Јасмина Атанасова Симјаноска-прва и единствена жена оџачар во Македонија

Добивај вести на Viber

Жена. Мајка. Архитект. Овластен проектант, ревидент и надзор од областа на архитектурата и противпожарната заштита. Судски проценител на недвижности, енергетски контролор,повремено поет, повремено сликар-ова накусо е професорката  Јасмина Атанасова-Симјаноска од средното градежно училиште “Здравко Цветковски”. Таа е првиот дипломиран оџачар и засега единствената жена во оваа професија. “Јас сум дефинитивно единствената жена оџачар во Македонија, тоа е сигурно. Во Белград работат еден брачен пар оџачари, и многу се успешни. Во Хрватска ги има повеќе, една од нив е мојата драга пријателка Сњежана Боршиќ- Јамбрешиќ, која е ќерка на мајстор Славко Јамбрешиќ и прва жена мајстор оџачар. Денес ја води фирмата “Димњачарски обрт Сњежана“ од Загреб. Почетоците беа во Загреб, каде ја стекнав мојата диплома во ОИГШ (обртничка индустријска и градитељска школа) “Загреб“ под менторство на професор Енес Субашиќ. Тоа беа месеци напорна работа, стекнување на теоретски и практични знаења како и спроведување на пракса кај работодавач. Прво тоа беше “Димњачарски обрт Сњежана“ а после и “Димњачарски обрт Дим“. Во Македонија праксата ја стекнав со оџачарската фирма “Оџаци“ од Скопје. Mојата кариера поврзана со оџачарството се одвива во процесот на едукација на потребни кадри за обавување на оваа дејност”-раскажува за Женски магазин,  професорката Јасмина Атанасова Симјановска. Нејзината стручност вели е во областа на едуцирање на нови кадри во оваа дејност, но сепак интересот е многу мал, иако оџачарството е дефицитарна, барана но и платена работа. Таа забележува дека сеуште  е тешко да се зборува за интерес кај женската популација, кога е проблематичен интересот и кај машката. Во учебната 2017/2018 година  вели не се запишало  ниту  едно дете во оваа струка. “Имаше само еден кандидат за вонредно образование, инаку возрасно лице, морам да кажам, факултетски образован, но доволно далекувид за да може да види дека ова може да му донесе многу солидна заработувачка. Зошто? Поради недоволната информираност, поради едукативната политика или поради неможноста да се види потребата од оваа професија а со тоа и можноста за добра заработувачка.... тоа се многу фактори. Во 2017 година работев на реформите во средното стручно образование, и во склоп на овој проект ги работев стандардите за квалификации за оџачари, наставниот план и наставните програми за профилот “Одржувач за чадоводни инсталации“- формално образование кое од септември 2017 година почна како двегодишно стручно. Мораме многу да работиме во популаризирање на оваа професија, а јас давам сѐ од себе да ја придвижам”- додавапрофесорката Атанасова Симјаноска. Вели дека никогаш не било проблем да биде  прифатена како жена во машка професија. Постоел  момент на изненадување, но веќе следниот  момент раскажува дека  настапувало љубопитството.  Луѓето според неа ценат стручност и професионалност во секоја област, па и во оџачарството. “ Јас бездруго сум цел живот жена во машка професија, знаете дека сум архитект кој активно работи како проектант, ревиедент и надзор, и никогаш не било проблем да се воспоставам професионален однос или професионален авторитет. И тоа се учи. Сѐ се учи. Ако бидеме професионални во работата, ако коректно си ја вршиме работата, секако ќе ни биде важно да постигнеме што повеќе во професијата. Не е тешко да се совладаат техниките во работата, затоа служи практичната настава и праксата кај работодавач. Исто  така важно е оџачарот да биде добро упатен во основните прописи за организација  и обавување на оџачарската професија,  за превентивна хигиена,  за противпожарна сигурност, да ги познава правилниците за употреба и складирање на крути, течни и гасовити енергенси. Дополнително  треба да биде упатен во изградбата на објекти, бидејќи   Скопје е сеизмичка зона.  Исто така мора да ги почитува законите за заштита и безбедност при работа, законот за протипожарна сигурност, законот за заштита на животната средина”- потенцира професорката. Физичките предиспозиции не се предуслов за професионално завршена работа, туку техниката и добро познавање на целиот систем за греење. “Мене лично не ме плашат височини, многу пати сум се качувала по фасадни скелиња, на објекти со голема височина во фаза на изградба, со почитување на мерките за безбедност при работа... но, мора да внимаваме кога станува збор за оџачари. Ниеден оџачар не смее да има фобија од височини, вртоглавици и сл. Од овие причини, и покрај стандардното уверение од медицина на трудот кое