Утринско кафе со Миа Стефановска Зографска: Ги обожувам утрата со сончеви зраци

Добивај вести на Viber

  Вообичаено, денот ми започнува во раните утрински часови. Се будам некаде околу 6:30 часот наутро, а моето мото е „Кој рано рани - три среќи граби“. Најмногу ги обожувам утрата со сончеви зраци кои продираат во спалната соба поигрувајќи си со сенките на ѕидовите. Првото утринско кафе го пијам во некоја од моите омилени шолји за кафе кои ги збирам во колекција, и уживам во неговата арома. Преферирам да го испијам сама во тишина, бидејќи ова е можеби најмирниот дел од мојот ден во кој сакам да си посветам малку внимание и да ја зачувам енергијата за настаните коишто следуваат. Продолжувам да се подготвувам за на работа, заедно со моите два сина кои исто така се спремаат за училиште, односно градинка. По пристигнувањето на работното место првото нешто што го правам е отворањето на тефтерот со агендата за претстојниот ден. Можеби звучи смешно, но јас одбивам да ѝ робувам на модерната технологија, сè уште сум конзервативна по однос на ова прашање и не го користам мобилниот за пишување белешки, туку запишувам во бележникот. Продолжувам со читање и одговарање на мејлови и останатите работни активности и обврски за тој ден. Со оглед на природата на мојата работа секојдневно сум во контакт со многу луѓе, било да се клиенти, соработници или пријатели. Работам во центарот на градот (во „фокусот“ како што често пати ја нарекувам), каде што постојано е фреквентно и секогаш среќавам пријатели на чија насмевка се радувам, па со задоволство седнуваме да испиеме по едно топло убаво кафе во некоја од кафетериите низ центарот. Една од моите најсилни страни е организациската способност. Верувам дека со добра организација може да пронајдете доволно време за да постигнете сè што ќе наумите. Добрата организација се покажала полезно не само кај мојата директорска функција, туку и во улогата на сопруга и мајка, бидејќи обете се исклучително важни ролји во животот. По завршувањето на работниот ден ги земам децата од градинка и училиште и сите заедно си одиме дома. Нашиот омилен ритуал се долгите семејни ручеци во кои вообичаено уживаме за време на викендот, бидејќи, за жал, работните обврски ретко го дозволуваат тоа во текот на неделата. Уживам во топлата пријатна атмосфера заедно со моето семејство и особено сум среќна поради безрезервната поддршка од страна на сопругот. Кога имате доволно љубов и разбирање многу полесно се поминуваат сите препреки во животот. Во овој период од годината кога владее еуфоријата поради претстојните празници, постојано се занимаваме со работилници, изработуваме новогодишни украси, правиме колачиња или боиме во новогодишните боенки… Џагорот на моите и децата на соседите кои најчесто си играат кај нас стивнува некаде околу 21 часот. Тогаш одвојувам малку време за некоја од моите омилени серии или пак некој добар филм на телевизија. Моите најмили особено уживаат кога им читам некоја приказна за добра ноќ или кога им раскажувам интересни случки од моето детство. * Миа Стефановска Зографска е Главен извршен директор на Друштвото за управување со инвестициски фондови Иново Статус АД Скопје