20 убавици на едно место, но само една со можност да ја добие круната која ќе ја однесе во Мексико на Избор за Мис Универзум

Добивај вести на Viber

Македонија оваа година за првпат ќе има своја натпреварувачка на светскиот натпревар Мис Универзум во организација на модната агенција „Даман“ од Турција.

Натпреварот за убавина, Мис Универзум на жените им овозможува да се истакнат не само со својата убавина, туку и со својата визија и вредности, а со кои можат да придонесат во општеството.

Светскиот избор годинава ќе се одржи на 16 ноември во Мексико Сити, и тој слави културна различност, поддржува проекти за општествена одговорност и воедно ги спојува сите култури и различности од целиот свет. 

Минатата година манифестацијата се одржа во Сан Салвадор, а круната ја однесе 23-годишната Шинис Паласиос од Никарагва. Минатогодишниот избор беше впечатлив и по тоа што во финалето поминаа и две трансродни кандидатки, што беше прв ваков случај во историјата, а тоа беа убавиците од Португалија – стјуардесата Марина Машечи, и Рики Коле од Холандија. 

„Среќни сме што ја добивме лиценцата и поддршката на Мис Универзум, а воедно и можноста да организираме ваков голем настан кој ќе се одржува секоја година“, велат од модната агенција „Даман“. 

Домашниот избор Miss Universe - North Macedonia ќе се одржи на 8 -ми октомври во Националната опера и балет, а учество ќе земат 20 девојки од целата земја. 20 убавици на едно место, но само една со можност да ја добие круната која ќе ја однесе во Мексико на 73. Избор за Мис Универзум каде заедно со уште 130 девојки од целиот свет ќе се бори за престижната титула.

Фото: Dzole Photography