секој што сака да се бави со оваа дејност треба да го има пред започнување со едукативниот процес, зборувам за едукација на деца и на возрасни, мора да се направат и низа психолошки тестови кои се однесуаат точно на фобија од височина, од оган, пироманија и сл. Значи, оџачарите треба да имаат здрав костозглобен систем, крвоток и добар респираторен систем. Работата бара одење и качување, па тој треба да е во добра кондиција и општа спретност на телото и рацете, добри моторички вештини и посебно да се обрне внимание на центарот за рамнотежа. Видот треба да биде уреден со јасно видно поле, затоа што во оваа професија многу често е невозможно да се носат очила или леки. Исто така многу е важна емоционалната стабилност” – вели професорката. Чист оџак како што вели  пред сѐ значи поголема ефикасност на системот за греење, па ако функцијата на оџакот  се одвива непречено, согорувањето ќе биде поцелосно. “Ова е она што сопственикот првично треба да го знае и она што најмногу го интересира. Значи, вашиот систем работи непречено, добивате повеќе топлинска енергија при иста потрошувачка на средство за греење. Второ, што според мене е значително поважно, е дека сме ги преземале сите потребни чекори за да се отстрани опасноста од пожар, или барем опасност од пожар поради оџакот, ложиштето или приклучните цевки. Безбедноста на семејството, а потоа и безбедноста на материјалните добра кои сме ги стекнувале во текот на годините се најважни за секој поединец. Редовното чистење на оџаците треба да е законска обврска за секој поединец и за секоја институција”- нагласува единствената жена оџачар во земјава. Несекојдневната професија вели носи разни случки и анегдоти од терен. Оџачарите се весели  и за нив раскажува дека постојат многу интересни верувања. “ Знаете, оџачарот е странец кој што го пуштате во вашиот дом, многу е важно тој да биде комуникативна и позитивна личност, и чесна, пред сѐ. Скоро сите оџачари што ги знам се насмеани луѓе. Во текот на мојата пракса во Загреб и Нова Горица како и во Скопје влегов во многу домови, и секогаш бевме примни со добродошлица. Многупати децата скришум ќе скубнат влакно од оџачарската четка, срамежливо ќе прашаат може ли да фатат копче од нашата униформа за среќа, дури и постари луѓе на улица, сите со насмевка не поздравуваат, затоа што знаат дека и да не е митот за тоа дека оџачарот носи среќа, оџачарот ќе ви го исчисти оџакот и со тоа вашиот дом е побезбеден. Луѓето се изненадени кога ќе видат оџачарка, па често се скептични дали физички би можела да одговорам на обврската, па повеќе преферираат оџачари наместо оџачарки.... анегдоти колку сакаш...”-објаснува  професорката. Во моментов според неа  се прават напори за покренување на неформално образование за возрасни,  на наставните програми и планови, на изработка на стручна литература од оваа област  и на промовирање на оваа професија, но пред сѐ, на подигнување на свеста кај граѓаните за потребата од одржување на оџаците и другите чадоводни системи и инсталации. Наставни предмети во градежната струка или во било која друга струка што се однесуваат на оџачарството, како што раскажува, нема. Има тема по предметот градежни конструкции која ги опфаќа правилата и прописите за проектирање и градење на оџаци, но не и за одржување на истите. Во Македонија оџачарството, вели професорката,  би можело да биде многу профитабилна професија. Има многу малку оџачари во Македонија, а и тие што ги има, прашање е колку се стручни, но секако добро заработуваат. “Кога вие ќе детектирате проблем со вашиот чадоводен систем, тоа е во грејна сезона, и тогаш сите оџачари се презафатени, не можат да постигнат да интервенираат секаде каде што има потреба, а односот на побарувачка и услуга ја диктира пазарната цена. Очекувам дека свеста за оваа проблематика ќе биде на значително повисоко ниво во времето што доаѓа, а тоа ќе значи многу работни места за образовани и стручни оџачари со јасно дефинирани компетенции. Ќе мора да се најде начин ова да се регулира со закон на начин кој што најмногу ќе одговара на условите во  Македонија, дали тоа ќе биде модул преземен од некоја позитивна практика од некоја земја со солидно организирана оџачарска служба, модифицирана  или сосема нов систем за организација. Важно е законски да се регулираат условите и компетенциите, затоа што премногу често имаме пожари поради неодржување на чадоводните системи и инсталации, а со тоа ќе имаме загарантирани работни места” -порачува единствената жена-оџачар во Македонија. С.Б.   Преземање на текстот е можно само со дозвола од редакцијата на Женски Магазин