам утринското кафе со утринско гушкање. Утрата ни се секогаш во брзање, бидејќи сите по дома милуваме да си поспиеме барем „уште 5 минутки“, па следи будење на ќеркичките и помош при нивното спремање за градинка/училиште.
Откако ќе ги предадам на сопругот да ги однесе, тогаш започнува моето спремање, кое повторно не вклучува кафе ниту пак појадок дома, затоа што најчесто немам време за тоа. Морам да признаам дека не сум експерт во менаџирање на времето, и во моја одбрана, еднаш некаде прочитав, и целосно се согласувам со тоа дека: „оптимистите секогаш доцнат“. Па и јас како непоправлив оптимист тврдам дека е така, не дека има некоја посебна филозофија во ова, едноставно секогаш се надевам дека нештата ќе ги завршам за пократко време. По кратко спремање, секогаш пешачам до работа, што ми ја заменува утринската гимнастика и притоа ми овозможува да купам свежо овошје и појадок за колешките каде работам, (како архитект во проектантското студио Бауха ус Проект), и денот да го започнеме здраво. Дури потоа следи кафе кое јас го пијам полека, до крајот на работниот ден.
Мотивација најчесто наоѓам во вообичаени, секојдневни моменти, кои во мене будат енергија за нешто ново. Тоа може да биде некоја прочитана статија, книга, добар филм, театарска претстава па дури и најобичен разговор со пријател кој ќе ме инспирира за некој нов почеток или промена во секојдневието. Во последно време имам многу нови пријателки со кои делиме секојдневие, во една група на социјална мрежа, и токму тие иако навидум виртуелно, ми се моја најголема мотивација во моментов.
Сега сум во период кога дневните обврски ми се најмногу околу грижата за трите ќерки, Сара, Ема и Каја, покрај кои и не ми останува многу време за останати активности. Сѐ уште се во години кога им е неопходна мојата помош во извршување на секојдневните работи, посебно на најмалата која, бидејќи е на ексклузивно доење, и е целосно зависна од мене. Сега уживам во тие посебни моменти на поврзување, на запознавање една со друга. Кариерата моментално ми е ставена во втор план, и така ќе биде се додека не потпораснат ќеркичките и не почнат сами да се грижат за себе. Тоа значи сега за сега денот им е посветен ним. Попладневното време, кога се дома, сега во зимскиот период од годината, кога дозволува времето, успевам да ги изнесам некој саат надвор на воздух и сонце, да потрошат малку енергија, а подоцна договарам дружби со нивни другарчиња. Покрај нив и јас запознав нови пријателки со кои делиме исти ставови околу воспитувањето, и без кои сега не можам да го замислам секојдневието. Заедно планираме активности, прошетки, било тоа во парк или на Водно, или најобично уживање во кафе на лулашки додека децата си играат, возат велосипеди или играат ластик или јаже.
Бидејќи, како што веќе напоменав, милуваме да си поспиеме наутро, вечерите сме си сите на куп до доцна навечер. Сопругот знае често да заглави на работа, па ги оставам децата да го дочекаат и да поминат време заедно. Најчесто сите четворица гледаме некој цртан филм, или играме криенка или пак некоја друштвена игра во доцните часови.
Книги и филмови си обожувам подеднакво исто. Ако наидам на нешто добро не испуштам да го прочитам или изгледам. Во различни периоди од животов, своевремено, го менував и интересот за книгите. Од белетристика, психологија, здрави навики, исхрана, воспитување на деца, алтернативна медицина и т.н. Иако, да признаам, за книга некако успевам да најдам време, за филм малку потешко. Најмногу од сѐ ми годи добра театарска претстава, можеби затоа што таму не сум сама, а уживам кога сум меѓу луѓе, поготово меѓу пријатели, за кои, без исклучок, наоѓам време.
*Анита Тевдовска е архитект во проектантското студио Бауха ус