Алачки: Седум месеци лежев неподвижна, во карантин

Добивај вести на Viber

Со емотивна честитка, Адријана Алачки ѝ го честиташе 31. роденден на својата ќерка Грациела на својот Фејсбук профил. Пејачката, автор на емисијата „Вкусот на традицијата“ и претседател на здружението „Гастромак“, вели дека имала многу тешка бременост. Тогашната нејзина седуммесечна изолација, таа ја споредува со денешната, поради опасноста од ширењето на коронавирусот.

„По седум месеци од мојот карантин во ГАК Скопје се роди моето прво чедо, мојата прва љубов Граци. Лежев неподвижна во кревет седум мееци. Имав патолошка бременост, станав од кревет дури во деветтиот месец. Сега, кога велат дека треба да бидеме еден месец во карантин, мене не ми изгледа како долго време. По седумте месеци што ги поминав во кревет, денес си велам дека ништо не е тешко. Човекот е посилен од сѐ, ме водеше совесноста, упорноста и желбата своето дете да го донесам на свет“, изјави Адријана за Женски магазин порачувајќи на сите да бидат упорни и совесни, одговорно да се однесуваат кон своето здравје за доброто на сите. 

„Овој период сум со син ми по дома, не одиме никаде. Само готвам по сто пати на ден“, низ насмевка вели Алачки.

Нејзината ќерка Грациела и зетот Игор се родители на петгодишната Јана, за која Адријана често вели дека е нејзината најголема радост. 

„Целиот мој живот се промени, тоа што мојата мајка ми го кажуваше, дури тогаш ѝ поверував. Нитиу деновите, ниту ноќите не беа исти, спокојни како порано. Првото запознавање, доење, запче, плач, насмевка, болка, сè делиш со него. Заминуваш на работа и мислите ти се само кај твоето дете, едноставно само тоа ти е важно. Расте, се менува, го следиш, ги живееш и неговите успеси и проблеми, сè додека не се освестиш дека веќе твоето дете, не е дете. Тоа дете има дете, семејство свое, свој човек е. И тогаш мислите се на квадрат. Повторно од почеток. И така, само го молиш Бога да се сите здрави и живи, затоа што тоа е само желбата на секој родител. А да не зборувам кога ќе доживееш да твоето дете прераснало во здрава личност, морална, интелектуална и светска, а од скромност блика. И тогаш важи пораката дека големината и вредноста на еден човек лежи во неговата скромност и едноставност. Тоа е мојата Граци, мојата секојдневна инспирација и дамарот мој. Среќна, здрава, жива, секој Божји ден, посебна си сонце, единствена“, вели Адријана за својата ќерка. 

М.Џаровска