Утринско кафе со Бубе Јаневска Ивановска: Семејството ми е најсилна инспирација

Добивај вести на Viber

  Во деновите кога сум на работа, денот ми почнува со кафе со колегите во Канал 5. Обично со првото утринско кафе се подготвувам за емисијата односно за гостите кои ми се предвидени за тој ден. Додека во деновите од викендот ги имам најубавите утра. Има ли нешто поубаво од гушкање со сопственото чедо, а ќерка ми Нела обожава наутро да се гали со мама. Тогаш си ги правиме плановите како и каде ќе го минеме денот. Најсилна инспирација ми е секако семејството. Тие ми се непресушен извор за насмевка, за љубов, за истрајност. Мотив да се издржат и победат сите препреки и предизвици. Едни две очиња кои нестрпливо ме чекаат да се вратам од работа се живот, а не само мотив. Ме мотивираат позитивни луѓе. Сакам луѓе што се насмеани, луѓе од кои имам што да научам. Ме мотивира секој изминат ден. Сите грешки, но и убави нешта се искуство кое ме мотивира да станам подобар човек, подобра личност. Од понеделник до четврток некако работите и нештата ми се распоредени според терминот што ми припаѓа во Отворената програма. Денот ми почнува во 8 часот, нешто пред 10 сум на работното место и се подготвувам за емисија. Некаде по 13 часот сум во етерот, а по емисијата се подготвувам за наредниот ден. Петокот е предвиден за колегиум и за договарање гости за наредна недела. Вечерните часови и викендите се секогаш резервирани за семејството и за најблиските пријатели. Тоа е време кога максимално уживам и се опуштам од сите стресови што ги носи програма во живо, затоа што без оглед колку и долго да работиш пред екраните одговорноста пред гледачите е огромна и моја обврска е секогаш да бидам подготвена за секоја ситуација. Денот завршува во кругот на моето семејство, со ќеркичката и сопругот Александар. Во прераскажување на како минал денот и што се плановите за утре. Неизбежно е играњето, цртањето со Нела. Во тоа вистински уживам и се релаксирам. Најубава глетка ми е кога ги гледам сопругот и ќерка ми како уживаат во нивната игра. Како шлаг на денот ми е гушкањето пред заспивање со мојата принцеза. Тоа ни е секојдневен ритуал, да заспиваме и се будиме со прегратка и бакнежи. Повеќе сакам да прочитам книга отколку да гледам филм. Не важам за некоја филмаџика, иако сопругот веќе пет години се обидува да ме навлече на филм, засега не многу успешно • Реално откако станав мајка немам многу време ниту за едното, ниту за другото, но за книга наоѓам време, макар и 5 мин, да прочитам неколку страници во текот на денот. Ќерка ми сè уште ми го одзема сето време и внимание затоа што има три години. Сето она време што го пропуштаме додека мама е на работа сакаме да го надоместиме. Па, така, во овој период колку-толку откако Нела ќе заспие, крадам време да прочитам некоја страница.