Утринско кафе со Наташа Дукоска: Сакам убава книга да ми отвори нов универзум

Добивај вести на Viber

Денот го почнувам малку роботски со веќе утврдени навики и како месечар се упатувам до шпоретот каде го подготвувам моето прво кафе за себе. Како правилото во авион: во случај на нужда - прво маската на себе, па на детето. Често пати помислувам дека кафе производителите треба да знаат колку се битни во онаа банална мотивација на луѓето кои едноставно мора да се исправат наутро од кревет. Првото кафе го пијам на стоење и го шлепам низ цел стан бидејќи паралелно терам активности од типот: ајде станувај!, цедам портокал, некогаш подготвувам појадок, барам ластик за коса, потсетувам…   Ме мотивира полна агенда, ме мотивираат предизвици и ме мотивира прибирањето дома на крајот на исполнет ден како некое топло огниште во кое wifi-то само се конектира. Во размислувањата секогаш ме води потстрек да се направи нешто што ќе биде поинакво. Дневните планови ми се да не изгубиме глава некаде, а обврските ми се да не изгубиме глава некаде • Идеално е кога јас тргнувам на работа последна во домот, децата ги носи Игор на училиште и тогаш останувам сама за да си ја приберам енергијата и да се фокусирам. На работа, во агенцијата Навигаторс, стално читаме план на работа, и секој потоа се фрла да ги заврши своите задачи. Работата е динамична, но истовремено бара посветување до детал. Се ближи 15.00, па проверувам дали се на тенис, музичко и сл., продолжуваме со работата и привршуваме до кај 17.00. Обврските ми продолжуваат правејќи се дека домашните задачи се втора точка во агендата од денот, не дека во меѓувреме имавме малку дискутабилна презентација или одобрен само половина буџет, или недореализирани обврски. Така некако … Кога ми завршува денот често се мислам дека сум извојувала некоја битка или слично, ако се е потаман се разбира, што не е секогаш случај. Но кога е така, сум смирена и често самата заспивам, успивајќи ги децата. Со децата, минимум еднаш неделно сакаме да нарачаме пица, мојата постара ќерка бира филм и уживаме во вечерта со хедонистички залет. Често одиме на кино, а јас колку што можам ги следам и филмските фестивали и препорачаните филмови. Една од моите среќни животни околности е што мајка ми негуваше секогаш фин опус на книги и нејзината библиотека беше мошне квалитетен браузер за наслови од светската литература. Сакала – нејќела, книгите ми беа под нос, а полицата со делата на Блаже Конески ни беше олтар. Сакам да прочитам убава книга, што е нешто ретко, но затоа може да отвори цел нов универзум и да просветли.