Александар Митевски за починатата режисерка Виолета Џолева: Светот изгуби голем уметник, кој им помагаше на сите – таа инсистираше дека треба да го направиме дуото со Дац
По кусо боледување, на 71 година почина театарската и ТВ режисерка Виолета, Џолева, една од најплодните македонски режисерки.Mеѓу последните претстави ѝ беа „Партија реми“ во Драмски театар во 2018 и „Земја во која не се стигнува“ според текст на Оливера Николова во Театарот за деца и младинци (ТДМ).
Дел од тој проект беше и авторот и пејач Александар Митевски, кој Џолева ја познавал уште од средношколските денови.
- Виолета беше прекрасна личност и одличен соработник.Имаше способност да го оживее секој проект што ќе го допреше. На телевизијата, во театарот, секаде.Голем креативен борец, занесеник да го донесе убавото на пиедестал, да ги подреди вистинските вредности на полицата на историјата. Ја знам од моите средношколски денови и почетоци и бев добар другар на нејзината ќерка Невена со која учевме заедно. Веруваше во мене од првиот ден како автор и музичар и животот посака пред неколку години да го работиме заедно детскиот мјузикл за Зоки Поки “Земја во која не се стигнува” на текст на Оливера Николова и музика на Алексанар Џамбазов. Во тој период таа посакуваше и инсистираше мојот глас, музика и текстови да се спојат со актерскиот талент и музикалност на Дац во ова денешно дуо. Беше горда што правиме нешто посебно. Постојано и несебично ми делеше совети кои вредеа злато, базирани на нејзиното големо животно искуство. Можам само да кажам дека светот денес изгуби еден голем креативец, перфекционист, силна жена која многу знаеше и ткаеше љубов во сé она што работеше. Ќе ја паметам засекогаш. – вели Митевски.
Виолета Џолева е родена на 16 јули 1951 година во Скопје.
Дипломирала во 1974 година на Театарската академија во Белград. Била член на Радиодрамата, режисер во МРТ Скопје, режисер во камерниот театар во Сарево, драматург и режисер во Македонската Радио Телевизија, а неколку години била и слободен уметник.
Цели 44 години работела како театарски режисер, а 26 години како режисер на телевизиски проекти во МРТВ.
Во 2018 година во Драмскиот театар ја режира претставата „Партија реми“, а во Театарот за деца и младинци, мјузиклот „Земја во која не се стигнува“, според текст на Оливера Николова и со музика на Александар Митевски.
Во 1974 година дипломирала на сцената на Драмски театар со претставата „Хенри IV“ од Пирандело, а во истиот театар ги режирала и „Дамите од Аламо“ и „Чест“ од Васил Иљоски. Режирала и многу независни проекти, како што се „Црнила“ на Коле Чашуле, „Претседателки“, „Слугинки“ на Жан Жене, „Белите коњи“ на Петре Бакевски, „Килиба“ на Југослав Петровски, првиот македонски мјузикл „Чија си“ по либрето на Сашко Насев, а со музика на Славе Димитров во Универзална сала. За Дирекцијата за култура и уметност, односно за „Скопско лето“ ги режирала претставите: „Светулки во ноќта“ кај „Кермес“ во Градскиот парк, „Пат за Парамарибо“ кај Старата железничка станица, „Техноѕвезда“, „Горјаболко“, „Александар Велики – Расин“.
Уште како дете на 8 години станала член на Детската радиодрама на Радио Скопје во 1960 година. Со Ревискиот оркестар на ТВ Скопје снимила околу 300 детски песнички, компонирани од маестро Александар Џамбазов, за потребите на детските серии „Зоки Поки“, „Наша крстозборка“ и други.
Во Македонската телевизија режирала околу 5.000 телевизиски емисии, документарци, портрети, играна програма, емисии од музичко-забавен карактер, како и видеоарт емисии.
Живеела и творела во Скопје, Сараево и САД, а најдобро се чувствувала во својата викендичка во Дојран.
(С.А.Н)