Ако некој е болен, пред вратата му оставаат кошнички со храна и лекови: Поранешната тв-водителка Катерина Групче за животот во Германија

Поранешната тв-водителка Катерина Групче, зборува за животот во Германија за време на карантинот и за своите професионални активности

Кате Групче беше водителка и авторка на „Талкачи“, еден од најуспешните проекти на Македонската телевизија, кој се емитуваше од 2011 до 2015 година. Следејќи го својот немирен и авантуристички дух, пред пет години ја напушти земјава и започна нов живот во Аахен, Германија, но не престана да се дружи со камерата.

-Се уште ми недостасуваат дружбите и соработката со мојот колега Илија Грујоски. Не ми беше лесно да ја донесам одлуката, но Германија беше нов предизвик за мојот авантуристички дух. Работев во повеќе области, но никогаш не се откажав од камерата. Паралелно снимав кратки промотивни спотови за компании, бев уредник на Информативен Магазин за бегалци и водев седуммесечен филмски проект со деца, во кој снимивме филм за детски филмски фестивал – нагласува Групче.


СО ДЕНОВИ НЕ СЕ СРЕЌАВАВМЕ СО СОПРУГОТ

Почетокот на адаптација бил тежок. Нова средина, луѓе со различен менталитет, нови правила и многу работа.

-Мојот сопруг, по потекло од Штип, работеше како педагог во камп за бегалци во смени. Се случуваше со денови да не се сретнеме. Ни недостасуваа дружбите, викендите и чаршиските муабети. Впрочем, Германија, особено Северна Рајна Вестфалија, не е за оние кои сакаат секојдневно да пијат кафе во чаршија и да одат неделно на фризер. Едно Лате Макиато во Аахен чини 4 евра, а најобично шишање најмалку 50 евра.Освен што е скапо, кафесувањето ни стана едноставно губење време. И двајцата сме уметници. Мојот сопруг е сликар, а музката ни е заедничка љубов – вели таа. .

Аахен се наоѓа на тромеѓето меѓу Белгија, Холандија и Германија. Освен по автомобилската индустрија и термалните води, познат е како аристократски и уметнички град.

-Пред пандемијата, често одевме на изложби. Меѓу попознатите е онаа во Аула Каролина, каде учествуваат повеќе од 50 уметници од регионот и пошироко. Сликите на мојот сопруг беа честопати изложени таму. И по раѓањето на нашиот син во 2018, не стивна нашата креативност. Адам имаше само неколку месеци кога го носевме на изложби и Госпел концерти а тој плескаше со рачињата во првиот ред – посочува таа и дополнува дека и во Германија била активна со црковното пеење.

-Пеев во Јоy of Gospel - црковен хор предводен од познатите Роџерс од САД.

„Во светот на Госпоелот ме воведе покојната Анет-Марија Галевска, млада талентирана музичарка која го предводеше Скопје Госпел Хорот во Македонија. Никогаш нема да ги заборавам нејзините проби, на кои ја однесов и мојата мајка која продолжи да пее и по моето заминување од Македонија. Оваа зима требаше да одат на настап во Израел,но за жал тоа не се оствари.Таа почина –вели Катерина.


ГРАД НА ДУХОВИ

Германија е повторно во карантин, поради корона пандемијата. Но за разлика, од првиот пат, луѓето сега се посмирени. Нема паника, ниту празни полици во маркетите.

-Аптеките, продавниците за храна, поштата и ординациите,никогаш не се затвораат. Секој носи маска во затворен простор , во продавница секој мора да има една количка за купување за да се запази растојанието од 2 метри. Се избегнуваат дружби, а хигиената е зголемена. Кивањето на јавно место е незгодно, веднаш сите се тргаат настрана од страв. А во аптека ако купуваш парацетамол, со сомнение те прашуваат дали си бил на лекар, бидеjќи ако те боли нешто веднаш помислуваат на Ковид.

Од друга страна пак се многу хумани, секој секому помага. Ако некој е болен, пред вратата му оставаат кошнички со храна и лекови. Луѓето прифатија да живеат во ова чудно време, научија да бидат авангардни и ексцентрични со пораснати несредени коси и бради. Најмногу ми е жал за децата. Растат осамени, без баба и дедо, без братучеди и другари. Го одложивме патувањето и за Будимпешта, каде што живее сестра ми. Не сме ги виделе ниту нашите родители, кои пак живеат во Македонија повеќе од една година – појаснува Кате.


Германија е поделена на 16 покраини. Во секоја покраина, во секој град во зависнот од ситуацијата важат различни правила.

- Карантинот во нашиот град започна во декември и често се продолжува.Токму пред една година на карневалот во Хеинсберг кој е оддалеччен 50 км од градот каде што живееме започна ширењето на Ковид19. Се шпекулира дека ќе трае до Велигден. Дозволено е патување само во радиус од 15 км. Полицискиот час трае од 21 до 5 часот наутро. По 18 часот, нема никој по улиците , наликува како град на духови. Сите ролетни се спуштени, а по улиците се забележува претежно поштанско возило, бидејќи секој нарачува по интернет. Личните контакти се ограничени – тројца на едно место појаснува Групче и дополнува дека и во карантинот ужива со сопругот и синот.


-Се трудиме да живееме здраво. Морам да и се заблагодарам на Цвета Динева од Диетклуб од Скопје. Таа е мојот херој нутриционист, која ја познавам повеќе од 10 години. Нејзините рецепти не држат здрави во овој период. За нас 2020 година беше инспиративна. Почнав да пишувам книга за искуствата во бегалскиот камп, а во меѓувреме снимивме нова песна во нашето домашно студио. За жал овој пат само јас и сопругот, без третиот член на нашиот бенд „The Crew“ , Адамс Поликарп ,кој живее во Македонијa. Исто така, со сопствена опрема снимивме спот за поранешна песна, снимена во продукција на Ропберто Поп Димитров од Штип. Се запишавме на дополнителни вонредни студии , мојот сопруг на график дизајн, а јас на проект менаџмент. Предизвикот беше голем, и во период на карантин успеваме, со онлајн предавања и тоа да го пребродивме– заклучува Катерина.


Соња Алексоска Неделковска