8 Март - Празник заглавен помеѓу пиететот кон борбата на жените за своите права и потрошувачкото лудило
Меѓународниот ден на жената, 8ми март, кај нас, па и во светот, се одбележува согласно правилата на неолибералниот капитализам, кој во својата основа, ја превртува целта на празнувањето од пиетет кон борбата на жените за своите права и слободи во потрошувачко лудило со кое суштински се негира самото одбележување на денот. Тоа секако е и во согласност со патријархалните принципи на супремирање на жената и нејзино сведување на „предмет“ на „обожување“ преку материјални подароци, најчесто козметички производи, кои и самите по себе се рецидиви на машките визии за намирисана, дотерана жена-домаќинка. За да се почитува положбата на жената во општеството треба пред сè да се има јасна слика за тоа каква е таа положба- вели Кристина Плечиќ Беќарова, од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА.
Најмалку важен за значењето на овој ден смета дека е комерцијалниот аспект, меѓутоа, земајќи ги предвид пазарните вредности на денешниот јавен дискурс,тој аспект, за жал, ја зема централната улога. Во прв план како што вели треба да се стават историските и општествени значења на овој ден, бидејќи, суштината на борбата за рамноправност, во основа е од социјален карактер, па борбата за правата на жените во светот на патријархалните структурирани општествени параметри е пред сè уште една голема борба за социјална правда.
„Како што голите гради на сликата на Делакроа за време на француската револуција не се сексуален симбол туку симбол на социјална правда така и 8 март не е борба за правата на еден пол туку пред сѐ за економска, политичка и социјална еднаквост.Празникот треба да се празнува како алармна ламбичка која ќе трепка сè додека не се достигнат суштински рамноправности на родов план“- вели Плечиќ Беќарова.
Родовиот јаз смета дека е присутен во сите сфери на општественото живеење, во економската, политичката, социјалната и здравствената сфера.
„Нееднаквоста се забележува почнувајќи од семејното јадро каде на жената ѝ се наметнува одговорноста за извршување на домашните обврски, преку пазарот на трудот каде жените се соочуваат со системска дискриминација па се до извршната власт на државата каде жените се застапени во незначителен процент. Но, според мое мислење, не е потребно никакво почитување, потребно е, еднаш за секогаш, да дојдеме до стадиумот кога еднаквоста ќе се подразбира и нема да зборуваме за никакво почитување на едниот или другиот пол“ – објаснува Плечиќ Беќарова.
Она што загрижува е што повеќе од една деценија во земјава се бележи уназадување на родовата рамноправност. Жените се соочуваат со многу бариери во целта да земат активно учество во процесите на одлучување, тргнувајќи од традиционалните норми и вредности за улогата на жената, до препреките со коишто се соочуваат во политичкото делување и напредувањето со кариерата.
„Во изминатите десет години па и повеќе, во Македонија се бележи значително уназадување на родовата рамноправност, репродуктивните права на жените и правата на ЛГБТи заедницата. Меѓу другото, беше усвоен ограничувачки закон за абортус, беа спроведувани владини кампањи со кои се зацврстуваат родовите стереотипи, се водеше јавен дискурс со кој се поттикнува омраза кон луѓето со различна сексуална ориентација. Во повеќе јавни изјави од владини функционери и религиозни лидери, едногласно, беше истакнато дека жената треба да за заземе традиционалната потчинета улога и дека одбивањето на оваа улога е една од главните причини за растурените бракови и намалениот наталитет. Неодамна, три национални радио станици, се осмелија да емитуваат кампања наменета за „еманципираните кучки“ кои во трката по кариери ја загубиле својата женственост. Кампањата порачуваше: „Еманципирани жени со доминантни фрустрации, освестете се, станавте мажи“. Осмислувачите на кампањата, очигледно, се исплашени да не дојде до губење на историски доследно негуваната „женственост „на жената и нејзиното поимање како „понежниот“, а со тоа и „послабиот“ пол, па, како таков, таа биолошки е одредена да биде водена, а не да води“- додава програмската координаторка на ХЕРА.
