4 - годишниот Дариан е роден со половина срце: Неговата мајка за животната борба и трнливиот пат по кој чекорат и денес
Четиригодишниот Дариан - момчето со половина срце и дупла борба
Дариан е роден со синдром на хипопластично лево срце, ретка малформација на срцето во која левата срцева комора е сериозно неразвиена - состојба за која неговите родители дознаваат само 12 часа од доаѓањето на свет на Дариан.
Неговата мајка, Маријана имала само 20 години, а нејзиниот сопруг 23 години кога го добиле Дариан - млади и тотално неспремни за шокот што следувал.
Маријана Величковска - храбра мајка и жена борец, за Женски магазин раскажува за животната борба за синчето Дариан, и трнливиот пат по кој и денес чекорат.
За само 12 часа од раѓањето на Дариан, животот на младите родители се превртува наопаку.
-Веста ми ја соопштија додека бев сама, бев во огромен шок и не знаев како да изреагирам. Докторот ми објаснуваше а јас го гледав подзината. Потоа плачејќи му се јавив на сопругот и едвај успеав да му објаснам. Тој веднаш дојде па докторите му објаснија и него каква е состојбата. Му кажаа дека Дариан веќе стигнал во болницата за кардиохирургија и е сместен на интензивна нега. Подоцна истата вечер отиде да го посети и ме известуваше за неговата состојба - раскажува Маријана за првиот момент кога се соочиле со состојбата на Дариан која инаку не била откриена за време на бременоста, па овие родители очекувале здраво дете без никакви сомнежи.
„Се сеќавам дека првото прашање што го поставив кога го земав беше: “ Зошто е толку модар?! “ Добив одговор дека е нормално и дека за брзо ќе се стабилизира. Но, не беше така.“
Кога го зеле лекарите за да проверат што е проблемот повеќе не и го вратиле, веднаш го испратиле во болницата за кардио хирургија без да ја известат, бидејќи новороденчето не било третирано веднаш по раѓањето - немало време за чекање.
Маријана раскажува дека буквално, живееле неполни два месеци во болница.
Без интервенција за спасување на живот, хипопластичниот синдром на левото срце е фатален, но со интервенција бебето може да преживее.
За среќа, Дариан е храбро момче кое досега поминало низ четири операции и пред неколку месеци му правеле катетар на срце. Поточно кажано со сонда на која има камера, влегуваат низ вена кај препонот и одат до срцето за да проверат во каква состојба е. Тоа е нешто што мора да го прават еднаш на секои 3-4 години, за сѐ што не е видливо на ехо да се провери на овој начин.
Маријана ни раскажа дека Дариан за жал сега има фобија од доктори и болници.
-Мислам дури дека би сокрил ако нешто го боли за да не оди на доктор.. Не можам да го обвинам, после се низ што помина ова беше сосем очекувано. Дариан овој пат беше преплашен, не дозволуваше да го допрат. Јас му мерев притисок, кислород, температура, се' што можев ми дозволуваа за да не му правиме додатен стрес. Тоа до сега ни бил нај тежок престој во болница во поглед на неговата фобија од доктори.. Се надевам дека со тек на време ќе се нормализира - вели таа за моментите кога му правеле катетар на срце на Дариан.
„Тој е навистина посебен, не само затоа што е мое дете. Има некој посебен сјај во очите, посебна ѕвезда, зрачи со позитивност. Знам дека Бог има големи планови за него.“
Четиригодипниот Дариан, изгледа како сосема здраво момче, а од фотографиите кои ги постира неговата мајка на Инстаграм се забележува дека е постојано насмеан и позитивен.
Маријана го отвори Инстаграм профилот насловен myhalfheartstory, како платформа на која јавно ќе зборува за состојбата на нејзиниот син, со цел што повеќе родители да се запознаат со случајот и да порча дека „синдромот на хипопластично лево срце не доаѓа со упатство.. Доаѓа со родители кои никогаш не се откажуваат од своето дете и силно веруваат во него“.
Дариан и неговите родители живеат во Германија, каде всушност и се родил тој.
Голема предност е, вели Маријана дека таму не се сами, таму се и нејзините свекор и свекрва, татко и' и мајка и'.
- Секако нашите родители ни беа и ни се секојдневна поддршка и многу сме им благодарни за тоа, но јас и мојот сопруг во тие моменти си бевме нај голема поддршка, и ден денес сме, затоа што ние како родители тоа најмногу го чувствувавме на нашиот грб. Тоа за нас беа најтешките моменти што сме ги доживеале и не бевме воопшто подготвени за тоа што ни се случи - искрена е мајката на Дариан.
„Колку и да мислиш дека никогаш такво нешто не би можел да издржиш, кога не ти е даден избор едноставно мораш. Се работеше за нашето дете, моравме да издржиме се за негово подобро утре. Кога гледавме како Дариан со насмевка се справува со секоја препрека, ние не си дозволувавме да паѓаме психички. Многу од медицинските сестри честопати знаеја да ми кажат дека супер се снаоѓаме со оглед на тоа колку сме млади.“
Маријана вели дека оваа животна борба драстично ги променила нејзе и сопругот како личности.
-На моменти не можеме да се препознаеме. Не верував дека човек толку може да се промени од лошите случувања во животот. Станавме понервозни, посериозни, по оддалечени од луѓето.. Многу често не ни е до дружба, до муабет и сакаме да сме сами. Не е секогаш така но, ете постојат и тие денови. Мислам дека не може секој да го разбере тоа. Верувам дека само тој што поминувал низ истото или слично, може вистински да разбере како се чувствуваш.
За жал болеста на Дариан е нешто со кое тој ќе се соочува и бори целиот свој живот, за неговата болест сеуште не е измислен лек. Но, кај неговите родители постои таа надеж дека тоа некогаш ќе се промени. Дека ќе се пронајде тој долгоочекуван лек, тоа долго очекувано решение.
-Толку цврсто верувам во тоа, што дури чувствувам дека тоа ќе се случи набрзо. Иако Хипопластичниот синдром на лево срце е навистина сериозна болест, сепак не дозволувам таа болест да го ограничува многу, сакам да успее во сѐ она што ќе посака и болеста да не му биде препрека да ги исполнува своите желби. Се трудам да е секогаш среќен, насмеан, сит, прошетан. Се надевам дека е среќен и дека чувствува колку е сакан - надежна е Маријана.
За крај ја прашавме Маријана што би ги советувале родителите кои се наоѓаат пред вакви и слични животни предизвици?
-Би ги советувала што и да им се случува да бидат позитивни и да веруваат во нивните бебиња. Многу сила се крие во тие мали, невини суштества. Бидете покрај нив и давајте им ја цела своја љубов, тие тоа го чувствуваат. Вашата љубов и присутност ќе им даде сила да го издржат секој животен предизвик!
*Љ.И