Тагата со стравот и лутината е една од трите базични негативни емоции кај малите деца. Сите три емоции се многу силни па децата често не знаат на соодветен начин да ги разработат во себе, да ги искажат или да се носат со нив. Во тоа им треба помош на возрасните и тоа на начин да ги препознаат емоциите кај децата, укажувајќи му на детето што се случува со него и што чувствува односно да му помогнат се заедно да „надмине“ и изрази на прифатлив начин.
Тоа е посебно важно кога е во прашање чувството на тага. Со оглед на тоа дека малите деца не знаат со зборови да изразат што чувствуваат, тие тоа го покажуваат со однесување и низ игра. Затоа на родителите понекогаш на прв поглед ќе им изгледа дека детето е бесно, луто, непослушно, љубоморно или преплашено, а во позадина на сето тоа всушност ќе биде чувството на тага.
Родителите своите деца најдобро ги познаваат и знаат точно како „дишаат“, затоа секогаш е добро да се запрашаат дали можеби се однесуваат на некој одреден негативен начин зошто е всушност тажно?
Децата може да бидат тажни од разни причини, но најчести причини за тагување се:
-Разделба од родителите, односно ситуација кога привремено се одвоени од мама, тато или дадилка кои им недостигаат многу. Дури и кога знаат дека родителите набрзо ќе ги видат, чувството на тага може да биде исклучително силно.
-Смрт на блиска и сакана личност, кога детето е збунето, не разбира што се случило, често не покажува ни тага со отворено плачење, но во себе силно чувствува загуба и жалост
-Неуспех во некој потфат или замисла како што е на пример победа во игра. Во оваа ситуација тагата е многу често „покриена“ со чувства на лутина и немоќ.
-Тага поради недостиг на вимание или пофалба која често се случува во родителскиот дом со повеќе деца. Многу често тагата поради недостиг на внимание е скриена со чувството на „љубомора“.
Откако родителот го препознал чувството на тага кај детето, важно е на детето тоа и да му го објасни на многу едноставен начин со кратки реченици односно речник кој е примерен за возраста на детето.
Со реченици како: „Чувствуваш тага затоа што не победи во оваа игра“, „Гледам дека си тажен бидејќи ти недостига тато“ или „Знам дека си тажна оти повеќе ја нема баба“, на детето истовремено му се објаснува како се чувствува, но и му даваат чувство дека возрасните разбираат и дека е во ред и прифатливо да се биде тажен или тажна. Во ред е да се чувствувате тажно, во ред е да плачете и тоа е нормална човечка емоција и потреба и составен дел од животот.
И на крај, многу е важно на детето да му се пружи утеха и чувство на сигурност. Тагата е мала рана на срцето на детето која треба да се залечи со прегратки (физички допир и утеха) но и со зборови - не си сам, те сакам, тука сум за тебе, ќе ти помогнам, ти си сигурен со мене.