Иако се направени значајни исчекори за унапредување на учеството на жените во политичкиот живот, родовиот јаз како што вели во оваа сфера, и понатаму останува предизвик.Вклученоста на жените на клучните политички функции (министерските и градоначалничките позиции), и раководни позиции во државните и јавни институции е сѐ уште многу мала. Имаме само 4 министерки од 23 министерски позиции и 12 градоначалнички од вкупно 208 кандидати за градоначалници.
„Во изминатата деценија беа направени бројни законски подобрувања и активности насочени кон подобрување на статусот на жените во јавниот живот. Се донесе Законот за еднакви можности помеѓу мажите и жените кој дава институционална рамка за заштита од родова дискриминација, беа создадени институционални механизми за промовирање на родовата еднаквост во рамките на државната администрација (Секторот за родова еднаквост во Министерството за труд и социјална политика, координатори за родова еднаквост поставени во сите јавни, државни и локални административни тела, како и Комисија за родова еднаквост во локалната самоуправа и парламентарната комисија за еднакви можности). Освен тоа, се усвои сеопфатна стратегија за родова еднаквост (2013-2020) како и Стратегија за родово буџетирање која би требала да обезбеди користење на државниот буџет во насока на промоција на еднаквоста. Меѓутоа, тоа што недостасува е спроведување и следење на тие политики во пракса, главно, заради недостиг на човечки и финансиски ресурси, ограничени капацитети на администрацијата и неусогласеност на стратегиските цели“- додава координаторката на Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
Статистиките покажуваат дека само 33,8% од работоспособните жени се вработени. Иако се пообразовани од мажите, мнозинство жени во земјава сè уште работат на најслабо платените работни места, без никакво осигурување, безбедност и заштита на женските работнички права.
„Во 2015 година платформата за родова еднаквост направи анализа за економската позиција на жените во Република Македонија. Според анализата, економски фактори кои влијаат на лошата економската позиција на жените во Македонија се: висока економска неактивност, дискриминација на пазарот на трудот, долго чекање за прво вработување, родов јаз во платите, неразвиеност на женското претприемништво, слаба синдикална организираност и заштита. Додека, социјалните фактори кои влијаат врз економската позиција на жените се: посветеност на работата во домот и нееднаквото користење на правото за родителско отсуство. Овие податоци за постоење на родов јаз во активноста на пазарот на трудот и во платите значи дека жените имаат полош животен стандард и се поизложени на сиромаштија, но исто така ова ги прави и зависни од мажите и од нивните семејства. Најизложени на овие ризици се жените од руралните подрачја каде невработеноста и неактивноста на жените на пазарот на трудот се најизразени“- нагласува Плечиќ Беќарова.
При крајот на минатата година кога се ратификуваше Истанбулската конвенција со која се воспоставуваат правно-обврзувачки стандарди за спречување на насилството врз жената, вклучувајќи и домашно насилство, за заштита на жртвите и за казнување на сторителите се направи огромен исчекор за подобрување на состојбата на жената која трпи разни форми на насилство.
„Кога зборуваме за насилството врз жените во Република Македонија, мора да се спомене дека постоечките политики и практики всушност се однесуваат на семејно насилство. За сега, земјата има формален систем за постапување само за случаи на семејно насилство и одредени програми за спречување на трговија со луѓе. Сите други форми на насилство врз жената се практично изоставени. А, насилството врз жените, корените ги влече од родово заснованата дискриминација и нееднаквата распределба на моќ меѓу мажите и жените“- потенцира координаторката на Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
Во моментот се подготвува Акциски план за имплементација на Истанбулската Конвенција преку кој државата ќе се обврзе на усогласување на сите закони со Конвенцијата, вклучително и Кривичниот Законик како и воспоставување на сервиси за жртви на насилство, согласно стандардите на Конвенцијата. Ова како што вели Плечиќ Беќарова ќе биде долг и скап процес со оглед на тоа што, во моментот, во државата, речиси, и да не се нуди системска заштита на жртвите на насилство, особено во помалите градови во државата.