Христос се роди! – Вистина се роди!

Добивај вести на Viber

Божиќ е празник полн со симболика. Без разлика дали во вашиот дом Божиќ е традиција или сега ја учите симболиката што треба да биде почитувана, немојте да заборавите дека суштината на Божиќ е во љубовта, простувањето и милосрдието, а не во формата, која секако е одраз на суштината, но која ништо не значи доколку не го шири духот на љубовта и милосрдието. Бадник го најавува Божиќ, тогаш семејството се собира и се подготвува за прослава на најрадосниот христијански празник. Бадниковата вечера, на која можат да присуствуваат само членови од семејството, мора да биде посна, но богата. Се верува дека кој ќе остане гладен оваа вечер ќе биде гладен цела година.

Првите весници на празникот се децата коледари. А весник или гласник значи ангел. Тие се нашите земни ангели. Тие се известувачите за Божик. Од рано утро нè будат со песна и со радост. Тие се првите гласници на празникот – весници на радоста. Нашите ангели за Бога и за Бадник. Рано в зори секоја куќа го слуша прекрасниот детски глас, како глас на ангелите за раѓањето на Христа Спасителот.

За добрата вест се наградува, а за коледарите награда е отворената врата, пречекот, радоста и обичните дарови – плодови од природата: ореви, костени, јаболка, круши, смокви, сливи и ситнурии. Се радуваат на малку и на едноставност, а тоа е добро школо за нас возрасните дека, всушност, толку и ни треба. Доволна е насмевка и радост, срдечност и љубов.

На Бадник семејството е Црква. Секоја куќа е Црква. Во секој дом се пали свеќа, темјан и кандило. Во сите домови се принесува молитва од Домашната црква. Молитва заедно со принос – благодарност на Трпезата. Како в црква Евхаристија. Таква е заедницата на љубовта. Радост со најблиските, љубов крај своите. И сето тоа со пости, за душа да се гости.

На Бадник завршуваат Божикните пости. Тоа е последната посна трпеза пред Божик, а полна со разновидна храна и овошје. Дарови од Бога, Нему принесени.

Бадник значи будност.

Божик е највесел православен празник со кој се слави раѓањето на Исус Христос и се слави три дена. Божикното утро почнува така што во рана зора се слушаат ѕвона од сите православни цркви и храмови

Според традицијата, оној гостин што прв ќе влезе во вашиот дом, рано наутро на Божиќ, посебно се дочекува со радост и со дарови. Симболично, тој ги претставува мудреците што дошле да се му се поклонат на Христос во пештерата. По верувањата, овој гостин целата следна година ќе носи среќа во тој дом. Божиќната погача се меси рано наутро и во неа се ставаат златни, сребрени или обични парички. Домаќинот на куќата е задолжен за кршење и делење на погачата, а секому на масата му се дава по парче. Оној што ќе ја пронајде паричката се верува дека ќе има среќа цела година. Погачата претставува дел од прославата на Божик и кога е печена се поставува на трпезата, се врти како колач, се полева со вино и на крај се крши на толку делови колку што има членови дома. Се верува дека на тој што ќе му падне паричката ќе биде среќен во текот на целата година. По кршењето, следува честитање на празникот и ручек, кој е прв мрсен оброк по долгиот пост.