Животна училница // Приказни
Утринско кафе со Катерина Палческа: Моето бебенце е мојот будилник
По природа сум спанка, меѓутоа со оглед на тоа дека сум тазе мамичка, имам шест месечно бебе кое е ранобудник, па спиењето до доцна веќе подолг период е незамисливо. Денот ми започнува во 7:00 часот изутрина без разлика дали е работен ден или викенд. Ден без испиено јако турско кафе скоро и да не постои, потребно ми е за расонување за да можам да го започнам денот. Најчесто го пијам во друштво со синчето, додека гледа цртани, па така добивам некои 15-тина минути кои си ги посветувам токму за себе. Пиејќи го кафето, сакам да прочитам некоја добра статија по порталите, го проверувам инбоксот дали имам некоја нарачка и веќе официјално денот може да стартува.
Најголема мотивација ми е Петар, неговата насмевка. Ме мотивира секое чувство, емоција, ме мотивираат клиенти кои се задоволни од мојата работа…ме мотивира семејството и љубовта, без кои животот не би можела да си го замислам.
Моите планови ги оставам за реализација за во иднина, бидејќи Петар е премногу мал, за да можам да го оставам и целосно да се посветам на она кое најмногу сакам да го работам, а тоа е изработката на накит. Сепак не се откажувам од идејата да еден ден отворам свое креативно просторче, каде ќе можам буквално со саати креативно да творам.
Денот најчесто ми завршува во кругот со најблиските, со синот и со сопругот во домашна атмосфера. Играње, пеење и околу 20:00 часот почнувам да го подготвувам Петар за спиење, тоа подразбира капење, млекце и кревет. Па бидејќи станувам рано, се трудам и рано да легнам за да можам да одговорам на секојдневните обврски, па така она слободно време кое го имам од легнувањето на Петар до моето легнување го користам токму за да сработам нешто…било тоа да се пар обетки или да извезам некоја капа и сл.
И книгата и филмот си има своја убавина. За добра книга барем за мене треба посебно расположение и време во изобилство за да можеш да се задлабочиш во пишаното…Така што сепак би одбрала филм…Преферирам тоа да е некој лабав, за да едноставно пуштиш „мозок на пасење“.