АНКЕТА: Следат ли дамите од јавниот живот натпревари и дали ги нервираат мажите опседнати со фудбал?
Почна еуфоријата на Европското првенство. Разочарувањето што ја нема Македонија меѓу 24-те репрезентации владее кај сите, без разлика дали се фанатици или само обожаватели на најглавната споредна работа на светот.
Фудбалот не е привлечен само за мажите.
Тоа го потврдија и дамите од јавниот живот.
Снеже Велков ја сака еуфоријата на секое големо натпреварување.Сплотеноста на навивачите и надежта која тлее кај секој еден е енергија која ретко каде се сретнува на друго место.
-.Не постои ниту една друга таква магија која во истовреме може да обедини толку луѓе, а сите да се на различни места на планетата Земја.Порано бев голем фанатик, ги гледав сите до еден натпревар, а на времето кога имаше видео, дури и ги снимав натпреварите од првенствата.Сега не сум толку посветена, но уживам да гледам посебно кога играат „моите".Моето срце е со Италија од секогаш.А последниве години и Хрватите како најблиски.А зарем сите не ја паметиме еуфоријата на Македонија на Европско.Сум собирала сликички од Панчев,преку Драган Стојковиќ,Роберто Баџо и Алесандро Дел Пијеро.А поголема радост од Горан Пандев кога ми се падна за да го залепам во албумот немаше. – вели Велков, која оди на стадион со фул опрема: дрес,знаме,шал,капа и свирче.
- Најгласна сум кога викам:„Јави се, Јужна!“ Да ја бодриш својата земја на трибините е посебно чувство на гордост. Мажите што се собираат што се опседнати инавиваат ич не ме нервираат.Тоа се машки муабети, пандан на нашиот женски шопинг и трач муабет.Така што моја поддршка, момци.Пијте една тура од мене! А поддршка и за оние момци кои не ги интересира фудбалот.Европското првенство е голема предност за момците кои не гледаат, оти шансите да ќарат девојка дупло им се зголемуваат, така што-трк во лов. – заклучува водителката.
Кога сте сопруга на најдобриот македонски фудбалер, тогаш фудбалот е постојано присутен во домот. Маја Гроздановска Панчева го следи и ова првенство со сопругот Дарко Панчев.
- Не успеав да ги гледам сите натпревари. Но кога играат репрезентациите од регионов секогаш ги гледам. Навивам за Србија, Хрватска и Словенија. А главни фаворити ми се Англија и Германија. - открива пејачката.
Андријана Јаневска фудбалот го следи од 1990 година и отсекогаш навива за Холандија, така ќе биде и на ова првенство.
- Не ме нервираат мажи опседнати со фудбал, имам разбирање бидејќи фудбалот е еден од најинтересните спортови. Не се обложувам, не се кладам, само сакам да уживам во спортот со добро пивце.. Сум била неколку пати на стадион да ја поддржам македонската репрезентација. - открива Јаневска.
Иако не е фудбалски фанатик Тамара Тодевска, но поради нејзиниот син Дарен,кој го сака фудбалот, и таа е во тек со натпреварите.
- А, фудбалот и првенствата секогаш потсетуваат и на лето и одмор - така што убавае целокупната атмосфера која се создава.Секако дека ја гледам македонската репрезентација и малку ми фали таа еуфорија која постоеше, кога и ние учествувавме на последното Европското првенство.Воопшто не ми пречат мажи кои следат фудбал, сепак фудбалот е најважната споредна работа. Не би одвоила репрезентација за која навивам, но посакувам повеќе среќа и успех за нашите соседи и земјите од регионот кои учествуваат. Некако природна ни е релацијата со нив, па така нека биде и овој пат. – открива Тодевска.
Дани Димитровска нема фудбалска манија. Од друга страна, немапроблем со таа еуфорија.
- Напротив, спортската култура исто како и музичката, обединува и тоа е убавината во дадениот момент. Инаку, кога игра македонска репрезентација во било кој спорт, со задоволство и возбуда следам и навивам. – посочува Димитровска.
Милена Антовска Станковска ова Европско првенство не го следи постојано за разлика од претходните.
- Не ме нервираат мажи што гледаат фудбал, затоа што сепак станува збор за спорт и тоа е убаво. Подобро со тоа да се опседнати, отколку со нешто друго. Ја сакам Италија, но кога играат балканскиве земји, навивам за нив, некако така ми доаѓа. - вели водителката.
С.А.Н
Фото: Инстаграм/ Freepik.com