,

(ФОТО) ДЕТСТВОТО НА ПОЗНАТИТЕ

Ех, се би дале да се вратиме во детството. Да ги немаме овие грижи, по цели денови да играме без никакви нервози. Сите се навраќаме на овој, според многумина, најубав период во животот. Носталгични сме по тие времиња, евоцираме спомени чепкајќи по семејните албуми, а не ретко такви фотографии споделуваме и на социјалните мрежи. Тоа го прават и познатите Македонци, а ние ги собравме на купче и ви ги презентираме во продолжение.

ЕЛЕНА РИСТЕСКА

Уште од мала покажала амбиции кон пеењето, пишувањето поезија, цртањето.. Има добиено над 20 награди на ликовни конкурси. „Многу сакав да си играм со барбики, тетрис, книжни кукли, а многу мала и почнав да цртам модели и креации за моите барбики, многу често шиев и облека за нив, а тоа го учев од мајка ми“, откри Ристеска во една прилика.

ВИКТОРИЈА ЛОБА

Познатата пејачка на седумгодишна возраст, на нејзиниот прв училишен ден во Русија. Во една прилика откри дека до оваа фотографија која ѝ е врамена, ја чува иконата подарок од Отец Дејан. „Како дете, додека живеев во Таганрок (родниот град на Чехов), си играв со матријошките, кои тука ги нарекуваат бабушки. И затоа си ги чувам во дневната соба, како еден убав спомен. Во Македонија поголемиот дел од детството го поминав во детско драмско студио на Магдалена Ризова Черних. Тоа искуство ми донесе многу пријатели и самодоверба во однос на чувството на сцена“, раскажа Лоба во интервју за „Точка“.

КАТАРИНА ИВАНОВСКА

Македонската манекенка и модел со интернационална кариера фотографирана на тригодишна возраст. Во повеќе наврати Ивановска откри дека во детството имала повеќе другари, дека во таа рана возраст едноставно не била многу вешта во комуникацијата со останатите девојчиња.

ТАМАРА ТОДЕВСКА

Тамара со нејзиниот татко, поранешниот професор по контрабас на Факултетот за музичка уметност, Велко Тодевски. Нејзината сестра Тијана во една прилика откри дека познатата пејачка уште од мали нозе била темпераментна, бунтовна, но и многу талентирана.

ИГОР ЏАМБАЗОВ

Познатиот актер, музичар, писател и шоумен со неговата сестра Тања која по професија е архитект и со децении живее надвор од Македонија.

Ѓ.С.