Утринско кафе со Љупка Наумоска: Најпродуктивна сум наутро

Добивај вести на Viber

Почетокот на денот ми зависи од сезоната: доколку е лето, будна сум во 5.50 ч и веднаш започнувам со подготовки за трчање. Во трчањето спојувам 2 искуства – медитативно и физичко кои пак ме подобруваат во самодисциплината и натпреварувањето со себе. После трчањето, подготвувам свежо смути и поаѓам на работа. Доколку е зима, се будам околу 6.30 (со еден до два снуза) пуштам музика и (најчесто) практикувам неколку медитативни ритуали и почнувам да му се радувам на денот. Потоа следи појадокот – свежо смути, сега веќе со калинки и останати сезонски овошки, подготовки и поаѓање на работа. Јас сум т.н. морнинг персон – и би рекла дека најпродуктивна и енергична сум наутро и се обидувам добро да ја насочам таа енергија. Одбирам барем едно од трите кафиња во текот на денот да го пијам сама. Ме мотивира Ана – внука ми за да останам своја, колегите за да станам подобра, семејството за да останам дете, пријателите за да останам позитивна, работата за да дадам повеќе и љубовта за да создавам.  Две третини од денот со задоволство работам: Во моментов приоритет ми се ангажманите на Универзитетот за туризам и менаџмент каде предавам група предмети од областа на маркетинг комуникации на фантастични студенти од кои учам секој ден . Паралелно со моите колеги од Маркетинг и ПР агенцијата Ханибиз секојдневно создаваме и управуваме комуникациски кампањи и проекти за нашите клиенти и со задоволство креираме вредност за нив. При крајот на денот ручам или вечерам со најдобрите пријатели кои се носители на неверојатна енергија, радост и инспирација. Во еден дел денот вежбам и читам. Постојат вечери за само еден, вечери за друштво од повеќе драги луѓе и вечери за добра книга. Во сите уживам на различен начин. Сакам и книга и филм. Моментално сум опседната со еден импресивен израелски автор Yuval Hoah Harari, а последен филм кој ме збогати е Arrival.