Ако имаш нормална личност покрај себе, животот ти е убав, ако имаш будала, да ти се сневиди таквиот живот: Искрено со актерот Маца пред гостувањето во Македонија
Еден од омилените комичари во регионот, Драган Маринковиќ- Маца, наскоро доаѓа во Скопје и во Битола, за да ни ја пренесе пораката со која многу мажи, а и жени ќе се сложат, каква ти е жената, таков ти е животот. Вака се вика неговата авторска претстава која на 27 ќе се игра во Филхармонија во Скопје, а на 28 мај во Битола, во Центарот за култура. Жената на шарматниот сараевски актер и режисер, Јована која е две децении помлада од него е вистинска убавица и неговата најголема поддршка. Маца и Јована имаа тежок период откако таа ги загуби трите бебиња. Маринковиќ е татко на два сина со кои Јована одлично се сложува, и вели дека би сакал да има 11 деца, цел фудбалски тим. За претставата и за дружењето со публиката, за животот, за Јована и за тешкиот период кој е зад нив, Маца зборува за Женски магазин.
* „Каква ти е жената, таков ти е животот“ е вашата авторска претстава која ќе ја играте во Скопје на 27 мај и во Битола на 28 мај. Како вие субјективно би го опишале она што ќе го гледаме?
- И субјективно и објективно имам најдобра претстава во регионот, што се однесува до нашето говорно подрачје. Така што, претставата е прекрасна, точна, автентична, кореспондира со публиката, има своја порака, наравоучение, и луѓето едноставно го сакаат Маца. Луѓето ја сакаат, ја гледаат, бараат билет повеќе, така што уживам да ја играм. Таа е од забавно-едукативен карактер и секако терапија, затоа што денеска смеата е како лек.
* Успешен актер сте, режисер, водител, во последно време посветен на авторската работа, главно на комедијата. Во времето кога повеќето луѓе велат- не ни е до смеење, вие успевате со хит-комедија да насмеете повеќе од 40.000 луѓе. Што е тоа во Маца што со години успева да ги развесели луѓето?
- Не знам што би кажал, комедијата е најтежок жанр, потешко е некого да насмееш, отколку да расплачеш. Кога го снимаме ова, е роденден на покојниот Зоран Радмиловиќ. Тоа Господ ти го дава, исто како и на оние кои не се меѓу нас, да не ги најбројувам. Јас не ја бројам публиката, градовите, бројот на претстави, мене таа фактографија не ме интересира. Мене ме интерсираат искрените аплаузи на сцената, кога луѓето ќе речат: „Ви благодарам, уживавме“. Една од најубавите критики што ги слушнав, е кога еден мој другар бил во близина на човекот кој ова го кажал: „Ова се најдобрите 20 марки што сум ги вложил во последниве 20 години, хахаха“. Таа претстава беше во Сараево. Луѓето знаат дека ќе е убаво, јас премиерите ги продавам, луѓето уште не виделе за што се работи, а веќе е продадено. Тоа е најдобриот показател дека луѓето ти веруваат, но и дека не смееш да ги изневериш.
* Колку вашиот приватен живот е инспирација за оваа претстава или накратко, каква е вашата жена и каков е вашиот живот во овој пост-ковид период?
- Леле немој, штом ќе ми се спомнат тие болести, мене не ми е арно, не ми се одговара веќе. Јас сметам дека нема пред и по Исус Христос, сите измами на векот не ме интересираат. Многу логично е да има автобиографско, зашто имам години, искуство, живот, ги почитувам и ги сакам жените, ги знам многу, така што има некои работи кои не се автобиографски, туку се темелат на некои работи од приватниот живот. Во принцип, каква ти е жената, таков ти е живот, тоест каков ти е партнерот, таков ти е животот. Ако имаш прекрасна, нормална личност покрај себе, животот ти е убав, ако имаш будала покрај себе, да ти се сневиди таквиот живот.
* Во една ваша објава на Инстаграм велите: Опуштете се, не доцните никаде, сè што се случува, се случува во вистинско време. Дали отсекогаш размислувате за денес, и размислувате ли за тоа што ќе биде утре?
- Секако дека размислувам, за утре размислувам, но денес сум опуштен. Треба да го живееш животот со полни гради. Да речеме наутро, кога ќе ги погледнеш вестите, не знаеш дали некој се измил или се убил. Размислувам јас за утре, знаеме што е дијагнозата, ова се многу турболетни времиња. Последниве години живееме во туболетни, тешки времиња, само ние брзо забораваме. Едноставно, го живееш животот со полни гради, одиш низ животот, крени ја главата, средниот прст уште повеќе, и едноставно нема тука многу памет. Тоа е тоа.. Секако дека треба да се размислува за утре, не сум јас луд. Но, ако почнам да размислувам, дали ќе има греење, дали ќе бидеме гладни... тоа го можат овие будали од Запад кои мазно живеат. На нас ни е тоа нормално, може да имаме леб, а може и да немаме, може да имаме греење и може и да немаме. Кај нас е тоа нормално. Треба да се размислува, но, во секој случај треба и да се опуштиме.
* Ничиј живот не е бајка, а вие имавте една тажна епизода, откако вашата сопруга ги загуби бебињата. Што во тие моменти ве тешеше и направи посилни?
- Немој за тоа те молам. Јас излегов во јавност за да кажам дека нè трујат и едноставно нè убиваат. Затоа што еднаш кога пројдов низ таа агонија, сфатив дека милион луѓе околу мене поминуваат низ истото или веќе поминале низ таа агонија. Демек сите размислуваат, бела чума, наталитет, а всушност ништо не функционира, нè трујат на секој чекор, и луѓето поминуваат низ агонија, да им се плукнам.
* Која е најголемата сличност помеѓу Македонците и Босанците?
- Јас не ги знам тие географски потекла, за мене или си човек или си „лајно“, не знам од кој меридијан си, паралела или така нешто, од која област си, или си човек или не си. Јас сакам да бидам со вас, да ве слушам, мило зборувате, прекрасни сте, но сега да правам паралели... секој од нас има некој свој личен печат, некој вид на милост и автентичност и тоа е она што нè издвојува од другите, и тоа е она што е најубаво. Поздрав на почитуваната публика, во Скопје и во Битола ќе биде премиера, така што големо задоволство ми е. Се гледаме, ве љубам.
Милица Џаровска