Утринско кафе со Ирена Мулачка: Другарките ме прават среќна

Добивај вести на Viber

Кога отворам очи не помислувам на кафе. Не сум баш голем обожавател на утрата, со оглед на тоа што секојдневно спијам четири до пет часа максимум. Откако ќе се разбудам потребен ми е половина час средување за работа и може да започне трката со времето. Телефонот почнува да ѕвони и не престанува во наредните 12 часа. Позната сум по тоа дека телефонот ми е постојано на уво. Првото утринско кафе го пијам дури кога ќе стигнам на работа и тоа повеќе од навика, отколку дека имам некаква потреба. Не сум баш голем обожавател на кафето и затоа не сум од луѓето кои штом отворат очи прво на што помислуваат е кафе. Функционирам турбо на саат и без освестување со утринско кафе. Целиот ден ми поминува во петта брзина и во последните неколку години се научив да живеам со тоа темпо. Само малку да закочам со активностите и веднаш почнува да ми фали брзото темпо на живот. Ретко го почнувам денот со цеден сок, а не јадам до пет поручек така што организмот веќе години наназад ми функционира на овој начин. Не сум баш тип на човек што го обожава здравиот начин на живот, иако тоа кај нас веќе премина во модерен начин на живот. Сакам да го правам тоа што ме прави среќна. Така да, денот го започнувам со моите работни обврски во „Фокус“, обврски околу сајтот, теми за неделникот, средби со луѓе, нешто што дополнително ме исполнува, со оглед на тоа што премногу си ја сакам работата. Целиот ден ми е исполнет со средби со луѓе, телефонски разговори, документи. Обожавам кога сум „затрупана“ со документи кои откриваат криминал или корупција во општеството, па додека да излезе наредниот број на неделникот темелно се занимавам со тоа за се да биде докажано и проверено. Како ритуал ми е после завршувањето на работните обврски да одам во кафеана или на кафе со другарките, па тука се отвораат разни теми на муабет, книги, филмови, кои дополнително ме полнат со позитивна енергија и ме прават среќна. Во последниот период често одам на театар и во Македонска опера и балет, нормално за да направам баланс меѓу кафеаните и културните настани. Како што веќе кажав, денот ми трае доста долго, со оглед на тоа што станувам рано, а легнувам после три по полноќ. Јас сум ноќна птица. Сакам пред спиење, после целодневната трка со времето да изгледам добар трилер, но како и по традиција најчесто завршувам со книгата во раце и најсреќна сум кога редовно ја збогатувам мојата библиотека. Кога ќе отидам да си купам книга, обично се враќам со полни ќеси бидејќи сакам да ги имам сите. Една од омилените книги ми е биографијата за Џеки Кенеди Оназис, која е едноставна, паметна и дама со стил, па редовно вечерта ја завршувам со неа.