Апстрактните дела на Ана Митевска ја освоија Јапонија: Добив покана за интервју за познат магазин кој промовира талентирани уметници од целиот свет

Добивај вести на Viber

Кога се сака, се стигнува и до Осака, Јапонија. Фактот дека со помош на денешната технологија само со еден клик може дури и на другата страна на светот некој да дознае за она што го работиш, е можеби едно од најпозитивните нешта во виртуелниот свет. Сега е многу полесен патот за апстрактните дела на Ана Митевска „да паднат во очи” на оние кои ја вреднуваат уметноста и ја препознаваат љубовта и посветеноста врамена во делата.

- Неодамна, на мое огромно изненадување, ми пристигна поканата за интервју за еден многу познат јапонски магазин „Aatonau” и воедно платформа на која се промовираат талентирани уметници од целиот свет, чие седиште се наоѓа во строгиот центар на Осака. Изненадена бев од стручниот тим на куратори и нивната посветеност и мисија за поврзување и претставување на уметниците со глобалната публика. Статијата насловена „Живописниот свет на апстрактниот експресио-низам” ми помогна да остварам контакти кои се навистина важни за мене и за моите следни претставувања надвор од границите на нашата земја. Ќе се обидам да ја презентирам уметноста на која сум посветена и моја искрена желба е овие „пејсажи на умот” да бидат видени од што е можно повеќе луѓе во светот. Тоа и ми е главната идеја водилка, не материјалната валоризација, туку можноста да ја покажам мојата „врамена љубов” пред публиката која сака да види и вреднува убави нешта. Затоа велам, кога нешто се сака, лесно се стигнува и до Осака, па и секоја уметничка точка на светот. – открива Митевска, која бескрајно ќе биде среќна ако со својот пример стане инспирација, многумина да го пронајдат и уметникот во себе. 

Нејзината приказна со сликарството започнала пред повеќе од една деценија. Експериментирала со различни стилови, форми, текстури и бои, обидувајќи се да се пронајде себеси во уметноста. Гледајќи ги делата на големите сликарски мајстори од кои учела, се восхитувала на нивната експресија и колоритност.

- Сосема природно во мене се роди љубовта кон апстрактната уметност. За тоа мое патување во царството на силните емоции, каде боите слободно танцуваат на платното, може да се раскажува до недоглед. Токму и затоа се определив за апстракцијата. Затоа што таа ни овозможува да ги истражиме длабочините на нашата имагинација и нѐ предизвикува да го видиме светот низ поинаков обіектив.Апстрактната уметност не говори за тоа што го гледате, туку тоа што го чувствувате.Таа е одраз на душата на уметникот и покана за другите да се поврзат со нивната.Во апстрактната уметност, уметникот создава визуелна симфонија од форми, бои и текстури, дозволувајќи му на гледачот да ја доживее хармонијата во хаосот. - посочува сликарката која вистинското патување во светот на уметноста го започнала минатата година, придружено со звуците на саксофонот, кога ја претставила првата самостојна изложба насловена „Саксофон” во Кинотеката на Македонија.

- Беше тоа прекрасно дружење во име на уметноста и една мулти-медијална приказна за посетителите, одлична фузија на моите дела и звуците на врвниот инструменталист, саксофонист Горан Папаз.

- На почетокот на оваа година започнав да се подготвувам за втората изложба насловена „Пејсажи на умот”. Работејќи најактивно во Корона пандемијата, се сеќавам дека беше навистина компликувано да обезбедам работен простор. Поголем број од делата ги создадов или започнав буквално дома, во бескрајните карантини. Во меѓувреме, се појави можност да ја реализирам и мојата потајно скриена желба, конечно да имам и свое уметничко катче, работен простор каде што ќе ги соберам сите насликани платна. И така некако, сѐ си одеше според планот. Во април, годинава, го отворив моето ателје, уметнички концепт-простор каде ги подготвувам, но и каде се изложени моите дела за продажба. Тука секојдневно имаме инспиративни средби со обични љубители на уметноста и дискутираме за делата кои се своевидни приказни. – вели Митевска.

Најмногу ја радуваат позитивните критики и реакции на оние луѓе кои ни малку не ја познаваат, но преку начинот на кој се изразува во делата, се чини како да ѝ го гледаат внатрешниот свет.

Соња Алексоска Неделковска